Култура

На 27 март ќе се одржи еколошката акција „Часот на планетата Земја“

Оваа година, на 27 март (сабота), со почеток во 20:30 часот по локално време во мрак ќе се одржи Часот на планетата Земја со што над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, вклучувајќи ја и нашата земја, Македонија,  ќе потонат во мрак, со цел испраќање на заедничка порака за спас на планетата Земја и предупредување за климатските промени. Едночасовниот мрак треба да Не потсети дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење, се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

Нашата земја 12 години по ред зема активно учество во еколошката акција за спас на Земјата, обединувајќи стотици илјади луѓе ширум државата во едночасовниот глобален мрак. Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата во Македонија, вели дека поради пандемијата, оваа година настанот ќе се одбележи виртуелно и повикува акцијата да ја префрлиме од улиците во нашите домови, со тоа што ќе ги исклучиме непотребните светилки во период од еден час.

„Нашиот сегашен начин на живеење доведува до катастрофално уништување на природата што ја зголемува нашата ранливост кон пандемии, ги забрзува климатските промени и ја става во ризик нашата егзистенција. Затоа е важно да сфатиме дека секој од нас има моќ да направи промена, а нашата акција е мал поттик и повик за акција кон целиот свет“, додава Ѓорги Селков, организатор на акцијата во Македонија.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата. Историски гледано, Часот на планетата Земја во минатото се фокусираше на климатската криза, но од неодамна, се обидува да го донесе и нагласи прашањето за загубата на природата. Целта е да се создаде незапирливо движење за природата, препознавајќи ја улогата на поединците во креирањето решенија за најгорливите предизвици на планетата.

Инаку, во минатата деценија, Часот на планетата Земја инспирираше глобално учество во критични иницијативи за природата, климата и животната средина, помагајќи во кревање на свеста за проблемите со кои се соочува нашата планета. Изминатите години, движењето помогна во создавање на 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, WWF-Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични кеси, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека пак WWF-Индонезија иницираше засадување на 20.000 садници од мангрови во 13 градови.

Автор: