Култура

Дворот на хипокризијата

(Kон претставата „Кусо петле“ од Александар Поповиќ во продукција на Суботичкиот театар во режија на Милан Нешковиќ. Главни улоги: Миња Пековиќ, Димитрие Диниќ, Игор Грекса, Милош Лазиќ, Срѓан Секулиќ, Сања Моравчиќ)

 Александар Поповиќ е еден од најплодните српски, и воопшто европски драмски автори чиј точен број на напишани пиеси се уште не се знае и се уште се пронаоѓаат низ фиоките и архивите на театрите ширум Србија. „Кусо петле“ е една од тие пиеси која релативно доцна е пронајдена и изведена за време на неговиот живот, пред триесет години, во далечната 1990 година во режија на Бранко Плеша, а за кој текст Александар Поповиќ и добива Стериина награда „за комедија“. Интересно е краткото образложение зошто Бранко Плеша ја добива Стериината награда за режијата на оваа комедија: „за оригинална режисерска постапка со која она најмрачното од историјата и стварноста го претвора во бајковита театарска игра.“ Токму во таа, 1990 година, онаа „најевропската“ година после која на југословенската федерација почнува да и се крши ‘рбетот и чии одгласи се случија токму на Стерииото позорје.

Но, новото видување на „Кусо петле“ е многу, многу далечно од таа „бајковитост“. Милан Нешковиќ сериозно ја преврти ракавицата на едно страотно време на хипокризија и суптилна деструкција во име на „правдата“ и политичката „чесност“. Шесте страдални ликови, извонредно завиени во тешките текстуални партитури на Александар Поповиќ донесоа еден црн неореализам чија „натуралистичка“ кохерентност ни донесе горчлив вкус во устата, а значењето на таа компактна игра и до точка на „и“ прецизна и органична режија остана да виси во воздухот како прашање кое после претставата си го поставивме сите: „Дали можеби сето ова се случува и сега?“. Милан Нешковиќ оваа претстава ја гради на малиот простор кој е двор, но е и самоделски направена сцена од која излегуваат копнежливите музички делници на протагонистите во стил на Торнаторе. Неговата режиска поставка не „одигрува“ сатира. Нешковиќ со својата минималистичка прецизност ја протнува сатирата преку ситото на натурализмот и тоа низ мајсторството на актерите. Скратувајќи добар дел од текстот, тој на до крај издржаниот реализам во кој кога се пие вода, навистина се пие, кога се чисти сцената, навистина се чисти, кога се јаде навистина се јаде му ја додава тензичноста како премиса дека црната политика во повоената Југославија не се случувала низ долги реторички салви, туку брзо и без објаснувања. Се чини, дека низ таа тензичност ликовите својата судбина ја преобратуваат во модели кои пак, Поповиќ, од друга страна не ги оцртал без да ги промеша и во нивните црти и во нивното значење. Тие ликови еволуираат и во текстот и во режијата и Нешковиќ отворајќи ја таа длабочина ги отвори и современите значења на таа црна стварност кратко после „ослободувањето“. Гневот на авторот кој многу рано во својот живот ги собрал тие црни плодови поминувајќи четири години на Голи оток изразен низ црнохуморната драматика, во оваа режија е претворен во крв и месо, ослободен од таа априорна сатирична глазура, но збогатен со една актуелност која боли и натажува. Тоа не значи дека Александар Поповиќ е бавен и неинтересен. Тоа значи дека „Кусо петле“ ја има својата длабока сонда и како книжевно, но и како театарско дело. Вака соголен и актуелзиран, овој текст низ режијата на Нешковиќ станува сублимат на едно време кое се заканува многу брзо да се врати и тоа во уште пострашна форма. Густата сценска драматика и динамичната актерска игра донесоа претстава која од аголот на еден двор не предупредува на погубноста на секоја духовна фрагилност на човекот, но и на опасноста од неговата организирана деструктивност.

„Кусо петле“ на сцената донесе шест прекрасни актерски остварувања. Миња Пековиќ својата Миља Бушатлија ја одигра со една извонредна смисла за комика, но и со една здржана емотивност која направи овој лик на девојка што се помамил по наследството на нејзиното момче кое после и станува сопруг да стане парадигматичен. Миња Пековиќ овој комплексен лик го одигра со голема леснотија обраќајќи големо внимание на својата консеквентност дозирајќи ја својата комика онолку колку што е потребно за да влезе во крвотокот на драматургијата и режијата на претставата. Иако млада, Миња Пековиќ импонираше со својата стаменост и мудрост, но и со својата умешност да владее со сцената. Димитрие Диниќ својот Пиле копиле Пилетиќево, еден од оние мали луѓе за кои најмногу пишувал Поповиќ, го гради врз основа на субмисивноста на тие „куси петлиња“, или тие „леки мажи“, петлиња без опашка, без кикиритка, со кои судбината си поиграла да направи од нив моќници само една минута, а потоа да ги удави во најгустата кал. Диниќ токму во таа густа кал ја наоѓа хуморната констелација на својот лик, градејќи карактер на сопруг кој својата машкост ја бара во решителноста на својата сопруга. Талентиран актер кој совршено добро владее со комичните сцени и кој има големо чувство за контрастите на ликот одигрувајќи ги доста транспарентно. На слично ниво е и Игор Грекса кој Ѓаконот Авакум го одигрува многу поемотивно имајќи во обѕир дека овој лик започнува од онаа нула во која во текот на дејствието завлегува Пиле копилето. Грекса е пластичен актер со голема доза на емотивност во својот израз. Неговот Авакум, обработен од политичките структури завршува мошне трагично и неговата меланхоличност е основниот регистер преку кој Грекса го води својот лик од почетните сцени на избезуменост до онаа фаталната кога решава да си го одземе животот. На овие ликови голема спротивност е Комнен Бајрактар на Срѓан Секулиќ кој, од друга страна е прототип на машката доминација, секако премачкана со хипокризијата на едноумието и трагизирана од несфатеноста на жената која го оставила токму заради нацистички офицер. Се чини дека низ овие релации се согледува целата сатирична контраверза на Александар Поповиќ. Многу е интересно што овој лик младиот Срѓан Секулиќ го игра здржано, но актерски многу мудро наметливо. Таа неосетност која за време на претставата се разгорува во една голема бура се амплитудите на ликот кои Секулиќ ги одигрува маестрално и со една многу продуктивна доза на патетичност на која повремено инсистира и самиот режисер, едно расположение од кое, се чини дека овој дрматуршки заплет не може да избега.

Сања Моравчиќ како Селена сеја Батриќева и Милош Лазиќ како Јохан Шустер се ликовите кои ги опишуваат другите пар ракави кај Поповиќ. Имено, тие се оние успешно „дезинтегрирани“ структури од општеството, оние кои оставиле се зад себе и таа баруштина од која излегле не мислејќи дека заедно со сето тоа ќе ја остават и тагата и горчината. Две многу интересни актерски партии кои со својата лесна, но добро одиграна хумороност го донесоа оној тажниот слој на тоа време.

„Кусо петле“ обилува со музика од шеесеттите години, од времето на Радмила Караклаиќ и Џими Станиќ, музички избор на самиот режисер, но и со една многу инспиративна опипливост кога станува збор за костимографијата и сценографијата. Костимографијата на Билјана Гргур, а посебно на сценографијата на Марија Калабиќ се натуралистички до последниот детал. Се чини дека тоа инсистирање на видливоста и на приближувањето на публиката до самите актери ја рашири онаа неореалистична тинктура низ чија колоритност се прекршува целата таа црна и опасна историја од вреемто на комунизмот.

„Кусо петле“ за разлика од таа далечна 1990 година кога за време на животот на неговиот автор успеала да добие одвај две, вонредни Стериини награди, на овогодинешното Стериино позорје освои девет награди и огромни аплаузи. Се чини дека оваа претстава е тој среќен спој на компактна и органична режија, одлични актерски остварувања и извонреден текст, но и претстава која со себе носи големи пораки и длабоки значења.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *