Култура

Сивите сенки на „стварноста“

(Кон збирката раскази „Исповед на еден телевизор“ од Игор Лозаноски во издание на Темплум, Скопје, 2020)

После две поетски збирки, младиот автор Игор Лозаноски изненадува со една многу чудна збирка кратки раскази под наслов „Исповед на еден телевизор“. Танува збор за 25 кратки раскази во кои тој извлекува екстрати од урбаното скопско секојдневие и од нив прави несекојдневни ситуации благо откраднати од апсурдното милје на еден град чија логичност е веќе одамна разнишана. Конечно, овие раскази не мораат да бидат посветени на Скопје, тоа е само географска назнака. Тие имаат една дистописка глазура, еден чуден маглив лакмус каде сите протагонисти го живеат задушениот миг на отуѓеноста. Игор Лозаноски има остра стилска и неприкосновена реторика, една многу продуктивна литерарна дистанца од која читателот добива впечаток дека мигот трае цела вечност, дека мигот во нашето невидливо секојдневие може да постане лузна во нашето живеење, или пак можеби да се претвори во фатален настан каде ние сме единствената жртва. Семјуел Бекет во една прилика ќе каже дека: „зборовите се облека на мислите“. Оваа збирка кратки раскази говори за една искината зборовна облека, за еден наплив на одамна дотрошено минато и една неизвесна иднина. Кога ги читаме имаме впечаток дека тие започнуваат со три точки и завршуваат со три точки. Оние граматичките, иако во самите раскази тие не се наведени. Тој впечаток говори за една застрашувачка судбинска флуктуалност на кажувањата кои секојдневието го претвораат во урбано заточеништво каде што обичниот човек своеволно станува роб на здодевниот репетиториум и на тој начин го истоштува својот дух.

Самиот наслов покажува со прст кон една информативна дисторзија од која произлегува разнишаната самодовербата на урбаниот примерок, на човекот чии интеракции со секојдневието се вокализираат низ медиумот кој замира задушен во хаосот на дезинформациите. Телевизорот има огромна потреба да се исповеда, исто како што и Марија сака убаво да се среди во трговскиот центар, како што и човекот со книгата ја спротивставува својата осаменост на урбаниот апсурд кој виси во воздухот, како што Евгенија опседната со својата тежина губи свест во теретаната и како што многу ликови, многу искри на горчливото секојдневно лудило се изобличуваат, така целиот овој сив, одамна неинтересен „мегалополис“ се претвора во дистописки хабитат каде ликовите не се препознаваат едни со други.

Игор Лозаноски оваа збирка раскази ја провлекува низ галерија од ликови во чии искри и кратки ситуации препознаваме блага ирационалност која многу суптилно се граничи со лудило. Тој укажува на низа апсурди кои ликовите ги прифаќаат како прибежишта и кои се сокриваат во своите непдоносливи лушпи за крајната консеквенца да не биде спасување, туку прогонство. Токму така, овој млад и талентиран поет и прозаист говори за едно имагинарно прогонство на човекот на чии животни процеси им е одрана кожата на последователноста и продуктивноста, така што целата опскурност на мигот сите релации ги претвора во етерични, но црни облаци. Сегашноста во овие раскази значи неистражена иднина, застрашувачка компензација за живот и една недостојност која му ги врзала очите и устата на духот и не му дава да се искаже. Се чини затоа е и одбран овој многу индикативен наслов кој наведува на промислување што се однесува на оној, „интерпретираниот“ свет и на оној “неизживеаниот“ чии мигови во расказите се растегнати и доведени на ниво на фаталност.

Збирката раскази започнува со краток расказ со индикативен наслов „Штама“, а завршува со „Сиктер-кафе“ што би значела на еден начин и литерарана анализа на неискажаното и докажаното: „Ј. не беше навикнат на ваква штама иако понекогаш ја посакуваше. Но, сакаше тоа да биде привремено, час или два, додека ги среди мислите, а не да трае вечно како што ова си имаше тенденција. Му беше непријатно. Неговата ведрина полека почна да ја снемува.“  Вечниот молк во овие раскази е напната тишина со која Бекет го облекол целиот дваесети век преоблекувајќи ги своите зборови во страотни претскажувања. Во овој 21 век голем дел од неговите алузии се обистинија. Штамата како главен катализатор во расказите на Игор Лозаноски говорат за едно друго претскажување, а тоа е дека неможноста животот да се врати во својот колосек, тој станува човеков товар и човекот се претвора во негова сенка, т.е. говори за едно исчезнување од кое за жал, не се извлекува никаков заклучок. Затоа овие раскази не започнуваат и не завршуваат. Едноставно тлеат како ѕвезди после заминати облаци, тивко и ненаметливо: „Што ќе биде утре? Колку долго ќе трае ова? Ќе се издржи ли утре овој притисок и ова наезда од болни луѓе? Чувствувам како снагата полека почнува да ме напушта. Го нема веќе оној елан. Ја нема веќе таа жар. Растрганат меѓу моите можности и моите должнпсти…“ (Докторски маки) Секојдневието во овие раскази има мирис на смрт за која Лозаноски говори дека не демне од зад секој агол и сите недоречености можеме да ги сфатиме како последици од тоа тенко, суптилно лудило во кое духот се претвора во сенка, а на таа сенка веќе никој нема повеќе да се присети.

„Исповедта на еден телевизор“ е на некој начин лебедова песна на еден свет кој некогаш функционрал, каде што ликовите имале некакви живи , реални проблеми и животни пресврти кои сестрано ги опишува реализмот во сите свои верзии, една многу инспиративно отсликано реминисцентно излегување од колосекот кој еве, повторно ќе го наречеме живот, една крајно неопсесивно посегнување по миговите и нивно преформулирање во случки, но и една реконципирана сегашност за која во многу наврати додека ја читаме оваа книга се прашуваме: каде е таа реалност. Игор Лозаноски споменува се она што се случува со нас и меѓу нас, се она што ние сакаме да се случи, а никогаш нема да ни се случи и се она од што се плашиме дека ќе ни се случи, а нис е случува. Повторно навраќајќи се на длабоко асоцијативниот наслов ќе споменам и тоа дека телевизорот како медиум многу често прераскажува, но многу често и извитоперено го „пренесува“ она што не можеме да го видиме, но го насетуваме. Тука, во таа средина, во тој меѓупростор се наоѓа таа многу често споменувана „дистопија“ и овде, во оваа збирка раскази ја има во сенката на сите случувања, во тапите погледи на ликовите што стануваат робови на една стварност која, пак, од друга страна постојано с еобидува да им каже дека не е онаа „стварност“ која треба да ја одживеат.

Оваа збирка раскази е добитничка на наградата за млад прозаист „Новите“ на издавачката куќа Темплум и е големо освежување на македонската книжевна сцена. Игор Лозаноски многу рано се наметнува со една стилска специфика, така што пред нас имаме автор кој понатаму има многу што да каже и низ неговите прозни, а и низ неговите поетски дела.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор: