Култура

Констракта на „Звукот на Скопје“: Скопската публика е построга и не може се да помине

Плоштадот пред Филхармонијата („Мајка Тереза“) е местото каде што денес, 16 септември, ќе настапи Констракта и „Земља грува“на манифестацијата „Звукот на Скопје“. Констакта годинава ја претставуваше Србија на натпреварот за најдобра песна на Евровизија и предизвика големо интересирање во регионалната, но и европската јавност и медиуми со впечатливиот сценски настап, ангажираноста и пораките кои ги испрати преку својата изведба. 

Посочувајќи дека скопската публика е построга и не може се да помине кај неа, Констракта најави:

-Репертоарот го сочинуваат сите песни што се објавени како Констракта и оние што ги сакаме од „Земља грува“. Настапуваме како Констракта и „Земља грува“. Звукот е нешто поинаков од оној што го правевме порано, има повеќе електроника и нема дувачи, кои беа карактеристични за „Земља грува“, вели Констракта во интервју со Весна Дамчевска за „Скопјекулт“, градскиот културен водич.

Нејзината оригиналност и писменост, која е „во судир“ со сета поп, фолк и турбофолк музика распространета во Србија и во екс-југословенскиот регион ја издигнува над постоечките жанрови и нуди поинаков универзум. Според критичарите нејзината музика се смета за „претставување на светот, земјата, климата, уметноста и културата на кои таа и многу луѓе припаѓаат“.

-Денес низ музиката главно обработувам теми што ме интересираат, а кои главно се одраз на општествените движења. Музички, Констракта не е стилски одредена, преовладува електрониката, а блиски ми се хип-хопот, афробитот, па и трапот…, вели Констракта за „Скопјекулт“.