Култура

МКЦ стана членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа, Liveurope

Младинскиот културен центар, МКЦ, стана членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа, Liveurope. Станува збор за мрежа на легендарни концертни сали меѓу кои и Melkweg (Амстердам), Vega (Копенхаген), Ancienne Belgique (Брисел) и други дваесетина препознатливи и популарни сали, кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија. Од регионалните концертни сали, кои ја имаат таа привилегија да се дел од оваа позната асоцијација беше единствено културниот центар Kino Šiška од Љубљана, а сега веќе заедно со МКЦ се приклучуваат и Močvara (Загреб), како и Principal Theatre club (Солун).

Liveurope е иницијатива за поддршка на концертни сали во нивните напори за промоција на надоаѓачки европски артисти. Платформата дејствува како сертификат за квалитет, кој се доделува на концертни сали што работат посветено на претставување на европската музичка разноликост. Главната цел на Liveurope е да ја засили програмската понуда на млади европски артисти низ континентот, а истовремено да им помогне да стигнат до што поширока публика. Воспоставена во 2014, платформата Livеurope e прва иницијатива од ваков вид во Европа.

Платформата е координирана од Ancienne Belgique, меѓународно познатата и популарна концертна сала лоцирана во срцето на Европа, Брисел. Потенцијалните кандидати-членки на оваа организација се селектираат врз основа на нивната програма и посветеност во понудата на европски таленти и артисти, како и нивната професионална инфраструктура и меѓународна репутација.

Автор: