Култура

Премиера на „Отело“ во изведба на МНТ и Босанско народно позориште од Зеница

Утре, на 16 ноември, во Босанското народно позориште во Зеница, Босна и Херцеговина, премиерно ќе се одигра претставата  „Отело“ од Вилијам Шекспир во режија на Нина Николиќ, во изведба на актерската екипа од Македонскиот народен театар и од Босанското народно позориште од Зеница. На 4 декември, со почеток во 20 часот ќе биде одиграна скопската премиера на претставата во Македонскиот народен театар. 


Овој меѓународен проект е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Босанското народно позориште, Зеница ― БиХ и Перипетија продукција – Скопје, во кој играат актери од двете земји и тоа: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.
Според драматургот на претставата, Тамара Барачков, третманот на класиката во современите театарски пракси отвора простор за истражување на начинот на претставување на текстот на сцена, но и испитување, во контекст на овдешните прилики на клучните мотиви и проблеми со кои се занимава драмата.
Ова читање на „Отело“ е карактеристично поради радикалниот пристап кон Шекспировиот јазик и стил, што е можеби најочигледната интервенција на текстот. Имавме цел да истражиме на кој начин и во која мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис туку и на прашањата што ги нуди драмата. Така, јазикот стана оголен, директен и лишен од поетичноста, со што се акцентирани и нагласени и актуелни теми денес. Сепак, во одредена мера, поетичноста е задржана само во начинот на говорот на Отело, што претставува уште една негова дистинкција, детаљ што го одвојува овој лик од другите. Исто така, со постапката македонските и босанските глумци да ги играат улогите секој на својот мајчин јазик, додатно се развива поигрувањето со говорот како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање. Јаго во оваа претстава не е олицетворение на злото, туку човек со слабости, несреќен и несигурен, можеби и несвесен дека една интрига и ситна пакост, која ја прави поради одмазда, ќе покрене ланец на крвави, трагични настани. Во таа смисла, немавме цел ниту самиот Отело да го ослободиме од вина и од одговорност за убиството ниту да ги прикажеме неговите дела и однесување исклучиво како последица на сплетките и лагите на Јаго. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство, се проблематизира односот кон жените што го препознаваме и во денешното традиционално патријархално општество.
Сценографското решение е на Вишња Вујовиќ, Ивана Каранфиловска-Угуровска, костимограф, на сценските движења работеше Димитриос Сотириу, текстот го преведоа Маја Трајаноска-Ивановска и Зина Агиќ, Крис Јегер работеше на дизајнот на светло, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.
Билетите за премиерата и следната изведба, која е закажана на 5 декември, се пуштени во продажба преку онлајн системот и на билетарницата во МНТ.