Култура

Алхемија на боите

Шшшшшшшшш! Тивко! Говориме за Марк Ротко. Еден од најголемите сликари. Брилјантен ум. Лавиринтски човек. Идеалист. Чудак. Загубен во сопствените сништа. Тежок карактер. Човек кој се сомнева во сè. Добар познавач на историјата и историјата на уметноста. Философ. Визионер. Вели дека не е мистик, но дека е пророк. Јасновидец кој не го кажува она што ќе се случи туку она што се случува. Вечен патник. Истражувач на човековите внатрешни светови. Бегалец без земја. Скитачки Евреин.

Марк Ротко или Маркус Роткович е роден во Двинск, Русија. Семејството се преселува во Портланд, Орегон, кога има десет години. Тој е добар учиник и студент. Добива стипендија за универзитетот Јел. Разочаран го напушта по две години. Доаѓа во Њујорк. Учи сликарство кај Макс Вебер. Слика. Моите слики сакам да можат да ги расплачат луѓето. Сликарството треба да ги отстрани сите пречки меѓу сликарот и идејата и идејата и гледачот. Пишува книга за уметноста – Стварноста на уметникот. За многумина гледањето на неговите слики е како религиозно искуство. Постојано е на пат. Патува по светот. Бргу станува познат сликар. Уште побругу минува животот. Одеднаш има шеесет и шест години. Има тешко срцево заболување. Се разведува од сопругата. Пие и пуши претерано. Зависник е од барбурати. Еден ден без објаснување ги сече вените над мијалникот во кујната. Го наоѓаат сиот во крв паднат на подот. Со едно скршено стакло на очилата. Зинат.

Нерасветлена смрт, самоубиство или убиство, злосторство за да се крене цената на неговите слики, бескраен судски процес околу наследството – сето тоа се наслови од весници чии страници ветрот долго ги превртуваше по улиците. Момчето кое на десет години дојде во Америка со натпис обесен на вратот: Не говорам англиски – сега е мртов старец кој лежи во бара од крв.

Умира славен. Смртта го прави уште пославен. Неговите слики денес достигнуваат астрономски вредности на пазарот. Така ова чувствително сликарство на сликар кој над се ја сака тишината завршува карневалски бучно. Викотницата и вревата на пазарот ја нарушува тишината, а. чистотота на неговото дело ја валкаат рацете на трговците кои се грабаат, се туркаат и се тепаат околу неговите слики.

И тоа е се! Тоа е целата приказна за животот на овој сликар. Но, ниту животот на Марк Ротко, ниту времето во кое живее, ниту неговото потекло, неговото знаење, неговите патувања, неговите возбуди, ниту пак неговата смрт можат да ги оправдаат неговите слики. Овие слики се појавуват од никаде. Едноставно се тука. Пред нас. Слики кои не би требало да постојат во нашиот свет. Слики за кои залудно бараме објаснување. А тие се тука да ви откријат една тајна. Ако внимателно гледате. Или слушате. Во тишината, во таа неверојатна тишина што тие ја создаваат можете да чуете музика од еден друг свет и да видите невидливи предели. Сликите на Марк Ротко сведочат за постоењето на една поинаква стварност. Пред вас е тежок избор – или пред овие слики ќе ви потече крв од носот од возбуда слушајќи ја музиката на невидливите сфери и тие ќе ви го променат животот или ќе решите дека ова се само обични обоени крпи, неми платна, мртви предмети, шарена лага за окото и скапи украси кои не служат за ништо и ќе замижите пред нив со дланки на ушите.

Емил Алексиев

Автор: