Култура

ВО КАФЕЗОТ НА СВОЕТО ТЕЛО

(Кон претставата „Мидлсекс“ по роман на Џефри Јуџинидис, во драматизација на Димитрие Коканов, во режија на Јована Томиќ и во продукција на Српскиот Народен Театар од Нови Сад. Гл. улоги: Бојана Милановиќ, Бранислав Јерковиќ, Золтан Молнар, Драгиња Вогањац, Тијана Марковиќ, Аљоша Ѓидиќ)

Општествените и социјални табуи препознаваат многу релации чија симптоматичност е или сигнификантна или дестабилизирачка. Интерсекс особите не се стекнати појави во глобалното опкружување, туку имаат своја историја која во најмногу наврати е ригидна. Имено, интерсекс личностите се варијации на половите карактеристики, хромозоми или хормони, во многу наврати популарно нарекувани хермафродити и во поранешните општествени констелации третирани како чудовишта. Со Пулицерова награда наградениот роман на Џефри Јуџинидис „Мидлсекс“ зборува за историјата на Кал, или Калиопа, интерсекс особа во машко тело, родена со женски карактеристики. Овој роман има широк распон на настани поврзани со семејството на Кал/Калиопа кое потекнува од грчко село во Мала Азија на висините на Олимп во почетокот на дваесеттиот век и кое во својата генеалогија препознава инцестуозни релации и завршува со смртта на таткото на Кал/Калиопа во емиграција во САД. Јуџинидис во целата оваа сторија прави и пресек на сите настани во тој период како што се Балканските војни, Вотегејт, Детриотската побуна во 1967 итн. Во драматизација и адаптација на Димитрие Коканов и во режија на Јована Томиќ, Српскиот Народен Театар од Нови Сад ја оживотвори оваа многу интересна приказна во претстава која има мошне интересн приод – една совршено чудна и до некаде симптоматична симбиоза на раскажувачкиот и реалистичен театар.

Коканов совршено добро ја насетил симптоматиката на целата приказна и создал драматуршка предлошка која ја синтетизира и историјата на семејството на Кал/Калиопа, но и на општествената констернација кога е во прашање темата на интерсекс личностите. Кога зборуваме за симптоматика мислиме на различните социјални интерпретации на овие личности, нивниот болен допир со општествените струења и вртоглавиците од вертикалата на генеалошкиот амбис кој од друга страна многу мудро самиот Јуџинидис го релативизира преку митолошките компарации. Оваа драматика има перформативен карактер, а тоа се прелева и во режисерката текстура на Јована Томиќ. Двојството на ликот Кал/Калиопа во овој концепт се актер и актерка кои двата антиподи сместени во генетски конфликт ги играат како две различни личности. Врз овој естетски синхроницитет се гради целата претстава, т.е. се плете една мрежа од настани и нивни коментари правејќи ригидитетот да биде сфатен не како траума, туку како состојба, како начин на живот и конечно, како опиплива реалност. Кал и Калиопа се два светогледи и два начини на живот во едно тело. Тука се развива уште една релација која е чисто прагматична и длабоко оправдана во овој режисерски концепт, а тоа е интимната релација. Лебдечкото либидо на целото опкруживање во семејството со бурна и повторно, симптоматична генеалогија, станува вирално првенствено како жанровска глазура, а потоа и како мноштво на синтетизирани факти. „Мидлсекс“ е претстава која не нуди травестија во ниедно значење на зборот. Оваа претстава нуди простор за идентитетско осознавање на другоста, но и за подвојувањето на личноста која очигледно, нема проблем со синдромот на хормонските варијации, туку со значенската матрица во општествените струења. Јована Томиќ, чиј режисерски концепт во таа насока е кристално чист создава еден театарски чин чија леснотија и глаткост многу брзо го отвора проблемот на табуизирањето низ цивилизациските превирања нудејќи полигон за полемизирање на растечкиот проблем и на другоста, но и на нејзината интеграција.

Актерската енергија во оваа претстава е драгоцена затоа што во тој артизам се крие артикулацијата на овој фантастично актуелен проблем кој очигледно се согледува многу маргинално. Бојана Милановиќ како Калиопа и Бранислав Јерковиќ како Кал се ликови кои ја одигруваат таа интерсекс личност истовремено коментирајќи и раскажувајќи ја целата таа сторија на грчките емигранти со далечна античка либидинозна флуидност и историска парадигматичност. И покрај тоа што напати делуваат како еден лик, нивните интерпретации и тоа како се разликуваат. Имено, Бојана Милановиќ импонира со стаменост и енергичност, додека Бранислав Јерковиќ со сензуалност, контрастност која е совршено продуктивна не само во концептуална смисла, но и во значенска. Нивната сплотеност и како актери и како симболи во претставата е круцијална, додека извонредното координирање на нивниот актерски инструментариум зборува за една ретка специфика која воодушевува. Покрај овие два главни ликови, како фантастична актерска креација се наметнува Тијана Марковиќ која ликот на лезбејката Сурмелина, карактер на кој оваа извонредно талентирана актерка му додава еден кабаретски шмек, е всушност ликот преку кој повремено оваа претстава се прекршува во жанровска смисла откривајќи ги своите комични состојки. Бабата и дедото на Кал/Калиопа се друг конгломерат на ликови кои одлично го балансираат реализмот со раскажувачкиот шмек исто така градејќи симпатични ликови на брачен пар кои решиле да заминат преку големата бара и да создадат свое семејство вешто прикривајќи ја својата инцестуозна љубов. Димитрие Аранѓеловиќ како Лефти и Соња Исмаиловиќ како Дездемона одигруваат многу прецизно ликови кои балансираат меѓу страдањето од својата состојба и конзумирањето на таа „недозволена“ љубов. Секако, очигледно е и дојството на кастингот во претставата каде што Јована Томиќ го отвора и оној мрачен, потсвесен дел на ликовите, темната страна која се истакнува низ Мрачниот предмет кој исто така го толкува Тијана Марковиќ. Во епизодните ликови се појавува галерија на извонредно талентирани млади актерки и актери каде се чини дека се истакнува одличната епизода на Аљиша Ѓидиќ кој ги одигрува постариот брат на Кал/Калиопа, чудно наречен Глава Единаесетта и ликот на Рекс Рис.
„Мидлсекс“ е наречен по куќата во која се сместува семејството на Кал/Калиопа, а која се наоѓа на Мидлсекс булеварот во Грос Поинт, Детроит, Мичиген, податок кој има двојно значење. Сценографијата на Јасмина Холбус е негов геометриски сублимат кој е вообличен во симбол на прстен кој се крева и се спушта и врз кој се вгнездуваат сите генерации на оваа вибрантна грчка фамилија, сценографија која е и функционална, а во исто време и значенска. Неа и се придружува и колоротната костимографија на Маја Мирковиќ која не излегува од каноните на реалистичното толкување, но се чини дека е тоа една исклучително неопходна визуелна дијагонала за целата претстава. Секако, суптилната кореографија на Игор Коруга и прилично домнантната музичка илустрација на Лука Мејџор се сегменти кои го надополнуваат впечатокот за едно уметничко дело кое интригира и замислува.


„Мидлсекс“ е претстава за една другост за која човештвото не сака да помисли дека е можна. Затоа во неа и се инсистира на таа мека естетика, исчистена од патетика и непотребно страдање. Јована Томиќ и Димитрије Коканов страдањето на главниот лик/ликови го ситетизираат во релациите, во дијалошките варијации, додека гореспоменатата симптоматика ја репостираат како опскурност и предупредуваат на интимистичката катастрофа која подразбира компримирање на човечкото суштество во небулозата на црно-белите интерпретации. Низ овој начин на мислење оваа претстава постанува еден вид на парадигма, а актерските партии пораки кои се бескомпромисни. Навлекувајќи ја маската на цивилизациска среденост и „одлучност“, претпоставувам дека дваесет и првиот век веќе нема да препознава поредок, туку ќе детектира модели. Оваа приказна во романот на Јуџинидис завршува со тоа што Кал, како маж постанува дипломат обидувајќи се да воспостави конвенционални интимни односи со јапонката Џули Кикучи, додека претставата завршува со отвореното прашање на никогаш решените табуа за интерсекс личностите и истурената пепел врз горливоста на овие појави и нивнит легитимитет. „Мидлсекс“ е конечно претстава која силно не предупредува дека катастрофата во човечкото битствување не лежи во војните и болестите, туку во интимните и општествени недоразбирања на единствениот свесен и „мудар“ примерок на оваа земјина топка – човекот.

Фотографии се на авторите Срѓан Дороски и на В. Величковиќ. Дизајнот на плакатот за претставата е на Нада Божиќ. 

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор: