Култура

РАЗНОЛИКОСТА И АКТУЕЛНОСТА НА СИМПТОМАТИЧНИОТ МИГ

(Кон 52-то издание на  „Недела на словенечката драма“ одржано во Крањ, Словенија од 27 март до 8 април 2022 год.)

Театарскиот фестивал „Недела на словенечката драма“ ја живее својата шеста декада од постоењето. Репертоарот на овој фестивал е составен од дела на словенечки автори кои се изведуваат и во Словенечките, но и во театрите надвор од Словенија. Оваа година фестивалот повторно му се спротивстави на смртоносниот вирус и дефинитивно, со целиот свој сјај се врати на својот вообичаен период на одржување и неговото отворање беше точно на меѓународниот ден на театарот – 27 март. Во текот на дванаесетте дена на фестивалот беа прикажаени четиринаесет претстави од кои осум во конкуренција, пет во придружната програма и една претстава за деца. Во конкуренција, а во селекција на драматичарот и сценарист Рок Андрес беа претставите: „И векот ќе зарумени. Примерот Коцбек“ по текст на Андреј Инкрет и во режија на Марјаж Бергер, во изведба на Театарот Антон Подбевшек и Словенечкиот Народен театар од Нова Горица во копродукција со Цанкарјевиот дом и галеријата Божидар Јакец, „Соло“ по текст на Нина Раиќ Крањац и учесниците во претставата во режија на Нина Раиќ Крањац во продукција на Словенечкиот Младински театар во копродукција со театарското списание „Маска“ од Љубљана, „Масло од црн ким“ по текст Барбара Земљич која е и режисерка на претставата во продукција на Градскиот театар на Љубљана, “Under Construction”, во режија на Алјоша Ловриќ Крапеж во продукција на Театарот „Глеј“ од Љубљана, „Конс: за новото време“ по поезијата на Сречко Косовел, во режија на Жига Дивјак и во продукција на Прешерновиот театар од Крањ, „Убавите Види убаво горат“ по текст на Симона Семенич, во режија на Маша Пелко  исто така во продукција на „Прешерновиот театар“ од Крањ, „Оскоруша, штрудла и уште нешто“, по текст на Симона Семенич, во режија на Јуре Новак и во продукција на Словенечкиот Народен театар од Нова Горица во копродукција со Словенскиот Младински Театар од Љубљана и „Таа ноќ ја видов“ по текст на Драго Јанчар, во режија на Јанез Пипан во продукција на Словенечкиот Народен театар од Марибор, Југословенскиот Драмски Театар од Белград и Бургтеатарот од Виена. Во придружната програма беа изведени претставите: „Потрес“ на Доротеја Надрах и Ева Куковичиќ во продукција на Куќата на култруата од Целје и АГРФТ од Љубљана, „Треска“, авторски проект и режија на Жига Дивјак во продукција на Словенечкиот Младински театар од Љубљана, steirischer herbst ’21 и театарското списание „Маска“, „Како дојдовме до овде“ авторски проект на Матеј Рецер и Грегор Зорц во продукција на „Момент“ и Театарот „Глеј“ од Љубљана, „Зелда“ по текст на Варја Хрватин во нејзина режија во продукција на Словенечкиот Младински Театар од Љубљана и Варја Хрватин и „Биди театар!“ на Бранко Завршан и ансамблот во режија на Ивана Ѓилас во продукција на Словенечкиот народен театар од Целје, како и детската претстава „Козјиот суд во вишновата планина“ по текст на Јосип Јурчиќ во режија на Лука Марцен во продукција на истиот театар.

Она што го карактеризира овој секогаш интересен театарски фестивал е големата разноликост во начините на промислување и во драматуршка и во режиска смисла, теми кои се движат од современи, па се до историски, а и авторски обележја кои се протегаат од реализмот па се до истражувачкиот фактотум најмногу во формата и изразот. Театарскиот минимализам е присутен во режискиот ракопис  на неколку театарски претстави (Масло од црн ким) наведувајќи не на помислата дека длабокото понирање во поттекстите на реализмот е секогаш интересно и подложно на нови толкувања и разбирања. Двете претстави на младиот режисер Жига Дивјак (Конс: за новото време, Треска), од друга страна откриваат едно ткиво на театарската експресија чиј експериментален шмек ја распорува инспирацијата и ја претвора во нешто што би го нарекол „колкетивен аргументативен хибрис“, режиска промисла што почива на симптоматиката, агресивноста и погубноста на фактите кои не се покажуваат, туку се изрекуваат и сценски се метаболизираат. На овој начин на мислење се придружува и театарската претстава „Соло“ која исто така е провната низ таа двојна решетка на експериментирањето и ангажираноста во режиски и актерски контекст. Некаде во средината, повремено со силни реалистични конпоненти и хибридно, низ раскажувачката театарска рамка се двете претстави работени по сјајните драмски текстови на една од најдобрите Словенечки драматичарки Симона Семенич „Убавите Види убаво горат“ и „Оскоруша, штрудла и уште нешто“, комедии со горчлив вкус кои балансираат на тенкото сечило на Пиранделовската парабола во првиот и низ треперливите траектории на гротеската во вториот текст. Во таа хибридна театарска драматика се провлеува и четиричасовната епопеја на Јанез Пипан по романот на Драго Јанчар „Таа ноќ ја видов“ која, пак од друга страна говори за историските недоречености и нивните интимистички трауми во воените виори на средината на дваесеттиот век на овие простори, додека раскажувачкиот театар со силни пораки и длабок ангажман го гледаме во проектите „Under construction” на Театарот „Глеј“ и „И векот би зацрвенел. Примерот Коцбек“ , продукцискиот проект на Театарот од Нова Горица и Цанкарјевиот дом од Љубљана.  Различноста во промислувањето и тематските определби донесоа и различни продукти со извонредни актерски оставрувања, енергија и актерска посветеност која импресионира. Тука ќе ги споменеме одличните улоги на Бернарда Оман во „Маслото од црн ким“, Марјута Сламич и Драга Поточњак во „Оскоруша, штрудла и уште нешто“, сјајната колективна игра на актерите во „Конс: за новото време“ и „Убавите Види убаво горат“, како и улогите на Наташа Матјашец Рошкер, Блаж Доленц, Милан Мариќ и секако Милена Зупанчич  во „Таа ноќ ја видов“. Оваа актерска енергија зборува за исклучителното потенцирање на актуелноста на сите мотиви со кои се направени претставите, за еден став кој на еден начин значи и одржување на сегашниот миг на симбиотскиот аспект на театарот како синтетичка уметност. Овде би ги спомениле и режиските видувања на Жига Дивјак кој низ сите свои проекти навестува едно ново ехо на театарската експресија, тој фактотум кој го споменавме погоре воден од импактоста на глобалната траума што не е одиграна, туку е врзана за духовното ткиво и на режисрот  и на актерот, на Јуре Новак кој го завртува рализмот на онаа страна на која досега не сме го виделе со извонредна моќ да му даде значење на секој изрежиран детаљ, на Маша Пелко и Нина Раиќ Крањац кои експериментот во театарот го водат преку експресионистичките води со силен симболистички акцент, како и на монументалниот „натурализам“ на Јанез Пипан благо зачинет со ситни, но многу важни раскажувачки констелации. Но, тука би се задржале и на една завидна продукција en general, на словенечкиот театар кој може да се пофали со сериозна и длабока драматика, режија и актерска игра чија актуелност е громогласна и присутна до крај. Симптоматиката на денешното време е, би рекол, сеопфатност на сите претстави на најразлични нивоа. Тензиите со кои ова време го притсика и гледачот кој ќе влезе да ги погледне овие претстави стануваат тематски определби низ најразлични дискурси, така што и покрај одличните уметнички достигнувања, овој фестивал пренесува и многу пораки и цивилизациски предупредувања.

На „Неделата на Словенечката драма„ се доделува и легендарната награда „Славко Грум“ која оваа година е доделена по 52-ри пат, а жирито во состав Весна Јевникар, Јаков Рибич и Томаж Топоришич наградата ја додели на  драмската авторка  Катарина Морано за својата пиеса „Седименти“, додека наградата за млад драмски автор оваа година е во рацете на Ели Божиќ за пиесата „Интерпретацијата на Сања“. Наградите на фестивалот ги додели жири во состав Дијана Колоини, Викторија Рангелова и Тери Жежељ. Наградата за најдобра претстава наречена Шелигова награда беше доделена на претсатавата „Соло“, додека наградите за најдобар актер на Бенјамин Крнетиќ за истата претстава и на Марјута Сламич за улогата на Богдана во претставата „Оскоруша, штрудла и уште нешто“. Посебна награда за креација и инвентивно поврзување на различни театарски јазици беше доделена на претставата „Under construction” на театарот „Глеј“, додека наградата на публиката отиде кај преставата „И векот ќе зарумени. Примерот Коцбек“. Секако, како и секоја година, и оваа година, „Неделата на Словенечката драма“ организира и дополнителни настани како што се: Читањето на десетминутните сцени на студентите на АГРФТ од Љубљана, тркалезните маси посветени на Иван Цанкар и на иднината на поддршката на Словенечката драматика, мултимедијалното предавање за Словенечката драматика во Израелскиот театар, како и денот на номинираните за Грумовата награда: Јера Иванц, Катарина Морано, Урша Мајцен и Алјоша Ловрич Крапеж. Наградата Владимир Краљ за животно дело на ова издание на фестивалот беше доделено на Аља Предан, позната Словенечка драматургиња, преведувачка и театрологиња, додека наградата за критички и театролошки достигнувања во последните две години која исто така го носи името на Владимир Краљ беше доделена на Петра Видали, словенечка театарска критичарка.

„Неделата на Словенечка драма“ е голем фестивалски настан кој не е само лична карта на Словенечката драматика и на претставите работени по дела на Словенечки драматичари, туку е и еден многу важен театарски лакмус за состојбите на театарот во Словенија, за неговите превирања и тектоники. На овој фестивал театарот ги покажува сите свои светлини и сенки, прозвучува со сите свои крици и шепоти, го преиспитува и го пласира својот став што подалеку може, едноставно, Словенечкиот театар се случува со целата своја живост и артистичен импулс и токму како што во своето увидно обраќање споменува Јуре Новак, директорот на фестивалот, „овој фестивал со својата разноликост и инклузивност го отвора богатството на живата уметност на Словенија.“ Општествената и политичка реалност со која се соочуваме е симптматична, тензична, но и многу инспиративна. Словенечките театарски уметници знаат тоа да го преточат во големи театарски дела кои со себе носат голема возбуда, но и силна порака.

Фотографии на Нада Жганг и на Петер Џиордани

Рецензија на Сашо Огненовски

Tagged with:

Автор:

Слични статии