Култура

Претставата „Црнила Ремикс“ на МКЦ на меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“

Театарскииот хип-хоп проект „Црнила Ремикс“ на МКЦ Скопје, е дел од официјалната селекција на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“,  кој од 5 до 9 август ќе се одржи во Ниш, Србија, во Нишката тврдина.

Во рамките на популарниот „Нишвил џез фестивал“ од 2017 година како посебна програмска целина, постои Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, на кој оваа година ќе бидат прикажани продукции од Франција, Швајцарија, Србија, САД, Хрватска, Бугарија и Македонија.

Програмската селекција на овој фестивал е базирана на продукции кои ја користат музиката како еден од главните драмски елементи во креирање на самата претстава, а целата програма се прикажува исклучиво на отворени сцени низ градот. 

„Ќе погледнеме од многу мали трупи како француската „Les Nouveaux Ballets du Nord-Pas de Calais“ од Лил која ги комбинира техниките на театар, кукларство и танц, или пак хрватската трупа CIrk од Загреб која спојува театар, филм, циркус и визуелни уметности, или вашата Црнила Ремикс која ни доаѓа како претстава-концерт. Тука се и најдолговечните Мимарт театар (1984) – танцов и физички театар и Дах театар (1991) – лабораториски театар поврзан со работата на Јержиј Гротовски и Еуџенио Барба, па се до светски познатата театарска трупа ЛаМама од Њујорк (1961) која ја негува работата на експерименталниот театар“ – потенцираше Маја Митиќ, уметнички директор и селектор на меѓународниот џез театар фестивал, „Нишвил’.

Со гостувањата на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад и клубот „Мочвара“ во Загреб  во 2019 година „Црнила Ремикс“ ги започна своите меѓународни активности, а проектот беше дел и  од хибридната меѓународна програмска соработка реализирана за време на пандемијата во 2020 година меѓу МКЦ Скопје и „Кино Шишка“ од Љубљана – Cross Stream .  

За потсетување, „Црнила Ремикс“ е урбано читање на класичното дело на Коле Чашуле, работено по идеја и режија на Јордан Симонов, со оригинален препев и музика на Дарко Димитриески и Павле Димковски од колективот Зад Аголот. Членови на Организацијата се: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.

Оваа музичко – драмска продукција имаше свои премиери во 2019 година на меѓународниот театарскиот фестивал МОТ и музичкиот фестивал Здраво млади, а покрај театарска и концертна верзија, овој проект во 2020 го доби и својот трет формат – аудио запис на винил.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *