Култура

„Медена земја“ и „Фолтин“ го затворија „МакеДокс“ (галерија)

На последната вечер, од затворањето на „МакеДокс“, во преполнетиот Куршумли Ан, со бурен аплауз беше поздравена комплетната филмска екипа на „Медена земја“ заедно со членовите на групата „Фолтин“ пред публиката по премиерната проекција на филмот. 

 

Со бурен аплауз беше поздравена одлуката на жири за наградата „Млад кромид“, што се доделува за филм на нови автори, награда којашто „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ја доби „поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап“. 

Филмската екипа потенцираше дека по бројните проекции на филмските фестивали и бројните награди што филмот ги добива низ светот, оваа беше најзначајната проекција за нив, бидејќи беше прва пред домашната публика.Одговарајќи на прашања од публиката поврзани со филмот, главната протагонистка Атиџе Муратова ја откри магијата за нејзината прва средба со филмската екипа, велејќи дека „имала животна мака што сакала некому да ја каже“ и дека режисерите Тамара и Љубомир ја пронашле во најтешките моменти во нејзиниот живот. Третиот момент, кога публиката не се штедеше од ракоплескање е кога  Атиџе се качи на сцената и испеа неколку песни од нејзината традиција на средината од концертот на „Фолтин“.

Последната вечер на 10. „Македокс“ помина со огромен интерес на публиката, а Куршумли-ан беше исполнет до последното столче. „Дојдовме до крајот на јубилејното 10. издание на Македокс. Ова беше прекрасна година со импресивни впечатоци за нас, а огромниот интерес и сѐ побројната публика се награда за целиот фестивалски тим на Македокс. Би сакала да им се заблагодарам на сите нив, на вас како публика и на сите гости кои убава атмосфера годинава“, рече селекторката на главната програма, Петра Селишкар, на затварањето на фестивалот.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ се одржа од 21 до 28 август во Куршумли-ан и МКЦ, прикажа 70 документарни филмови во повеќе категории, од кои десет беа од македонски автори, организираше форум за копродукција заедно со Медиа Деск МК, имаше работилница за копродукција со Јана Цисар, мастер-клас одржа светски познатиот документарист Виктор Косаковски, беа поставени две изложби и, секако, круна на фестивалот беше премиерата на „Медена земја“, филм кој веќе е кандидат за наградата Оскар и за наградите на Европската филмска академија.

 

Автор:

Слични статии