Култура

ТЕНКИТЕ ЛИНИИ НА НЕДОУМИЦАТА

(Кон романот „Најосаменото место“ на Симеон Јанков во издание на Или-Или, Скопје, 2021)

Големиот режисер и писател Вуди Ален во една прилика рекол дека „ животот е полн со беда, осаменост и страдање и  сето тоа е премногу рано.“ Никогаш не е доцна, но секогаш е прерано да се предадеме во темната прегратка на меланхолијата и да станеме вечни робови на најфреквентните прашања за смислата на нашиот живот. Симеон Јанков напишал роман кој е исткаен од сублиматите на тие прашања и многу умешно го сместил во една т.н. „ноар“ обвивка за тие исцедоци од премислувања да ги испушти низ тенките линии на недоумицата и преку многу чудниот љубовен триаголник на две жени од кои едната е одамна мртва да исткае четиво што импресионира. „Најосаменото место“ импонира со својата нарација, со стилот на аворот кој има еден ненаметлив, но многу потребен Камиев зачин и приказна во длабочината на таа нарација која не наведува на сопствени размислувања да речеме за можните судбински недоразбирања или за една нереализирана животна тенденција. Јанков за емотивните констелации зборува со еден егзистенцијалистички јазик контекстирајќи ја својата осаменост во свет кој е маглив и тивок, но е за него многу привлечен. Зошто? Затоа што љубовните триаголници секогаш завршуваат со лузни. Со доза на предупредување и меланхолија. Јанков токму тој маглив свет на меланхолијата го спротивставуа на реалитет кому му го натоварува и стравот и срамот, а најмногу благиот цинизам. Неговата пред дваесет години почината љубов е дел од тој свет на лицемерие, на неверност, на предавство и целата потрага на главниот, безимен лик всушност е пребарување низ џебовите на копнежот. Но, таму нема ништо. Тој не ја наоѓа љубовта, наоѓа само некаква надеж која повремено се кине и не му ветува ништо. Токму затоа кога го читаме овој риман имаме впечаток дека тој, изневерениот, предадениот, несфатениот плива во матната вода на недоумицата сигурен во едно – дека и замислениот и реалниот (стварниот) свет имаат исти корени, а тоа се корените на гревот. Токму така, а тој на неговата одамна изгубена љубов не и може ништо: „Што би требало да ти кажам душичке најмила моја, за да ми поверуваш дека сум целосно свесен, дека ништо на светов нема да го промени она што веќе се случи? Би можел да ти напишам се и сешто и пак сеедно да биде. Совршено ми е јасно дека таму каде што си ти нема кој да те прегрне и барем за миг својата топлина да ти ја даде.“ Осамата секогаш ја визуелизираме со темнина, со магла, со недореченост. Главниот лик на овој роман е и писател, а во својата осама се нурнува и низ етимолошките значења на зборовите, но и во вечната крстоносна војна со првата синтагма што ни доаѓа каде и да сме, што и да правиме: „не знам“. Ликот на Симеон Јанков се соочува со издробените ронки на субјективноста и се чини дека тоа е она што овој роман во некоја стилска подземност го поврзува со Камиевата писателска провиниенција. Осаменоста во овој роман со себе носи еден лакмус на преиспитување во кое авторот/ликот навлегуваат многу храбро, конфронтирајќи две жени од два различни света и овој книжевен рецепт го прави овој роман многу оригинален. „Најосаменото место“ во романот на Симеон Јанков е во јадрото на нашата непослушност да се погледнеме себеси тогаш кога најмалку сакаме да го направиме тоа. Јанков говори за нашиот сопствен страв од самите себеси и можеби таа е една од причините зошто и одамна починатата Изабела и сегашната Рената се во една дијаболична врска на чие средиште е главниот лик. Главниот лик нема име затоа што неговата духовна редундантност е отров за неговата флуидност. Тој навлегува во апсурдот на релациите каде „немало ништо мудро и ништо глупаво што не се мислело одамна“, како што вели Мефистофел во Гетеовиот Фауст, но навлегувајќи во тие релации чии нишки се непознати за него, главниот лик се обидува да се дистанцира од себе и Јанков од тој атом го гради јадрото на овој мошне интересен роман. Најосаменото место е репродукција на чистилиштето во кое минуваме како грешни, но и како невини. Љубовниот траголник во овој роман е на работ од фиктивноста и реалистичната приказна каде тој, главниот лик е губитник уште од самиот почеток, но тука започнува неговата сага за самооправдување како првата станица на рехбилитацијата на својот дух, на тежнеењето да не се расцепи личноста, да не се замине во вртологот на лудилото чија поетика е непозната. Јанков фикцијата на својата одамна почината љубов Изабела ја претвора во низа прашања од кои најгорливо е она што отсекогаш го возбудувало и потписникот на овие редови, а тоа е прашањето на – присутноста. Главниот лик вели: „Постоев само во својата книга“, што е една есенција повисоко во аналитиката на авторот, како и дека е „во облик на некој збир спомени и без јасен корен; постоев како скитчки збор.“ И тоа е главниот сублимат на овој роман – зборот кој низ етимолошката претресеност станува скитник собирајќи на судбината на главниот лик како духовно искуство и расфрлајќи го истото тоа искуство како порака, но и како прашање. Главниот лик потоа се прашува: „Каков заклучок би извел од сево ова и дали повторно тоа ќе биде плод на мојата длабока субјективност?“ Субјектувноста е опасната кривина во романот која Јанков многу вешто ја поминува навлегувајќи во пазувите на романот како негов дел. Кругот на претпоставки се затвора со главниот лик без име кој и е, но и не е самиот автор. Симеон Јанков зафрлувајќи ја и таа претпоставка зад себе и зад приказната нуди етерична сторија во „ноар“ стил со низа недоумици од кои најважно е едно: се случило само во неговата глава. Тоа и да не е точно, мора да биде легитимно, затоа што главниот лик крајно мазохистички не се откажува од виреењето во тие недоумици. Јанков навлегува во етимолошките толкувања и во дескрипции повремено излегувајќи од текот на раскажувањето за да фрли уште еден поглед на енигмата на недефинираниот духовен простор кој, како што реков, е етеричен и недофатлив. Овде ќе ја споменам Силвија Плат која вели дека:  „да, има радост, исполнување и дружење, но осаменоста на душата во нејзината застрашувачка самосвест е ужасна и надмоќна.“ Симеон Јанков низ овој роман точно знае дека битката со осаменоста е секогаш тешка и дека ретко кој излегол победник од неа. И неговата раскажувачка поетика галопира со зачудувачка брзина вовлекувајќи го читателот во еден свет со кој досега не се соочил, со светот на „самосвеста“. Тој недостаток е малото јадро на овој роман, она средиште кое ја имплицира онаа неискажлива духовна неудобност на сите нас, нешто што никогаш нема да си го признаеме ниту себеи, а уште помалку на другите луѓе.

„Најосаменото место“ е еден од најинтересните романи во македонската книжевност чија раскажувачка умешност има исклучително високо ниво, роман чија иновативност плени и воодушевува. Осаменоста секогаш била посакувана тема на многу автори. Јанков не зборува за тоа место како за прибежиште, тој зборува за онаа темна мапа на нашата свест која има многу станици, а ниедна од нив не е крајна. Фауст го ставил потписот каде што не требало да го стави и на дар ја добил осаменоста, додека главниот лик на Симеон Јанков осаменоста ја добива како понуда да продолжи низ брановите на спомените. Каде оди неговиот брод? Кон кој пристан?

Рецензија на Сашо Огненовски

Tagged with:

Автор:

Слични статии