(Кон претставата „Денот кога јас веќе не беше јас“ по текст на Роланд Шимелфениг во режија на Тара Маниќ, а во продукција на Белградскиот Драмски Театар. Гл. улоги: Иван Томиќ, Ивана Николиќ, Даниел Сич, Наташа Марковиќ, Слаѓана Влајовиќ, Иван Зариќ)
Пиесите на Роланд Шимелфениг на многу наврати го проблематизираат човековиот идентитет продолжувајќи една теориска, но и прагматична присутност на Луиѓи Пирандело кој својата драматургија ја базира врз театарското естетизирање и филозофското преслекување на улогите во актери. Шимелфениг со овој текст ја отвора, се чини, истата Пиранделовска дилема на биолошките и социјални релации за која слободно можеме да кажеме дека својата аналитика ја гради врз родовско-политичкиот галиматијас и врз глобалната манипулација под маската на слободата и слободоумноста. Едно од неговите филозофски највидливи прашања е: „Дали вие, исто така, можеби сега, пред една минута, сте препознале дека сте некој друг?“ Ова прашање отвора лепеза дилеми околу внатрешната другост која сепак, има некакви многу често проблематизирани релации со социјалниот и општетсвен статус. Драмскиот текст на Шимелфениг „Денот кога јас веќе не бев јас“ за свое јадро го има двојникот како натрапник и двојникот како фатазм. Имено, овде се работи за пиеса во која во едно семејство се појавуваат двојници на родителите. Исто како што во „Така е(ако така ви се чини)“ на Пирандело во семејството се појавува извесна госпоѓа Фрола на која никој не се сеќава, но потајно сите ја познаваат. Тара Маниќ оваа драматургија која, покрај игривиот дијалог е егзактна и динамична ја претвора во претстава која се одвива пред вашите очи како вртимушка, како една лесна театарска вртоглавица оставајќи низа прашања во нашите глави. Оваа млада театарска режисерка ни нуди еден многу чист и јасен концепт кој и покрај тоа што е видливо дека ја следи драматургијата на Шимелфениг, таа сепак низ актерските пасажи влегува во едно малку поинакво читање на неговиот идентитетски вртлог. Имено, нејзиниот концепт се движи од персифлажното поигрување со семејните релации и ситуации, до црнохуморниот ригидитет кој се наметнува во секоја сцена како неизбежна кода или коментар.
Таа е свесна за акутната реторичност во драматуршкиот стил на овој проминентен германски драматичар и на многу умешен начин тој лингвален водопад го обликува во крајно реалистични околности од кои повремено го извлекува екстрактот на апсурдноста. „Невидливоста“ на нејзината режисерска рака го прави нејзиниот уметнички став многу видлив, а нејзиниот режисерки ракопис многу транспарентен. Оваа претстава минува многу фуриозно пред нашите очи. Но, едно е евидентно – со сјајни актерски партии. И покрај тоа што имаме скоро неидентификувани ликови во кастингот на Шимелфениг, сепак, актерите и актерките успеваат на своите ликови да им дадат специфика и да ги одделат од своите двојници. Така Иван Томиќ и Даниел Сич се двајца татковци од кои едниот е посубмисивен, а другиот е подоминантен. Нивните релации и нивниот актерски инструментариум е ист, но неговата примена е различна. Конечно, драмската предлошка на Шимелфениг до некаде и ја насочува таа дистинкција, но и двајцата актери своите татковци ги одигруваат со голема страст и посветеност. Двете мајки на Ивана Николиќ и Наташа Марковиќ се разликуваат во нијанси во својата каактеризација. Но, тие нијанси се и тоа како важни. Имено, едната од другата мајка се разликуваат во истакнувањето на емотивноста и рационалноста. Тука, секако не станува збор за смиреност и страственост, туку за две енергии кои пленат со својата различна насоченост и интерпретативност. И двете актерки во спрега со актерите (татковиците) прикажуваат еден конгломерат на два различни типови на родители кои во лицата на нивните деца се разликуваат само по тоа што едниот пар се вистинските, а другиот пар измислените, или можеби „доведените“ родители. Токму таа компонента во драматургијата на Шимелфениг е онаа која би ја нарекол „ехото на Пирандело“. Како и кај Пирандело и кај овој автор одговорите на круцијалните егзистенцијални прашања се варијанти, аспекти или можности. Во оваа пиеса повремено имаме впечаток дека тоа се некакви посакувани, а повремено дека се наметнати родители. Дека е тоа семејство кое е како ис екое друго, но повремено е семејство без идентитет, на работ на дисфункционалноста. Кога сме веќе кај децата, Тара Маниќ во кастингот вклучила возрасни актер и актерка кои ги играат синот и ќерката. Наташа Влајовиќ и Иван Зариќ се оние кои ја држат драмската констелација во свои раце. Тоа значи дека дистанцата која ја заговара Шимелфениг е реплика на она што Пирандело го протежира како драматургија на „театар во театар“, т.е. една наративна рамка која безрезервно им овозможува на овие двајца млади актери преку своите ставови да изградат ликови на ведри млади луѓе со секојдневни проблеми од кои не бегаат, но фантазмот би го сфатиле како неодвоив дел од премрежето што го носи грешниот дваесет и први век. Овие двајца извонредни актери се конгломерат сам за себе и нивната духовитост во толкувањето на ликовите се едно ниво на кое Тара Маниќ инсистира за да излезе на површина и нејзината и естетиката на авторот. Токму таа суптилно-хибридна естетика поддржана од посветената актерска игра прави од оваа претстава еден исклучително прецизен театарски есеј, една жива и легитимна расправа со пораки кои се од големо значење.
Колоритот на „Денот кога јас веќе не беше јас“ е дело на костимографката и сценографката Селена Орб која не инсистирајќи на складот направи една силно обоена визуелна колоратура која не само што плени, туку е и огромна поддршка на режисерскиот концепт. Кога говориме за склад, би помислиле евентуално на сјајното реплицирање на костимите со сцената и нивното одлично вклопување во мета-реалитетот на целата претстава. Секако, овде би ја спомнале и ненаметливата музичка подлога на Владимир Пејковиќ која совршено се вмрежува и во дејствието и во значенскиот сегмент на претставата.
Шимелфениг во европската драматургија се наметна токму со рециклирањето на драмската форма која ги отвора значенските територии на идентитетот. Бракот, семејството и интимните релации се фронт на кој се сретнуваат новите родови и социјални струења. Динамиката на промени во тие релации е секогаш пропратена со хаотични периоди. Се чини дека втората декада на дваесет и првиот век го доживува токму тој хаос чија неизвесност доведува и до дискрепанција, но и до идентитетска дисторзија. Во оваа пиеса двојникот е некакво инкорпорирање на копнежот, на желбата, еден вид на лек против духовната пропаст која заедно со биолошката многу конкретно се заканува на целиот свет. Тара Маниќ не навлегува во надворешни интервенции и драматуршки преинсталации. Таа со својата егзактност проговорува со јазикот на интактноста и вербата за целото рекомпонирање на семејството да остане или тајна или желба. Претставата, иако се потпира на реторичноста еманира една енергија која не наведува на размислувањето околу се она што значи деструкција на нашата интима и социјала, а ние не можеме до крај да го почувствуваме. Внатрешната согледба и алармантноста околу духовното уништување се идеите водилки и на авторот и на режисерката, а пораката која се формира од почетокот на претставата и допира до нас преку целиот нејзин артизам е силна и неприкосновена. Она што останува е да спречима нашиот хомо сапиенс да не постане хомо луденс. Се друго се околности кои се менуваат со трепнување на очите.
Шестиот, пролетен број на книжевното списание „Книжевни елементи“ во издание на Здружението „Перун Артис“ од Битола, излезе од печат на рекордни 240 страници. Уредник на ова списание е Сашо Огненовски. Списанието „Книжевни елементи“ за коешто интересот се зголемува со секој нов број, може да се најде во книжарниците во Скопје и Битола. Во шестиот број…
Во издание на „Или-Или“ излезе книгата „Јазикот е чудна ѕверка“ на Марина Костова, хибридна збирка со куси лични истории, рецензии и есеи. Книгата е достапна во книжарницата на „Или-Или“, а во рамките на Саемот на книгата од 3 до 9 мај во салата „Борис Трајковски“, авторката ќе ја потпишува на 6 мај од 17-19 часот. „Јазикот е чудна…
На пристапната изложба на новите членови на ДЛУБ, којашто беше отворена во ликовниот салон на ДЛУБ на 28 април, се претставија новите членови со нивните дела, достојно претставувајќи се, секој со свој, својствен уметнички израз. А тој е најдобар показател за нивните стремежи, мотиви и инспирации, израз преку кој имаат што да кажат и што…
(Кон претставата „Цемент“ од Хајнер Милер во режија на Себастијан Хорват и во продукција на Загребачкиот Театар на Младите од Загреб. Гл. Улоги: Ракан Рушаидат, Наташа Копеч, Сретен Мокровиќ, Уго Корани, Пјер Меничанин, Дадо Ќосиќ, Барбара Прпиќ, Петра Свртан, Милица Манојловиќ, Тина Орландини, Миливој Беадер, Ведран Живолиќ, Матео Видек, Тома Медвешек.) „Цемент“ е драмски текст…
Во долгите „дебати“ со мои блиски пријатели и другари на кои општествен интерес и една од занимливите теми за муабет им е политиката и сѐ поврзано со неа честопати филозофираме на темата зошто дојдовме до ова дереџе како нација и држава и зошто не може никако, за жал, и никогаш да се оправиме?! Најчесто констатираме…
(Кон претставата „Game” (Игра) авторски проект на Жига Дивјак во продукција на Словенскиот младински театар и театарското списание „Маска“ како проект на „Нова пошта“. Гл. Улоги: Примож Безјак, Маруша Облак, Сара Дирнбек, Вито Вајс и Матеј Пуц) „Не тепаа по главата“, „Му реков дека имам шеснаесет години, но полицаецот рече: ‘не, роден си во 2001…
(За романот „Хроника на сомнежот“ од Владислав Бајац во издание на Авант прес, Скопје, 2021) Турбулентните времиња на повоена Југославија оставија многу измешани чувства, многу непреспиени ноќи, многу недоумици, многу политизирања и деполитизирања, но и многу сомнежи кои во романот на Владислав Бајац се артифициелизираат како наративни струи испреплетувајќи се со неговиот искуствен сублимат од…
УВОД ИЛИ ВО ПРЕГРАТКАТА НА ДОЛГОТРАЈНИОТ МИГ „Космичко лате“ е кореодрама која не вовлекува во едно многу симтоматично, но многу продуктивно промислување на она што не можеме да го пронајдеме во длабочините на времето, но можеби можеме да се вовлечеме во претпоставките или да си направиме самите на себеси ветувања што ќе ги исполниме низ…
Напишете коментар