Култура

Изложба на македонскиот скулптор „Илија Аџиевски во Даут пашиниот амам

„Портретот во фокус“ носи наслов изложбата на деведесет и шестгодишниот скулптор Илија Аџиевски, којашто ќе биде отворена на 27 октомври во 19 часот, во Даут пашиниот амам. На изложбата ќе биде претставено неговото богато портретно творештво, информираше Националната галерија на Македонија.

Ако ја употребите максимата на Микеланџело, дека задачата на скулпторот е да ги „ослободи од заробеништво“ ликовите и телата на своите модели, тогаш Илија Аџиевски во своите портрети го постигнал токму тоа, ја ослободил продуховеноста и ја виртуелизирал невидливата природа на портретираните ликови, допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптурално дело неодгатнати аспекти на нивниот карактер со своите вешти раце и со својата уметничка визија и сензибилност. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво кое заслужува особено внимание и дигнитет.

Портретот отсекогаш бил многу специфичен жанр, во која било ликовна дисциплина или медиум. Тој не подразбирал само добра занаетска подготвеност и фотографско, т. е. реалистичко празно пренесување, туку значел умеење да се проникне во тајните и суштината на портретираната личност, да се одгатнат нејзините тајни, вистини, внатрешни убавини, креативност, дух, суровост, мекост итн. Во тој контекст, и пристапот на Илија Аџиевски не бил да постигне академско-реалистична сличност, туку неговата намера била да ги пренесе најспецифичните особини на личноста која ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност. Оттука и најмногубројни се портретите на негови пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и го делел задоволството и креативниот занес во создавањето на уметнички творби. Меѓу нив имало и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметност или сродни по продуховеност пријатели.

Илија Аџиевски – биографија

Илија Аџиевски е роден во Струга на 22.12.1926 година. Основно училиште завршил во Струга во 1938. Образованието го продолжил во Дебар во Економското училиште. Во 1942 година се вклучил во младинското движење за отпорот против фашизмот. Во 1946 година се запишал во тогашното художествено училиште во Скопје кај професорите Димо Тодоровки, Вангел Коџоман и останатите основоположници на македонската современа ликовна уметност. Во 1949 година се запишал на академијата за ликовни уметности во Белград во класата на професорот Лојзе Долинар. Една година подоцна се префрлил на академијата за ликовни уметности во Загреб, каде дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ, 1954 година. Неговите студиски престои биле во Грција, Турција, Италија, Франција и Египет. По завршувањето на академијата почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 година тој е член на ДЛУМ. Во својот работен век има создадено голем број на споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат. Излагал на голем број самостојни и групни изложби, а добитник е на голем број признанија и награди. Живее и твори во Скопје.

Автор: