Култура

Роман на годината – извадоци од пристигнатите романи (4)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) во изминатиов период направи неколку селекции од романите во конкуренција, а конечната одлука за добитникот за 2020 година, ќе биде соопштена на 15 март.

Овде објавуваме извадоци од пристигнатите романи.

„Вокабуларис“, Ен Игма, „Темплум“

Зад бирото во својата ординација во болницата „Правопис“, Искупување пребледе од тоа што Убавина и Набљудувач ѝ го кажаа. И двајцата ги беа фиксирале своите очи на неа како таа да им е единственото спасение, единствената која ќе може да им помогне да најдат решение за својот проблем. Знакот на нејзиното биро – дел од нејзиното претставување – им даваше доверба дека сѐ ќе биде во ред. „Психолог“ беше напишано со засилени букви.

Откако успеа да му помогне на Време со неговиот тик, Зборовите се нижеа во ординацијата на Искупување со различни проблеми, надевајќи се на олеснување.Убавина беше таму од истата причина, иако нејзиниот проблем не беше од тој вид што психолог би можел да го реши. Нејзината помлада сестра, Грозна, млад Збор во преод кон тинејџерските години и една од пациентите на Искупување, беше исчезната. Грозна, малото Зборче со очила дебели како лупа, иако снаодлива беше многу срамежлива и покажуваше знаци на антисоцијално однесување, што во Вокабуларис, каде сите Зборови беа исклучително дружељубиви, се сметаше за голем проблем од општествени размери. Затоа трите Збора беа толку загрижени, а тоа беше и причината зад нејзината терапија.

Заздравувањето одеше одлично, а Грозна и Искупување станаа многу блиски. Беше скоро како да беа пријателки а не докторка и пациент. Грозна редовно се консултираше со Искупување за својот Контекст, а Искупување секогаш се осигуруваше дека ѝ ги дава вистинските одговори. Овојпат, психологот се мачеше со одговорот на прашањето на сестра ѝ.

„Грозна никогаш порано не го сторила ова. Што мислите дека се случило?“ праша Убавина. Раката ѝ беше цврсто стисната околу нејзиниот телефон, со наивна верба дека шансите сестра ѝ да се јави ќе се поголеми ако направата ѝ е близу. Сепак, имаше и веројатен Јанг во Јингот на целата ситуација, иако белата точка беше толку мала во сенката што таа изгледаше како воопшто да не ја забележува. Но денес, таа и Набљудувач беа ослободени од анализата на Фонтови што ќе висеше како облак над нив кога требаше да бидат без грижи. За да го скротат неспокојството беше зошто тие беа во ординацијата на Искупување.

Откако внимателно ги избра зборовите, Искупување рече: „Грозна која јас ја знам не би отишла никаде без да каже ако нема силна причина. А, како знаете дека е исчезната?“ ги праша.

 

„Суво мастило“, Владимир Илиевски, „Македоника литера“

На седми февруари, илјада деветстотини и втората, петок навечер, бевме поканети на забава во Друштвото на хрватските книжевници.Го знам точно датумот и денот затоа што сѐ уште ја чувам поканата на која беше наведена и програмата на забавата.На жолтата картонска покана, графички добро сработена, во средината беше доминантно едно наострено перо за пишување.По неколку години, сфатив како самиот живот, судбината или некоја необјаснива,сеприсутна, вонземна сила ги испраќа понекогаш своите симболи кон нас, а нивното значење ни станува јасно дури откако времето ќе одмине.Две убави девојки со лесни, долги фустани, со актерски маски во рацете ги красеа маргините на поканата.Едната, онаа од лево, беше со сериозен, загрижен поглед од кој се ширеше смиреност и спокој, а другата, од десно, со дивата насмевка на лицето, како да се спротивставуваше на здодевниот спокој на првата.Но, искрено, го запаметив датумот на оваа забава и поради друга причина.

Беше посебно студен ден, немаше снег, но постојано дуваше сув северец кој се обидуваше да ги испразни загрепските улици.Тоа утро, уште рано, пред да зазори, заминав во Самобор, близу Загреб, за да ги проверам и тестирам плинските инсталации на една мала мануфактура за производство на градежна арматура. Кога се вратив премрзнат во канцеларијата, се напив топол чај и веднаш седнав да го напишам записникот по направената проверка, кога еден близок колега влезе во канцеларијата и ме праша дали вечерта ќе наминам со сопругата во Друштвото на книжевниците.

-Се разбира дека ќе дојдеме – му потврдив и почнав да му објаснувам како ние навистина уживаме во тие забавни вечери кои се одржуваа за време на целата недела.

Со Емилија ретко ги пропуштавме таквите настани на кои можевме да танцуваме, да слушаме убава музика, да пробаме вкусни јадења и да сретнеме интересни луѓе. Во Загреб скоро секојдневно имаше забави.Разни друштва, сојузи или асоцијации наоѓаа поводи за да организираат забави и на тој начин да го афирмираат своето постоење, а при тоа организираа и разни добротворни акции. Хрватскиот музички завод во Гундулиќевата улица и Граѓанската стрелана на Тушканац беа местата каде што се одржуваа најпосетените забави. Секоја забава беше посебна на свој начин и точно се знаеше кој може и кој треба да присуствува на неа.Беше многу важно да се знае кој ќе свири на забавата и кој стои зад организацијата на забавата.За помладите, забавите беа само со танцување. Започнуваа некаде околу девет часот навечер и траеја скоро до разденување. Младите дами, во убава и пригодна тоалета, секогаш беа придружувани од своите родители или роднини, кои откако ќе ги допратеа до подиумот се повлекуваа во посебни сепареа од каде можеа да го следат танцувањето.Забавите беа поделени на два дела.По завршувањето на првиот дел имаше една подолга пауза на која се приредуваше богат и вкусен коктел. По ова започнуваше вториот дел на забавата. Тука возбудата на присутните беше најголема бидејќи на почетокот од овој дел дамите ги избираа своите партнери за танцување.Можеше понекогаш да се случат и немили сцени предизвикани од неизбраните љубоморни момчиња. Некаде околу полноќ, салите почнуваа да се празнат, но оние најиздржливите, невработените и вљубените до уши остануваа скоро до разденување.

 

Автор:

Слични статии