Култура

Промоција на романот „Вошицки“ од Марко Грегур

Промоција на романот „Вошицки“ од хрватскиот автор Марко Грегур ќе се одржи в четврток (22 септември) во галеријата на Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.
Промотор на романот ќе биде Сашо Огненовски, кој е и преведувач на делото, а модератор Јулијана Величковска.
– „Вошицки“ на Марко Грегур е роман за страдањето на оние што не можеле да бидат дел од ниедна власт, оние што знаеле дека можат да бидат верници само на својата посветеност како и на она што ќе остане и по војните и по политиката и по сите нас – книгата. Следејќи ја судбината на Винко Вошицки, овој роман ја следи мудроста на книгата и на нејзиното опстојување во времиња полни со хипокризија и омраза, времиња што по малку наликуваат и на денешните ‒ вели Сашо Огненовски.

Марко Грегур (Копривница, 1982) дипломирал на Економскиот факултет во Загреб, додипломски студии за односи со јавноста и медиуми на Универзитетот за односи со јавноста и студии за медиуми во Каирос (ВЕРН) и постдипломски студии по меѓународни односи и дипломатија на колеџот за меѓународни односи и дипломатија Даг Хамарскјолд. Пишува поезија и проза. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: „Фриц“ (2020) и „Владимир Назор“ (2020) за романот „Вошицки“, наградата „Иван витез Трнски“, наградата „Улазница“ и „Прозак“ награда за најдобар прозен ракопис од автор на возраст до 35 години. Ги објавил стихозбирката „Лирска графика“ (Публикации Церес, 2011) и збирките раскази „Пегличка во декември (ДХК, 2012) и „Убав ден за Дринкополи“ (Алгоритам, 2014) и романот „Како изгоре пресветиот Тромбетасич“, кој влезе во 12-те финалисти за наградата „Фриц“, а ја доби наградата „Катарина Патачиќ“ за најдобра книга на кајкавски дијалект и беше преведен на словенечки јазик. Грегур е вклучен и во антологијата на младите хрватски романсиери „Без врата, без чукање“ (Сандорф, 2012). Иницијатор е на фестивалот „Алпе Јадран фестивал за млади писатели“, член е и претседател на управниот одбор на меѓународниот литературен фестивал „Галовиќова есен“, водител е на книжевните трибини „Либарење“, еден од иницијаторите е и главен и одговорен уредник на списанието „Артикулации“.
Изданието на романот е поддржано од Министерството за култура и медиуми на Р. Хрватска.

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *