Култура

Инстинктот и интуицијата

(Кон кореодрамата „Траги“ во режија на Вим Вандекејбус во изведба на „Ултима вез“ од Белгија одиграна на овогодинешното 54/55 издание на БИТЕФ, Белград, Србија)

 Да се направи претстава за обрисите на човековото битисување пред да се отворат просторите на социјална и општествена припадност е предизвик рамен на тоа да се направи уметничко дело за иднината формирана од остатоците на денешнината, а притоа да не се говори за дистопија, туку за чистите пориви и нагони. Вим Вандекејбус е кореограф и режисер од оној кореосинкретичен правец во театарот кој го поставуваат Јан Фабр и Ален Плател, таа фамозна белгиска школа која успеа да го редраматизира танцот, да го натопи со многу емоции и стаменост. Имано, Вандекејбус е кореограф со над четирисет претстави зад себе и сјајна актерска и танчерска трупа под наслов „Ултима вез“ која работи во Синт-Јенс-Моленбеек, Белгија. Каква претстава е „Траги“? Кои се мотивите да се направи кореодрама со силни зачини на драматика и голема тематска симптоматика? Говорејќи за својата претстава Вандекејбус спомена Романски митови и приказни кои на некој начин го инспирирале и него и неговата трупа. Споменувајќи го инстинктот за преживување и промешувањето на хомо сапиенсот во еден цикличен механизам на природата тој не се огради од преиспитувањето на идентитетот и емотивната гама.

„Траги“ е претстава за интимниот конфликт на човекот. Со себе и со другите. Корегорафијата на овие десет сјајни актери и танчери има густа драмска структура која се движи од емотивен трепет па се до ритуална експресивност. Таа траекторија има многу нешто со историјата, но и со праисторијата. Токму затоа и насловот „Траги“. Вандекејбус во својата режисерски концепт проговорува со јазикот на прашумата оставајќи само мали изблици на крици кои го преориентираат говорот кон семантичкиот простор каде што му се придружува мракот на недоразбирањето.  Кога зборуваме за недоразбирањето имаме во предвид дека неговиот библиски предзнак е голем предизвик за конфликт кој понатаму се прелева и на некои рационални рамништа. Зошто јазикот на прашумата? Инстинктот на кој инсистира во динамиката на својата кореографија, Вандекејбус го подигнува на ниво на заплет, најмногу заради соочувањето на човекот со животните. Во овој случај тоа е мечката. Во претставата една од доминантите е животинскиот инстинкт отелотворен во трите мечки и тој нивни инстинкт станува многу проблематичен опонент на човечкиот. Вандекејбус тука ја вовлекува и љубовта не како флуид, туку како престиж и притоа ја конвертира во нешто што тангенцијално ја поврзува фауната, а тоа е цивилизацијата. Двата инстинкти, животинскиот, со мал процент на рацио и човечкиот со рациото како контролен механизам заземаат голем дел од претставата и кореогрфските делници во овој дел се извонредно динамични и исцрпувачки. Влегувањето на животните во пределот кој се колеба меѓу минатото и иднината ја декодира елементарноста на прашумата и ја претвора во нешто што се вика: честички од катаклизмата. Вандекејбус во оваа претстава говори и за погубноста на човековата грабливост. Со празната сцена каде што дијагонално се стационирани контејнер на просцениумот и остатоци од цивилизацијата, кое јас би го нарекол миланиумско ѓубре во длабочината на сцената владее артифициелизираното движење кое можеме слободно да го нарчеме мета-кореографија не заради својата страствена густина, туку најмногу заради нејзината мултизначност. Испреплетените движења кои не само што го означуваат тој конфликт на инстинкти, туку во средишниот дел од претставата го најавуваат оној најпогубниот, најнепосакуваниот, но за жал најприсутниот инстинкт, а тоа е инстинктот за преживување. Вандекејбус говорејќи за мотивите да се направи оваа претстава, проговори за суштественоста на митот кој на некој начин и произлегол од некаков реалитет, затоа што конечно сите митови се креација на непознатиот писател, на оној кој без остаток ги оформил од сопственото искуство. И токму тој, непознатиот во оваа претстава се занимава со своите траги, своите обриси во воздухот, ехата од неговите крикови, но и со колективната меморија која пак, од друга страна станува голема причина за повторно здружување за да се доминира врз животинскиот свет. Александрос Анастасиадис, Борна Бабиќ, Морин Батор, Давиде Белоти, Питер Бесмет, Марија Колегова, Кит Кинг, Ана Каренина Ламбрехтс, Магдалена Етл и Муфутау Јусуф на музиката од Трикси Вајтли, Шахзад Исмајли, Бен Перовски и Даниел Минтсерис го ревообличија човечкиот хабитус и истиот го поставија наспроти исправените животни подготвен стратешки да ги поништи и да ги направи продуктивни за своите цивилизациски потреби. Во таа насока Вим Вандекјбус многу интенционално заборава на историјата и овој конфликт го соголува до состојба на чиста, неопскурна свесност. Значи, ниската свест на животното наспроти високата и развиена свест на човекот низ кореографски сентенци отвора војна до истребување. Секако, оваа војна ја губат животните и тие такви, безживотни стануваат декор во човековиот понатамошен од низ животот. Ваквата структура низ драматургијата на Ервин Џемс нема почеток и крај. Има само назнака за некакво започнување кое е придушено и во вид на ехо, нешто што од крик се развива во комплицирани хуманоидни односи, нешто што говори со два јазици: со јазикот на ововременската поништена цивилизација и оној на онаа, уште неразвиената, поставувајќи ги обете на слични координати: хоризонтални, низ реалитетот кој е опиплив, и вертикални, низ страста без емоција.

Фундаментот на оваа импресивна кореодрама на „Ултима вез“ и Вим Вандекејбус е токму таа цикличност на драматургијата и додека ја гледате претставата се прашувате каде е крајот, кои се реперкусиите од едноставна причина што и самите не го претпоставувате, затоа што, како што споменав погоре оваа сјајна кореодрама нема крај, а тоа е најмногу затоа што и режисерот и драмтургот, а секако и актерите не се занимаваат со епски пророштва. Тие се занимаваат со аналитиката и проблематизирањето на трагите на инстинктот и корените на неотповикливото рацио, со непробојноста на флуидоt на љубовта, но и со тагата заради цивилизациската редундантност.

Визуелниот момент во оваа динамична и страстна кореодрама го сочинуваат придушените бои на костимите на  Изабел Лоас, а особено на дизајнот на мечките на Џан Мејлард, како и на минималистичката сценографија на Вим Вандекејбус и Том де Вит кои совршено се поклопуваат со темните процепи меѓу цивилизациското праминато и претпоставената иднина. На ова се придружува и исклучително динамичната музика на гореспоменатите композитори придружени од софистицираната гитара на Марк Рибо која ги одвојуваше ретките меки и тивки моменти.

„Траги“ на Вим Вандекејбус и „Ултима вез“ е кореографиран трактат за инстинктот кого рациото го претвора во интуиција на која и актерите и режисерот и приоѓаат многу внимателно говорејќи за една состојба која во урбаните простори се нарекува хипокризија. Вандекејбус, говорејќи за мечките како животни-симболи  во оваа претстава, говори и за процесот на припитомувањето кој е, од друга страна едно хипотетичко владеење од чија сладост никој не може да се откаже. Конечно, оваа импресивна претстава со тој мета-кореографски јазик покрај својата аналитичност во тематска смисла не воодушевува и со оригиналните решенија чиј призвук е повеќе драматски од балетски. „Траги“ не е мека балетска и сонична кореодрама. Тоа е, како што споменав погоре остар и неприкосновен корео-трактат со висок степен на импакност. Пораките од кои не можеме да избегаме и после одгледувањето на оваа претстава се силни и впечатливи до крај. Болат и предупредуваат.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии