Почетна / Став / МОЌТА НА ЗБОРОТ И БЕЗНАДЕЖНОСТА НА ИДНИНАТА
МОЌТА НА ЗБОРОТ И БЕЗНАДЕЖНОСТА НА ИДНИНАТА
— 13 февруари, 2022
(Кон претставата „Конс: на новото време“ по стиховите на Сречко Косовел, а во режија на Жига Дивјак и во продукција на Прешерновиот театар од Крањ, Словенија. Улоги: Весна Јевникар, Весна Пернарчич, Дарја Рајхман, Миха Родман, Блаж Сетникар, Весна Слапар, Алјоша Трновшек, Изток Драбик Југ.)
Театарот во себе има и реторичко ткиво. Според Кант „реториката е уметност на говорот“, а говорот е еден од најважните три сегменти на еден театарски чин заедно со движењето и емоцијата. Истражувањата во театарската уметност во насока на неговиот говорен сегмент се базираат на имагнативноста на поттекстот и неговата сематничка вредност. Претставата на Жига Дивјак работена по поезијата на Сречко Косовел се движи по тенките рабови на реториката и значенските формули на зборот. Велам формули затоа што текстуалниот материјал се стиховите од конструктивистичкиот период на овој голем словенечки поет кој за жал многу рано си заминал од овој свет и острината и импактноста на тие стихови во овој концепт на Дивјак е поделен со една дистописка констелација отворајќи нови значења и пораки. Самиот наслов на претставата е од насловот на една од најпознатите песни на Косовел „Конс: За новото време“, наслов кој во себе ја содржи токму кратенката од конструктивизмот, правец кој подразбира уметност во служба на револуцијата и правец во којшто младиот поет навлегол напуштајќи ја неговата рана, интимистичка фаза. Жига Дивјак во овој концепт повторно се служи со комплексноста на реториката, начин на мислење кој го имаше и во претставата „6“ во продукција на Словенскиот Малдински Театар каде исто така тој раскажувачки модус изнесе на видело една многу горлива тема во социјалниот живот на Словенија. Во оваа претстава во концептуална смисла Дивјак можеби оди едно скалило повисоко, а тоа е реинсталирањето на функцијата на поетскиот театар, ставајќи ги стиховите на Косовел во опкружување кое подразбира пуста земја и осум човечки примероци со скафандери во потрага по подобар живот. Ова симплифицирано објаснување намекнува едно чудно поигрување на режисерот со непродуктивноста на конструктивизмот во време на замирањето на комзумеризмот, кога сите земјини блага се веќе истрошени и на таа пеплосана земја нема ништо, освен осум очајници кои ги користат последните капацитети на воздух.
Првите два стиха во песната на Косовел Конс: За новото време се: „Иде новото време на колективизмот, иде новото време за работникот и поетот“. (препев на македонски јазик: Бистрица Миркуловска) Овде ми се наметнува една мисла на Платон која вели дека : „уметноста на реториката е умешност на владеењето со умот на човекот.“ Жига Дивјак со оваа претстава која има исклучително долг вовед во кој многу бавно осумте човечки примероци влегуваат во пустата земја во скафандери и полека си го заземаат своето место наредени еден до друг, се обидува да го пренасочи поттекстот на стиховите на Косовел во нешто што би го нарекол апсурдистички реконципирање на човековата слобода. Во опркужувањето кое го понудува сценографијата на Игор Васиљев актерите/луѓето се едноставно натерани да се служат со реторичкото оружје за да го преживеат своето сопствено убедување дека очајот не е опција и дека пустата земја можеби може да биде каква таква цивилизација. Актерите и актерките во оваа шеесет и пет минутна претстава си ја префрлуваат реторичката функција на стиховите на Косовел како ангажман на кого не му бараат логика од едноставна причина што тоа го вели само реализмот, додека градирањето при изговорувањето на овие стихови упатува кон експресионистичко толкување кое на моменти има дадаистички лакмус. Поттекстот на овие изговорени стихови не конвенира со Косовеловиот конструктивизам, напротив, околностите навлекуваат една чудна, френетична скрама врз целата нивна партитура која пак, од друга страна не е индивидуална, но затоа е многу поврзана низ својата симптоматика. Косовел има остар стих, а актерските внатрешни конвулзии тој стих го префрлуваат кон реципиентите низ еден очајнички регистар кој зборува за тоа дека револуцијата подразбира реорганизрање и повторно изградување на нов поредок, а „новото време“ е, по она како го води дејствието младиот Дивјак можеби нова војна за вода или за воздух. Дистопискиот аспект е иницијален, но моќта на зборот на актерите и актерките наведуваат на тоа дека надежта во себе ја содржи она епика која ќе не натера да најдеме во себе доволно кураж барем да испишеме некоја нова историја, макар и со малку воздух.
„Во новото време секој работник ќе биде човек, а секој човек ќе биде работник“, вели Сречко Косовел, а униформираните луѓе низ пустата, изгорена земја од овие, а и од другите стихови ја извлекуваат онаа лапидарна опсценост која е можеби единствената причина да се продолжи со живеење. Стиховите на Косовел низ целата претстава струјат од еден до друг актер, се згуснуваат во поттекстите на сите актери и актерки, но и се вовлекуваат во повремени шепоти кои делуваат стравично, за на крајот сите осум очајници да потонат во темнината од која и излегле. Весна Јевникар, Весна Пернарчич, Дарја Рајхман, Миха Родман, Блаж Сетникар, Весна Слапар, Алјоша Трновшек, Изток Драбик Југ во овој по многу нешта истражувачки концепт на Жига Дивјак играат совршено компактно. И покрај тоа што за време на целата претстава се заробени во скафандерите од кои можеме да ги видиме само нивните осветлени лица, нивните реторички конвулзии, органиката на нивните поттексти, како и острината на изведениот текст ја прават оваа претстава мошне интересна и мошне чудна. Нивната вокална артилерија исфрла големи искри на гнев и очај, нивната надеж е нераскинлив дел од она што би го нарекле копнеж на самиот автор за подобар живот, но и придушен крик кој го чувствуваме со секоја изговорена реченица, со секоја градација, но и со секој шепот.
„Конс: за новото време“ импонира и со својата извонредна визуелизација која претставува сува, пеплосана земја над која се извиваат дистописките предели во видеото на сценографот Игор Васиљев, на кого се надоврзуваат идентичните, но одлично креирани костими на Тина Павлович. Тука се придружува и мрачната музичка илустрација на Блаж Грацар а самата текстуална предлошка од песните на Сречко Косовел многу инспиративно ја составиле режисерот Жига Дивјак и Катарина Морано.
Жига Дивјак и сјајните актери на Прешерновиот театар од Крањ многу силно и одлучно проговориле за крајната консеквенца од авторитарните режими кои на овие простори земаат се поголем замав. Низ новите призвуци на конструктивистичката поезија на Сречко Косовел ова претстава говори за залудниот и очајнички крик на човекот кој низ пустелиите кои останале од глобалната деструкција талка со мал зрак на надеж дека „новото време“ од некаде ќе дојде. И Жига Дивјак и актерите многу тажно ни кажуваат дека на хоризонтот нема ништо, а земјата е црна и многу тешка за чекорење.
Навикнат сум да живеам во комплетно недоразбирање со мнозинството. Порано мислев дека ако дадам сè од себе, во еден момент ќе се разбереме и ќе заживееме среќно и весело до крајот на животот. Тоа кога бев млад. Сега кога сум поискусен, кога можам да ги согледам дури и резултатите од сопствените залагања, јасно ми е…
На 69-годишна возраст почина Александра Слаѓана Милошевиќ, иконата на новиот музички бран во осумдесетите години во поранешна Југославија. Важеше за икона која ги рушеше сите табуа, а на пошироката јавност ѝ е најпозната по хит-нумерата „Принцеза“ која во 1984 година ја сними со Дадо Топиќ. Вистински бум направи со антологискиот хит и спот „Мики, Мики“…
Познатиот српски фотограф Томислав Петернек почина на 91-годишна возраст во Белград. Тој беше носител на највисоките титули во професијата и добитник на повеќе домашни и меѓународни награди, а неговите фотографии беа објавени во најзначајните светски весници, пренесува РТС. Томислав Петернек е роден 1933 година во Винковци, а со фотографија се занимава од 1954 година, пишува…
Денеска по кусо боледување почина еден од највлијателните и најуспешни скопски диџеи, музичари, композитори, текстописци, издавачи и продуценти Мирко Попов. Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите…
Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Објавувањето на добитникот на наградата се одржа денеска во кафе-книжарницата „Буква“, а за победникот одлучуваше жири-комисија составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо…
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа…
(Кон претставата „Поткровје“, по драмскиот текст „Цена“ на Артур Милер во продукција и режија на Александар Ивановски во копродукција со Македонскиот народен театар од Скопје. Главни улоги: Томислав Давидовски, Хари Михајловски, Елена Кузманов, Горан Ников) Двоактната пиеса на Артур Милер е напишана во далечната 1967 година, веднаш по неговите големи пиеси со кои стекнува светска…
(Кон претставата „Бура и продор“ по концепт и режија на Теа Беговска, а во продукција на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“. Главни улоги: Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски, Дин Ибрахим) Најпознатата сентенца на Питер Брук во неговото капитално теоретско дело „Празен простор“ вели: „Можам да земам кој било празен простор…