Култура

„Анадолиски леопард“ на Емре Кајис, „Чичко“ на Капац и Мардешиќ и „Безгрешен“ на Моника Стан наградени на МФФ „КинеНова“

Жирито во состав Илдико Ењеди, унгарска режисерка и претседател на жирито, Аида Бегиќ, режисер и сценарист од Босна и Херцеговина, Паво Маринковиќ, режисер од Хрватска и уметнички директор на филмскиот фестивал во Пула, Симоне Стараче, режисер од Италија и директор на „Фантафестивал“ од Рим и Елеонора Венинова, македонска режисерка синоќа на свеченоста организирана во Кинотеката на Северна Македонија ги соопшти годинашните добитници на наградите на МФФ Киненова.

Рекоа дека имале можност да погледнат навистина прекрасни 15 кратки филмови и исклучителни 8 долгометражни филмови и успеале да дојдат до консензус.

-Главната  награда ја доби филмот „Анадолиски леопард“ на режисерот Емре Кајис, кој прикажува еден поинаков свет, свет на пропуштени можности. 

Наградата за најголемо уметничко достигнување ја доделивме на филмот „Чичко“ на режисерскиот двоец Давид Капац и Андрија Мардешиќ, која се одлучивме да ја доделиме заради навистина исклучителното уметничко достигнување во еден уникатен и конзистентен аудио-визуелен свет.

Наградата за најдобар режисер ја доби романската режисерка Моника Стан за филмот „Безгрешен“, која симпатично ја долови емоцијата во филмот, соопштија членовите на жирито.

Во продолжение Аида Бегиќ го соопшти добитникот на специјалната награда во категоријата кратки филмови.

-Специјалната награда ја доделивме за филмот „Обичната Ели“ на режисерката Лавинија Софрониевска за нежниот и симпатичен портрет на извонредната протагонистка, рече Бегиќ.

Жирито се одлучи да награди уште два филма во категоријата кратки филмови.

-Многу дебатиравме кој да ја добие оваа награда бидејќи конкуренцијата беше голема и на крајот одлучивме да ја поделиме и да ја добијат следниве два филма: „Нов Вавилон“ на режисерот Гидеон Ван Дер Стелт за одлично креираната магична тема на отуѓување и филмот „Три зрна сол“ на Ингрид Чикуи, за прекрасното нурнување во детскиот свет, соопшти Паво Маринковиќ.

Наградите кои годинава ги додели МФФ Киненова се дело на Димитар Филиповски, македонски скулптор, автор на поголем број на скулптури ширум Македонија. Филиповски завршил средно уметничко училиште во Скопје, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, на вајарски оддел, во класата на проф. Драган Попоски-Дада, а по дипломирањето извесен период работел во студиото на академик Томе Серафимовски.

Во 2004 година Филиповски ја доби наградата „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ, а од 2006 година работи како професор во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.