Култура

„Киненова“ го отвори филмот со пет награди во Карлови Вари, „Бановиќ Страхиња“

Со проекција на филмот „Бановиќ Страхиња“ во режија на Стефан Арсенијевиќ и со доделување на наградите за особен придонес во филмската уметност, синоќа свечено беше отворен Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Наградата за особен придонес во филмската уметност, која ја доделува МФФ „Киненова“,  му беше врачена на актерот Мето Јовановски, а му ја врачи директорот на фестивалот,   Небојша Јовановиќ. Лауреатот Мето Јовановски изрази благодарност до колегите за наградата и посочи дека според него, филмот, филмската уметност и фестивалите се мост кој духовно не поврзува и се достоен репрезент на многубројни драмски творби преточени во креативен филмски живот.

„Киненова“ годинава постхумно ја додели наградата за особен придонес во филмската уметност на Сабина Ајрула Тозија, како и наградата за особен придонес во филмската уметност на Љупчо Тодоровски-Упа.

Од Агенцијата за филм соопштија дека оваа шеста фестивалска едиција ги промовира вредностите на раните први и втори филмски остварувања на режисерите и сценаристите. Оние кои го завреднуваат вниманието на публиката и на критиката. Ги охрабрува да продолжат да не фасцинираат со своите вештини и слики. Тие млади автори со својот непоколеблив дух повторно и повторно се нурнуваат во смели теми и истории и се занимаваат со комплексните или пак, со едноставните страни на нашите животи. За овие пет години се промовирале повеќе од 50 филмски режисери и сценаристи, а нивните филмови кои беа наградувани на „Киненова“ ја освоија и европската филмска сцена.
Годинава е востановена наградата која ќе го носи името на Љупчо Тодоровски-Упа, без кого овој фестивал веројатно немаше да се роди, рече директорот на Фестивалот на отворањето.
Режисерот Стефан Арсенијевиќ, кој и званично го отвори фестивалот, рече дека во овие тешки времиња полни со предизвици имаме можност да погледнеме длабоко во себе и да се преиспитаме, а филмот го овозможува токму тоа.
– Голема чест ми е што сум овде вечерва, особено во овој контекст на не само македонски, туку и на европски филмски имиња. Исто така, особено се радувам што повторно сме заедно, физички присутни овде, во кино салите. Тоа е многу важно и сакам да се заблагодарам на „Киненова“, што успеа да организира фестивал со физичко присуство. Ова e шесто издание на фестивалот, но веќе стана звучно име во рамките на филмските фестивали во регионот – рече Арсенијевиќ.

На свеченоста беше претставен и проектот „Инклузивна анимација“ создаден во соработка со продукцијата „Фокус Покус“ и Кинотека, поддржан од делегацијата ЕУ, на која младите работеа заеднички со деца со попреченост.

  

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *