Култура

Човекот, љубовта и исконот

(Кон поетската збирка „Бездомни песни“ на Илмар Лехтпере во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2020 година)

 Лириката во себе носи исконски тектоники кои поетите успеваат да ги препознаат и да ги напишат благодарение на својот талент. Емотивниот код на лирската поезија е главниот клуч кој го отвора тој чувствен концепт и стиховите, носејќи со себе метафорични глазури рашируваат пејзаж во кој и природата и урбаната територија говорат со ист јазик: со јазикот на митологијата. Илмар Лехтпере во поетската збирка „Бездомни песни“ го приближува митолошкиот лакмус на исконот до лирскиот вкус на стихот каде што љубовта нема поетна, туку станува бескраен процес на себеспознавање и себеоткривање. Кратката, но силна поетска збирка го провлекува еросот низ тенките иглени уши на танатосот и прави читателот да не ја сфаќа таа средба како клинч, како вечна борба, туку како неопходност на надополнувањето. Имено, смртта е црниот корифеј на она што ние целиот живот го бараме, а тоа е љубовта. Оваа контрадикција, всушност во овие стихови се наметнува како рационален модалитет, но тоа не мора секогаш да е така. Секое суштество што се родило, мора и да умре. Лехтпере во овие песни говори за споменувањето и сеќавањето како духовна вечност, за едни обриси од љубовните игри чии сенки го одржувале нашиот дух и после физичкото заминување на љубената.

Поетската збирка е поделена во два дела: „Селки“ и „Соѕвездијата постојано се менуваат – љубов и Алцхајмер“. Селките, митолошки суштества од шкотската народна литература се т.н. луѓе-фоки. Во овој дел Лехпере говори за тоа вмрежување на човекот во природните констелации, но не како прилагодлив чинител, туку како метаболитички конструкт. Двете негови подолги песни: „Селки“ и „Сон“ говорат за човековото претопување во исконските вертикали. Барајќи го човечкото битствување токму во паралелизмот на емотивната со планетарната чувственост, тој се втурнува во преинсталирање на човечката филозофија најмногу преку рефлективната анализа на природните текови кои без остаток ги детерминираат неговите духовни параметри. И тоа го прави низ кратки, совршено прецизно срочени тихови:

„Заталкав

во твојата шума од песни и вражби

птичји пој

волчји виј

песна од дрва што шумолат

за тишината

дури и тишината тука пее

самовилите се дома“

(„Сон“)

Во овој дел Лехпере говори и за националната препознатливост, за една лексичка поврзаност како дел од духовниот живот, но сето тоа низ лирски пасажи од кои создава мудри, но конвулзивни стихови полни со возбуда и трепет. Лехпере говори за една вистина која е многу далечна, за една неиспитаност и за неодговорени прашања кои го обвиткуваат нашиот духовен корпус и не тераат во никогаш незавршено преисипитување:

„Кога дојде да ме посетиш

Тука во мојот егзил

Драга пријателко

Тоа беше мојот прв конатакт

Со домот

По многу години“

(„Татковата татковина“)

Вториот дел од оваа поетска збирка говори токму за таа есенцијална поврзаност на емотивноста со исконот, но и за понатамошното трагање по вистината за она што било дел од нашиот емотивен концепт, но поминало и останало некаде во „соѕвездијата кои постојано се менуваат“. Илмар Лехтпере не става наслови на овие песни, но читајќи ги имате впечаток дека насловите и не ви требаат затоа што овие песни се надополнуваат една со друга низ филозофката подреденост, но и низ рефлексијата која ги превртува сите љубовни размисли, го преиспитува минатото и посегнува по надреалниот свет како единствениот спас за повторна средба после смртта. Токму затоа и споменав погоре дека оваа поезија не говори за вечната борба на еросот со танатосот, туку за превозмогнувањето на неминовноста и отворањето на тешката порта кон оној другиот, мудриот свет без почеток и крај:

„Но тука во нашиот егзил

Твојот мал надреален свет

Е единственото место

Каде што чувствувам топлина

И љубов

Единственото место

Каде што не сум сам“

После вториот прочит овие песни можат да се прочитаат и како поема, како лирска авантура во која митологијата и исконот не се само знаковни созвучја на вечноста, туку се и еден вид на флуидна гама која авторот многу често ја именува со „љубов.“ Овие стихови испреплетувајќи се низ асоцијативните текови на припадноста, посветеноста и неизвесноста не потсетуваат дека вечниот живот е алхемички спој на легендата и споменот. Лехтпере говори и за татковината и за љубовта и за митологијата, но и за природата. Човекот во неговите стихови е релевантен дел од сето ова во вистинска смисла на зборот. Метафорите во овие стихови се еден вид на изразни катализатори низ кои поетската мисла и лиричноста го облеваат читателот со импресии отворајќи низ прашања за битствувањето и неговата смисла:

„Се нишаме заедно

На работ од пеколот

Каде што страдањето

Одново и одново

Те турка во јамата

Не можам да те задржам

Па паѓам со тебе“

„Бездомни песни“ е стихуван манифест на љубовта и споменот, поетска ѕвездена констелација од која извираат стихови кои имаат призвук на максими, а рефлексијата овој мудар автор ни ја нуди и како поттекст, но и како прашање. Илмар Лехтпере низ остри и импактни стихови говори и за овој и за оној свет и за човекот и за Богот, но и за Богот во човекот.

Рецензија на Сашо Огненовски

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *