Култура

Мастер клас со Елен Лотман, кинематограферка и професорка: Реалноста навистина не е доволна, затоа треба да се создава

Третиот мастер клас во рамките на 43. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола го одржа Елен Лотман (Elen Lotman), кинематограферка од Естонија. Таа има реализирано повеќе од 20 играни, документарни и кратки наслови, снимени речиси низ целиот свет, од Јапонија, Тибет, Тајланд и Индија, до Никарагва, Костарика, Финска и Рускиот Артктик.

Добитничка е на низа признанија и учествувала во натпреварувачките програми на престижни фестивали низ светот, како IDFA, Tampere Film Festival, Black Nights Film Festival, Moscow International Film Festival… Со долгометражниот документарец „Драга мајко“ (Dear Mother; 2020 година) освои награда на Филмскиот фестивал во Торонто, а со долгометражниот игран „Збогум СССР“ (Good Bye Soviet Union; 2021) ја освои наградата на публиката на Black Nights Film Festival во Талин, Естонија.

Лотман активно се занимава со едукација и е професорка на Baltic Film, Media and Arts School на Универзитетот во Талин. По неколкугодишното учество во Управниот одбор на ИМАГО сега е копретседателка на оваа Европска федерација на кинематограферите.

Презентацијата на Елен Лотман беше насловено „Што е реалноста?“, и како што забележа таа, совршено се вклопува во годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, чие мото е „Реалноста не е доволна“.

Лотман го започна инспиративното и мошне едукативно предавање за кинематографијата видена низ „очите“ на неврологијата со забелешката дека сите филмски школи во светот имаат различни правила, но напомена дека ниту таа, ниту останатите, не би можеле да ги запомнат ако не ги разберат.

Цитирајќи го славниот сликар Пабло Пикасо – „Научете ги правилата за да можете да ги прекршувате!“ – Лотман ги поведе присутните, кои ја исполнија Малата сала на Центарот за култура во Битола, низ предавањето илустрирано со низа примери, пластично презентирани, за реалноста и нејзината перцепција. Нејзината докторска дисертација одбранета минатата година е насловена „Применета хевристика во играната кинематографија“ („Experiential Heuristics in Fiction Film Cinematography”). За илустрација, под хевристика се подразбира секој пристап кон решавањето проблеми со практични методи или разни кратенки за да се дојде до решенија, кои можеби не се оптимални, но се достаточни ако постои ограничен временски рок.

Лотман говореше за физичките и својства на светлината како широк електромагнетски спектар, кој меѓу останатото, ги покрива радиобрановите и инфрацрвените зраци. Но, човековата перцепција на светлината и предметите ги „раѓаат“ сликите во нашиот мозок.

-Сликите не постојат! Сликите не се складирани во нашиот мозок, туку тоа се електромагнетни бранови претворени во електрохемиски сигнали. Сликите во нашиот мозок не се слики, туку сигнали, посочува Лотман, поентирајќи дека човекот го учи тој процес од бебешки стадиум. Бебињата не ги гледаат сликите, нагласува Лотман, туку „прогледуваат“ со растењето и учењето како да ги гледаат сликите.

Посочувајќи ја тезата на Маргарет Ливингстон дека гледањето не е трансформација на слики, туку информациски процес, Лотман низ низа примери илустрирани со видео-инсерти и графички прикази на разни студии за невролошките процеси кои ја создаваат човековата перцепција на реалноста. Една од нив, на пример, покажува дека дури 75 отсто од испитаниците, со мало скршнување на нивното внимание, нема да ја приметат промена на случајната, непозната личност со која разговарале во тој момент.

Лотман презентираше и примери за феномените на „слепата точка“ и постојаноста на бојата и големината на предметите во човековата перцепција на сликите.

-Мозокот е машина за предвидувања, поентираше Елен Лотман во нејзиното предавање, и тие предвидувања се слични на временските прогнози и(ли) предвидувања на историски/политички процеси…