Култура

Почина академик Богомил Ѓузел

По кусо боледување на 82 години почина академик Богомил Ѓузел, поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач. Тој е припадник на третата повоена генерација македонски писатели, генерација што се појавува во втората половина на 1950-те години на 20. век и која со своето дејствување изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската книжевност.

Академик Ѓузел важи за наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. На македонски јазик во негов превод се достапни најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир. Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т. С. Елиот, В. Х. Одн , Емили Дикинсон, Шејмас Хини и други, а е составувач и преведувач на Антологија на современата американска поезија.

Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Србија. Негова сопруга беше писателката Лилјана Дирјан, која почина во 2017. Роден е во Чачак, каде што татко му, Димитар Ѓузелов, работел како гимназиски професор со забрана за враќање во Македонија. По бугарската окупација во 1941 неговото семејство доаѓа во Скопје, каде Ѓузел израснал и се школувал.

Во 1963 завршил англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј”. Во 1963–1964 година работел како ТВ реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет. По враќањето, од 1966 до 1971 , работел како драматург во Драмскиот театар, Скопје, потоа од 1971 до 1973 година, како програмски директор на Струшките вечери на поезијата (СВП).

Од 1976 работи како библиограф во Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од 1985 до 1999 , како драматург во Драмскиот театар, Скопје. Од 1999 година е в. д. директор на СВП, до пензионирањето во март 2004 година. Во меѓувреме бил секретар на Македонскиот ПЕН центар (1963–64), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970–72) и еден од основачите и прв претседавач на Независните писатели на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура „Наше писмо“ е главен и одговорен уредник од неговото основање во 1995 година.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е избран на 4 јуни 2012 .

Творечкиот опус на академик Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и слично, 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и друго.

„Есеите кои академик Ѓузел ги објавуваше во периодиката и дел од кои се собрани во книгите ‘Историјата како маштеа’ и ‘Бовча’, ни го покажуваат овој автор не само како еден извонредно луциден интелектуалец, кој поседува висока доза на информираност и на сестрано образование, туку и како творец кој на прашањата што ги зема во средиштетото на своето внимание знае да им најде оригинален и често неочекуван аспект. Ставот на академик Богомил Ѓузел е секогаш став на еден вистински ангажиран интелектуалец кој сака да ги изнесе своите погледи јавно и гласно, и тогаш кога тие, според сите предвидувања, не би можеле да очекуваат да бидат пречекани со сеопфатна согласност. Европската ориентација, интелектуалната луцидност и универзалната широчина им обезбедуваат на неговите есеи едно траење кое далеку ги надминува околностите во кои тие се пишувани и поводите кои го предизвикале нивното појавување“, стои во неговата биографија. 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *