Култура

Владимир Јанковски е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година

„Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски е романот кој оваа година ја освои наградата „Роман на годината“, книжевната награда која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ под генерално покровителство на Комерцијалнаа банка АД. Романот на Јанковски е објавен од издавачката куќа „Антолог“.

„Романот Скриени желби, немирни патувања на Владимир Јанковски е впечатливо дело, оригинална иновација во македонската литература. Со исклучително занимлива колажна структура, базирана врз животна уверливост и многуслојност, оваа проза пулсира со ново преосмислување на човечките односи, перципирајќи го светот како единствена мрежа од концепти и судбини што се развиваат во перспективи и во меѓусебна корелација. Неколкуте приказни, соопштувани во лапидарни секвенции, го градат овој мозаичен роман ширејќи ја убедливо неговата првобитна поставеност“, се вели во образложението за одлуката на жири-комисијата за доделување на наградата.

Лауреатот Владимир Јанковски – писател, книжевник и преведувач – по овој повод изјавува: „Во оваа пригода би сакал да ѝ се заблагодарам на фондацијата Славко Јаневски за целиот ангажман околу доделувањето на наградата Роман на годината зашто со сите активности поврзани со оваа награда успеваат да ја зголемат видливоста на романескната продукција во време кога литературата не е доволно застапена во јавната сфера. Ова особено важи за телевизиите, кои секојдневно нè бомбардираат со приказни за ‘исто за истото’, на кои под изговорот дека станува збор за важни теми за нашиот живот, постојано слушаме исти варијации на теми што служат само за стерилни пресметки на политичките елити. Добрата литература се обидува да го направи спротивното. Таа во навидум црно-белата поставеност на нештата се обидува да ја даде нијансата на различност, да го постави животот надвор од поедноставувањето и стереотипот. Дел од романите што беа во конкуренцијата за Роман на година го прават токму тоа, ја истражуваат сложеноста на животот, укажувајќи на неговата суштинска амбивалентност, противречност и нијансираност. Затоа заслужуваат многу поголемо внимание од црно-белата слика што медиумите секојдневно ја претставуваат како наша реалност.“

За наградата оваа година конкурираа 41 роман, а во најтесниот круг се натпреваруваа романите „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или – или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски („Антолог“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

Жири-комисијата во состав на претседателката Оливера Николова, Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и претставничката на фондацијата Катерина Богоева, го соопштија лауреатот денес на прес-конференцијата во кафе-книжарницата „Буква“.

Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 22-ри пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Автор:

Слични статии