Култура

Фатих Акин: Најдобрите нешта во животот на човека се различните искуства

Вчерашниот ден на Интернационалниот филмски фестивал на камера „Браќа Манаки“ помина во знакот на средбата со славниот режисер од Германија, со турско потекло, Фатих Акин и неговиот кинематографер Рајнер Клаусман кои во преполнетата сала при Домот на културата во Битола, зборуваа за нивните заеднички дела, почетоците, за последното дело „Златна ракавица“ и одговараа на многубројните прашања. Претходниот ден беше прикажан филмот „Златна ракавица“ во Домот на културата во Битола, а пред проекцијата излегоа Фатих Акин и Рајнер Клаусман. Фатих Акин го изрази задоволството што во салата го гледа Едвард Лакман, кој е претседателот на жирито, коешто ќе одлучи за главните награди на 4- издание на фестивалот „Браќа Манаки“, и кој годинава ја прими наградата за животно дело „Златна камера 300“. 

-Мене ми е голема чест што филмот „Златна ракавица“ е на програмата ИФФК „Браќа Манаки“. Ед Лакман е моја инспирација и би сакал да кажам дека вашата работа како филмски творец беше инспирација конкретно за овој филм бидејќи една од актерките од филмот „Paradise love“ ја избрав да глуми во овој филм. Има многу да се зборува за кадрите, снимањето, времетраењето на снимањето, но гледајте на него како на студентски филм и уште повеќе како на спорт, рече Акин.

 Заради големиот интерес на филмофилите и почитувачите на делата на овие врвни мајстори на филмот, закажаната средба во Малата сала на Домот на културата беше префрлена во Големата сала, па околу 200 присутни можеа да ги слушнат мислењата на Акин и Клаусман и да дебатираат со нив по синоќешната проекција на нивниот најнов наслов, контроверзниот треш-хорор „Златна ракавица“.

Акин и Клаусман имаат снимено 8 играни филмови како тандем, почнувајќи од „Солино“ во 2002 година, потоа „Со глава низ ѕид“, „Работ на рајот“, „Соул кичен“, „Раз“, „Збогум Берлин“ и „Од никаде“. Акин како режисер освојуваше награди на престижните фестивали во Венеција, Кан, Берлин… Клаусман – многу добро познато име во светот на кинематографијата со „Падот“ на Оливер Хиршбигл (сторија за последните денови на Хитлер со извонредниот Бруно Ганц) – последнава деценија и пол снима исклучително само со Акин. Во 2017 година ја доби „Сребрената камера 300“ на „Браќа Манаки“ за „Од никаде“, а минатата година беше член на жирито за филмовите во компетиција.

Потсетувајќи ги присутните за развојот на кариерата на Акин, кој во светот на филмот влегол како актер, а потоа продолжил како сценарист, режисер и продуцент, Теодосиевска ги запраша за нивната прва средба. Акин го запознал Клаусман кога имал 21-22 години, кога се обидувал да направи актерска кариера во средината на 90-те години.

-Клаусман беше мошне директен со упатствата на сетот и јас го запзонав мојот кинематографер, бидејќи беше иновативен“, вели Акин. Клаусман, пак, сеќавајќи се на нивната прва соработка вели дека забележал дека Акин бил многу бистар како актер и брзо работел.

Но, нивната прва заедничка работа како тандем режисер-кинематографер се случила на снимањето на третиот автоски филм на Акин, „Солино“. Мене ми е многу битно да работам според мојот ритам, а Акин беше многу љубопитен за сè околу камерата и бргу учеше“, вели Клаусман. Одговарајќи на прашањето на модераторката Теодосиевска како тече нивниот прв ден на снимање, Акин и Клаусман велат дека многу брзо се согласуваат околу евентуалните измени на сетот.

Пријателството со Клаусман трае многу долго, ние сме како во брачна релација. Сакам да учам нови работи, сметам дека надобрите нешта што можат да му се случат во животот на човека се различните искуства. Кога романот „Чик“ стана бестселер, многу сакав да го екранизирам, но филмскиот проект со наслов „Збогум Берлин“ веќе имал режисер. Меѓутоа, шест недели пред да започне да се снима, режисерот отпаднал, па ме ангажираа мене. Филмот веќе имал формирана креативна екипа, се друг кинематографер. Почнав да го снимам, но по три недели и по сложена правна постапка – бидејќи договорите беа потпишани – успеав да го добијам Клаусман како кинематографер во екипата. Убаво е да си „во брак“ со Клаусман, низ смеа објаснува Акин.

Говорејќи за режисерската постапка во нивниот најнов филм „Златна ракавица“, Акин објасни дека филмот го снимал според романот. Инаку, настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во соседството на Аким, а неговиот чичко му бил прв сосед на Франц Хонка. „Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни. Прашував психолог што имало во главата на овој убиец, а тој ми одговори – ништо“, објасни Акин.

Акин и Клаусман објаснуваа и детали за сценографско-кинематограферско-режисерските решенија околу стеснетиот простор на руинираниот тавански стан во кој главно се одвива хоро-драмата во „Златна ракавица“. Сценографското решение за големината на станот е за околу 1 метар пошироко од оригиналниот, меѓутоа како што ги снимавме сцените, така го стеснувавме просторот со поместување на ѕидовите, вели Акин.

На прашањето како ја објаснува индиферентноста на околината на серискиот убиец и можноста тој да делува цели 5 години, и дали таков случај може да се повтори денес, Акин вели дека верува дека може.

-Приказната хронолошки започнува во 1968 година, тоа е таа бунтовна генерација, меѓутоа само во кругот на факултетски образувани млади луѓе и интелектуалци. Во оваа сторија имаме ниска класа која е потоната во алкохолизам во намерата да се заборави минатото и Втората светска војна. Јас и ден денес живеам во истиот тој кварт, за разлика од порано, кога беше третиран како гето на имигранти, денес е фенси дел од Хамбург. Тогаш никој не би се осврнал на примедбите на турските гастарбајтери дека нешто ужасно смрди во соседниот стан, бидејќи тогаш би им рекле дека самите Турци смрдат, вели Акин.

Акин, кој моментално работи на мини-серија за животот на легендарната актерка во Европа и Холивуд од 30-те години на минатиот век Марлен Дитрих, смета дека некогаш карактерите ја водат сторијата на филмот, а некогаш приказната ги формира карактерите.

Околу искуството со работата со светската актерска ѕвезда Дијане Кругер (ја стекна славата со улогата на Елена во „Троја“) во „Од никаде“, Акин искрено вели дека таа на некој начин ја спасила неговата кариера, која во тој момент имала надолна линија. Но, од друга страна, и Акин на некој начин ја спасувал нејзината кариера во тој период.

На прашањето за насилството во неговите филмови, Акин вели дека тоа не може да се избегне како сеприсутно во нашето окружување, кој посочува дека како млад човек сакал гангстерски филмови.

Секој режисер на почетокот мисли дека е најдобар, и тој егоизам не е лоша работа, бидејќи потекнува од неговиот начин на живот во младоста, неговите пријатели. Во младоста имав други инспирации, денес имам други, вели Акин.

Во разговорот што траеше час и половина се вклучи и кинематограферот Едвард Лакман, лауреат на годинешното издание на „Браќа Манаки“, кој на Акин и Клаусман им порача:

Снимајте на филмска лента! На тоа Акин му одговори дека многу би сакал да снима на филмска лента, но денес киносалите се веќе полупразни и публиката е навикната на дигиталната слика, а продуцентите постојано ги намалуваат буџетите. 

Слични статии