Култура

ОТКРИВАЊЕТО НА ВРЕМЕНСКИТЕ ТРАГИ

(Кон „Засолниште на времето“ на Георги Господинов во издание на „Или-Или“, Скопје, 2021)

Времето е категорија која е недофатлива и секогаш постанува начин да се засолне се што е недовршено, непотребно, недостижно, а во повеќе наврати и нелагодно. Каде се кријат временските траги кои човекот никако да ги фати и од каде произлегуваат сите идеолошки и политички несолгасувања што човештвото го чинат жртви и декаденција. Георги Господинов во својот најнов роман „Засолниште на времето“ зборува со јазикот на Умберто Еко навраќајќи се на една глобална дихотомија на времето: мемориската и фактографската. Користејќи ги утописките ставови на Гаустин за создавање на згради или градови на минатото каде што луѓето преку избришаната меморија ќе можат да се населат таму и на таков начин да се вратат кон себеси, тој отвора една многу важна и посакувана димензија, а тоа е временската иреверзибилност како метод за ресистематизирање на човековото искуство. Утопијата е чудовишна, додека населувањето во привидот е можеби еден вид на надеж. Господинов не кореспондира со приказна што подразбира ликови и линеарен тек, туку преку филозофското понирање во значењето на временската траекторија, тој се обидува да изнесе прашања што се впишани во ткивото на духовниот хабитус на човекот. Во првите два дела од книгата тој зборува за минатото како заедничка и како интимистичка категорија, но зборува и за состојбата на нереализираната надеж која многу симптоматично се вообличува во утописки модел, а кој е исклучтелно тешко да се визуелизира најмногу заради цикличното повторување на историјата: „Времето не се вгнездува во тоа што е необично. Тоа си бара тивко и мирно место. Ако откриеш траги од друго време, тоа ќе биде во некое незабележливо попладне. Едно попладне во кое ништо псоебно не се случило, ништо освен самиот живот…“ Меморабилијата е товар, но е и поука така што она што е конструктивно во овие први два дела е симптоматиката на временските траги. Времето остава и физички и спиритуални траги. Затоа минатото е полнеж кој се празни со лудило, а необичноста се облекува во уметност. Господинов инсистира на симптоматиката на фактографијата и ја поткачува многу малку имајќи го Гаустин како репер, но не и како оправдување. Еко ја компримира човековата деструкција во напорот да се систематизира хуманистичкиот багаж имајќи во предвид дека „уметноста на романтиката, иако нè предупредува дека дава фикции, отвора врата во Палатата на апсурдноста и кога лесно ќе влеземе внатре, ја треска зад нас.“ Апсурдот е едно од излачените значења на целиот роман, но Господинов е поприлично цврст во ставовите кога се работи за трансферирање на минатото и неговите фарсични толкувања. Во вториот дел Господинов зборува токму за тие идеолошки константи на минатото, за турбеулентноста на значенските матрици, но зборува и за една субординарна константа која е неодминлива кога зборуваме за завлекувањето на историските опашки низ нашиот духовен хабитус: „Може ли едно востание што не стигнало до својот крај да стане важно и значајно? А кое друго, ако не она што всушност не се случило? Не е ли само тоа што го има потенцијалот да се случи и да се направи така, како што сакаме, без ограничување од фактите. Да биде реконструирано, така да се рече, по сеќавање и фантазија. Овде сите имаат искуство уште со своето раѓање ( и по наследство) со тоа што не се случило.“

Во овој дел од романот лежи методот на разбирање на вечната недоумица за патриотизмот и националните квалификации. Често се прашуваме како се повредува нашето национално чувство? Како го квалификуваме патриотизмот? Како можеме да ја почувствуваме нашата татковина? Господинов зборува за едно многу често измествање на реалитетот облечен во политички и општествени тоги од кои секогаш се сопнуваме мислејќи дека некој друг ни подметнал лошо сфаќање или сме станале жртви на недоразбирање. Човекот недоумиците и патриотското чувство во многу наврати го платил со големи жртви, со војни кои се уште не запираат. Господинов за тие недоразбирања зборува како за временски алатки што го заслепуваат идентитетот. Вториот дел од романот се фокусира на непрегледноста на националистичкото слепило, на неконсеквентноста на емотиконот на припадноста и на осаменоста на оние што припадноста ја замениле со универзалноста. Овде ќе се потсетиме на еден доста ригиден цитат на Умберто Еко од „Прашките гробишта“ во кој вели дека: „ Некој рече дека патриотизмот е последното засолниште на кукавиците; оние без морални принципи обично обвиткуваат знаме околу себе, а тие копилиња секогаш зборуваат за чистотата на расата.“ Господинов е бескомпромисен кога е во прашање припадноста. Временската константа на секое генетско закотвување е со широки толкувања. Стареењето на човекот има искуствен прерогатив и општествената и политичката обременетост не ја запираат временската флуктуалност, напротив, го забрзуваат и онака фрагилното суштествување.

Во третиот дел од романот тој најмногу зборува за таа деидеализација и за можното визуелизирање на утопијата, за едно многу елегантно прескокнување  на минатото и влетување на нешто што не ни налик на иднина, туку на еден простор меѓу заборавот и носталгијата. Тој вели: „Се обидувам да завршам една книга за губењето на сеќавањето и … брзам да ја завршам пред да заборавам за што всушност беше. Но, ако се што пишувам се случува, треба да бегам во друго лице.“ Бришењето на сеќавањето е можно бекство, но е и можеби некој друг почеток. Човечкото суштество од се друго на светот, најдобро знае да започне од почеток. Господинов пишувајќи роман за времето, напишал многу читлив текст за човековата достага, затоа што најголем дел од животот, сакале или не, ние го поминуваме во сеќавање. Временските траги се најмногу во сеќавањето. Свесни за она што ни преостанало од животот, секогаш се завртуваме кон она што било, најмногу во периодот кога помислуваме дека не останало уште многу за живеење. Затоа историјата во овој роман е фарсична алатка, „аргументирано“ безумие за кое Наполеон Бонапарта вели дека е „збир од договорени лаги“ на историчарите за кои пак од друга страна големиот Лав Толстој ќе каже дека се „како глуви луѓе кои продолжуваат да одговараат на прашањата кои никој не им ги поставил.“

„Засолниште на времето“ е опус магнум на Георги Господинов, роман исклучително потребен во овој грешен дваесет и први век, роман кој зборува за есенцијалните човекови недоумици, роман чија крајна цел не е да се разбере, туку да се префолрмулира во личното поимање на светот, роман од кој понекогаш можеби и ќе се уплашиме затоа што сакале или не, тој открива и некои наши подземи мисловни лукавства, роман на кој без остаток мораме да се навратиме затоа што и неговото читање е дел од времето што ќе го потрошиме …  Она што бескрајно импонира во прочитот на овој епохален роман е т.н. „Синдром на неприпаѓање“ каде Господинов рецитирајќи го Гаустин вели дека: „Ниедно време не ти припаѓа, ниту едно место не е твое.“

Личното чувство на авторот на овие редови е дека „Засолниште на времето“ е роман чија последна страница е и прва и дека ова е роман без крај и без почеток, една феноменолошка цикличност која не наведува да помислиме дека времето можеби може да се одвои од нас, но не и ние од него. Книжевноста е лага во кога сакаме да живееме и затоа многу еуфемистично ја нарекуваме „фикција“, додека времето е флуктуална категорија која и колоквијално и литерарно ја преименуваме во „судбина“. Нашите влогови во сето тоа се незнатни, затоа што искуството не раѓа и не погребува. Токму затоа констатацијата дека местото не е наше и дека секое преминување на друго место не значи дека си на вистинското.

Рецензија на Сашо Огненовски

Tagged with:

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *