Култура

Ретроспективна изложба на Јован Шумковски во Музејот на современата уметност

Во Музејот на современата уметност во Скопје, од утре, па сѐ до 28 февруари 2021 година, ќе биде поставена ретроспективна изложба на Јован Шумковски насловена „Вода/Ѕид“. Насловот на изложбата е превземен од едно од делата на уметникот како метафоричен сублимат на темите и содржините присутни во творештвото на Јован Шумковски.

Оваа ретроспективна изложба го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија што речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме.

Сликар по вокација, Шумковски досега зад себе има над дваесет самостојни изложби во земјава и во светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и други). Во 1995 година беше претставник на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција. Учествува на многубројни групни изложби и значајни интернационални проекти. Редовен професор е на ФЛУ од 2002 година.

Шумковски својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик кој опфаќа различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата… Постојано подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники (дрвени отпадоци, пигменти, песок, метал, делови од отфрлен мебел, епоксидни смоли, полиестер, бетон, секојдневни предмети, фотографии и др.), ликовниот дискурс на Шумковски е во процес на континуиран и извонредно конзистентен развој. Како што често самиот сака да каже, тој никогаш не започнува со реализација на некое дело или проект доколку во него не може да види никулец и перспектива за неколку идни проекти.

Изложбата Вода/Ѕид, поставена во две галерии на Музејот на современата уметност ја опфаќа токму таа развојна нишка во креирањето на идеите и темите во творештвото на оваа маркантна личност во современата уметност во Македонија. Осмислена од самиот Шумковски, концепцијата на поставката, меѓутоа, не е претставена како линеарна хронологија на тој развој, туку е повеќе еден вид наративна монтажа на повеќе, привидно хетерогени и комплексни тематски планови, но поврзани истовремено по линија на развој на формите или на содржините.

Првата галерија ги спојува, од една страна, раните дела од средината на 1980-те години, во кои Шумковски ги напушта модернистичките принципи на придржување на спецификите и автономноста на ликовните медиуми со серија извонредно инвентивни асемблажи и објекти од дрвени отпадоци и мебел, приближувајќи се до скулптурата и архитектуралноста, и од друга страна, поновиот циклус бриколажни инсталации, објекти, макети и видеа („Р = 1:2/Р=1:200“ настанати во период меѓу 2004 и 2017 година) во кои критички го преиспитува просторот како социјална сфера и утописките аспирации на модерната архитектура.

Изложбата може да се погледне секој ден, освен понеделник, од 10 до 20 часот, а во недела до 13 часот. Куратор на поставката е Зоран Петровски, а проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ, информираат од музејот.

 

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *