Култура

Соња Ван Дер Бург: Сликарството е како отворена книга

Соња Ван Дер Бург е сликарка од Холандија. Завршила на Кралската академија за фини уметности во Хаг, каде денес живее и работи. Оваа година, таа за прв пат ја посети Македонија и беше една од седумтте странски учесници на ликовната колонија „Св. Јован Осоговски“ што секоја година се одржува во истоимениот манастир во Крива Паланка. За прв пат таа имаше можност одблизу да го доживее она што го слушала од своите пријатели кои пред неа ја посетиле Македонија.

-За Македонија многу слушав од еден мој пријател кој престојуваше во Охрид. Тој зборуваше многу убаво за вашата земја и јас оттогаш имав желба да ја посетам и да доживеам макар и еден дел од неа, вели оваа сликарка која со големо воодушевување зборуваше за манастирот во Крива Паланка. Престојувајќи во прекрасниот повеќевековен споменик на културата таа имаше можност да се запознае со еден дел од нашата повеќевековна историја. Таа со себе понесе впечатоци и од градот Скопје, од посетата на неколку музеи. Како и останатите странци на колонијата и Соња ван дер Бург беше одушевена од двете цркви во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“. Но, таа својот восхит го пренесуваше на нешто што го нема во нејзината земја на рамниците, а тоа се планините.

-Од земјата од која доаѓам нема планини. Таму се е рамно, па токму опради тоа со големо одушевување зборувам за нив. Посебно е убаво во Крива Паланка, во тој прекрасен  манастирски комплекс, каде заедно со природата и планината која го опкружува, сетоа тоа делуваше мошне смирувачки и инспиративно за нас уметниците.

За ликовни колонии каква што е колонијата „Св. Јоаким Осоговски“, во Холандија или ги нема, или пак таа нема слушнато за нив, вели оваа сликарка. Во Холандија уметниците поинаку се организираат и се дружат.

-Луѓето работат заедно но не се органиизрани во ликовни колонии од типот каква што е оваа во Крива Паланка. Градовите ги имаат домопвите на културата каде уметниците работат и си помагаат заедно. На обваа колонија беше убаво што сите ние, уметниците, кои доаѓаме од различни земји, имавме можност да се дружим, запознаеме и да размениме идеи и искуства.

За своето искуство Соња ван дер Бург вели дека е рефлексија на нејзините соништа, патувања и планови. Понекогаш настаните продолжуваат внатре во процесот на сликањето, ги освежуваат старите сеќавања преку нови сликарски истражувања. Да твориш значи да бидеш во различни состојби нба постоење и патување, да стекнуваш нови пријатели и доживуваш нови пријатели и доживуваш постојани емоции. Создавањето ја подразбира и слободата, а тоа значи да се биде слободен во дозволениот ток, да ги совласуваш стравот и новите предизвици на истражувањата, или само да го прифатиш непознатото..

-Создавам приказни кои се трудам да ги пренесам во делата. Додека цртам приказните се случуваат и на платното. Најчесто кога седнувам да сликам јас точно знам што ќе сликам, имам визија. Моето сликарство е како една книга, во која што секоја слика претставува една глава од книгата. Кога ќе ме прашаат луѓето што сликам, јас не можам да им одговорам, бидејќи секоја слика е различна, вели оваа авторка којашто мотивите за нејзините слики најчесто ги наоѓа во нејзината секојдневна работа но и од митологијата.

Слика со маслени и акрилни бои. Основите ги прави со акрилни бои а потоа продолжува со маслени. Сликањето не и е единствената работа. Таа тука ја дели судбината на повеќето македонски уметници, кои покрај сликањето работат и некоја друга работа. Соња ван дер Бург работи многу хумана работа. Таа работи за една установа каде се сместени постари луѓе и на кои таа, со помош нба уметноста се труди да им го разубави животот. Се работи за социјална работа и не се работи за учење во вистинска  смисла на зборот, туку изнаоѓање начин за комуникација, испитување себеси како да им пристапам и која метода да ја изберам во процесот на учењето.

Нејзината работа е овие луѓе да сфатат во каква средина живеат, да можат да се изразат.

-Тоа е многу важно, бидејќи не можам да ги учам ако не откријам што знаат и понекогаш јас учам од нив, бидејќи треба да дознам што тие биле во животот. Јас се трудам да откријам што тие знаат, а потоа настојувам и ги учам да го обноват знаењето. Во тој процес на меѓусебно дружење понекогаш и јас нешто учам од нив. Се трудам да им помогнам да ги прошират своите знаења, да научат нешто од својата истоија, бидејќи сметам дека е многу важно да научат од каде потекнуваат. Многу од нив не се сеќаваат на ништо и сакаат само да се вратат дома. Јас се трудам да внесам малку  квалитет во нивните животи. За тоа е потребно да им го отвориш срцето, да направиш да ти веруваат, а тоа се постигнува ако си искрен и приврзан за нив, вели Соња ван дер Бург.

(Интервјуто е објавено во „Утрински весник“ 2002 година)