Култура

По патеката на учителот

(Кон поемата  ,,Бденија Блажеви“ на Томислав Османли, во издание на „Виг Зеница“)

Едно сум сигурен: уште од прочитот на првиот стих на поемава ,,Бденија Блажеви“ на Томислав Османли, силно ќе почувствувате дека таа е набабрена од животот што го живееме, од стварноста која секој ден нѐ мачи да ја издржиме и поднесеме. Соочени сме со стихови кои треба да се декламираат, на сет глас, со жар! Ова е силен одговор на ветвите литературоведи, знајни автори на блескави анализи, кои застанале кај сознанието дека поезијата (треба да) ги следи само духовните откритија и дека од поезијата треба да биде само поезија. А времето, а стварноста, а просторот? Сетики, тоа не се само ситни иверки расфрлани под обелискот на поезијата. Може ли без нив? Во пластовите на животот е клучот на сознанијата наследеното и она што го оставаме во наследство. Свесни дека секоја земја без кадарни потомци на претходниците е како суварка без корен, нужно е (јасно и гласно, напати дури и тревожно) обраќање кон потомците – да го вардат наследеното и да чекорат напред, знаејќи дека визијата не е само за во песна. Од времето во кое живееме нема бегање, нема затворање на очите и преправање пред оние кои сакаат да ни го оладат кафето.

Османли стои пред големото платно на историјата, на кое се испреплетени и наследствата и она што ќе треба да се сочува и да се пренесе на други следни наследници и храбро ја раздиплува маката на минатото во аманетот (на Блаже Конески) даден на идните поколенија во кои се вгнездиле гадинки од кои мир се нема: зошто ли народов/останува буден?  Или зошто при очи некои народни главатари се прават слепи и раздаваат мамки дека нема околу нас немили намерници/бездушни и блудни?

 Играта со човечките судбини/е играње со духот на еден народ – вели во поемата авторот Томислав Османли. Таквата игра не ја гледаме на детските игралишта или спортските борилишта, ами во дипломатските салони: нивната цена е опстанокот на духот на народот. А ако духот стане постојано ежење од страв, каква ли ќе биде борбата за опстој на духот? Каде е крајот, каде се движи, каде ли ќе најде утока брзотекот на разбеснетата понорница која директно, како игла влегува во мислата со недобројни прашалници за смислата на животот? Што ако не може да се најде утоката? Каде меѓу двете времиња (Блажевото и на потомците негови) низ планините заробени во магла? Како да се осветли свеста за иднината? Има времиња кога тоа е ептен лесно, ако судбината не ве пикне во времињата, сегашни, претоварени со лажни вртежи, со намерно неозначени или уште понамерно погрешно означени насоки. Поемата на Османли упорно и истрајно, несомнено страствено, е втурната по суштината и смислата на новото време. Со лажни поверители и лажни ветувања потпрени на нечисти пари не се отвораат портите на вистинската иднина. На поетот му останува да се праша го знае ли својот долг, но и пркосно да отсече дека поезијата не му е должна никому, најмалку на оние кои мислат дека иднината им е од Бога дадена, а нечистите пари со мака ги спечалиле.

Затоа поетскиот одговор е полн со зборови што остро боцкаат, зборови што лажните поверители ги удираат право в чело, зборови родени во жарот на гневот на еден народ, зборови безмилосни заштитници на духот, на сопствениот дух, зборовите Блажеви и на неговите претци и на уште подалечните претци, кои сами си го препознаваат својот дух и светата обврска тој да се сочува од новите варвари и нови изроди/прематари  грозни. Опирачки зборови, на сет глас, крикови дури, да је чујат на далеку, како татнеж на вековите. Опирачки зборови за плановите за поделба на народот, оти сал поделен народ може да слуша дека иднината е рајска градина, зборови што фрчат низ ушите на додворувачките суварки: не барајќи ништо друго, ни повеќе ни помалку, само народот да си е бесмртен орач/на испостенава нива.

 И сето тоа испеано во еден чудесен, кохерентен ритам ретко виден во современите македонски поеми. Стиховите течат како надојдена река, која забрзано и снажно ги прескокнува бигорните камени, храбро, машки се движи низ свиоци и темнини. Кога се чита во себе оваа поема како да се декламира. Неодминлив е впечатокот дека поемата е пишувана во еден здив, како еден спастрен излив од душата – за душата, со свест дека молчењето е јалово и води кон натамошно распарчување на стварноста, молкома. Впрочем, стварноста не создадена од шарени цвеќиња; во неа сега има повеќе шарени лаги. Горчливи пластови има во нашата стварност, осакатени животи, судбини, души. Сака пред овој кошмар да се застане храбро, лице в лице. Баш така е застанат поетот, баш така како што му прилега на вистински Потомок на великиот Блаже Конески. Тоа веднаш се препознава низ сиот тек на поемата – дело на вознемирен и загрижен, грижодушен човек и автор. Тој инспиративно, на свој начин, ја расветлува големата, титанска моќ на идејата на Блаже Конески. Со длабока приврзаност и почит, со чувство дека денес, секој збор изговорен на македонски, каде и да е во светот, е искрено оддолжување на човекот кој нѐ научи никогаш да не заборавиме дека јазикот ни е судбина и татковина.

 Оваа книга излегува од печат во слава на стогодишнината на Блаже Конески, великан кој, ете, цел век ги крепи темелите на македонскиот дух, кој неразнишливо ја зацврсти моќта и вечноста на македонската идеја. Некој беше рекол дека вечните нешта се движат околу нас заедно и со минливоста, та некој мора да ги раздвои, просто да се знае што е што. На потомците Блажеви, Османли им пренесува тежок аманет: да не се изгуби допирот со сопственото и идно време, всушност – допирот со себеси. Сеедно што понекогаш ќе заврнат тешки дождови, вистинските Потомци никогаш не скршнуваат од патеката на Учителот. Тој севезден ги поттикнуваше со симпатии да го примаат она што како духовна вредност со создава во нашата средина, без никакво чувство на инфериорност.

 

Осврт на Ристо Лазаров

Автор:

Слични статии