Култура

СЕНКИТЕ НА ДЕВАСТИРАНОТО СЕКОЈДНЕВИЕ

(Кон претставата „Светлото паѓа“ од Сајмон Стивенс во режија на Јануш Кица, во изведба на Загрепскиот театар на младите од Загреб. Гл. Улоги: Дорис Шариќ Кукуљица, Сретен Мокровиќ, Луција Шербеџија, Ведран Живолиќ, Уго Корани)

Една од последните пиеси на Сајмон Стивенс „Светлото паѓа“ на многу интересн начин се занимава со темните ходници на семејните врски и нивните константни девастации. Имено, овој исклучително суптилен современ британски драмски автор сите релации во својата пиеса ги поставува иреверзибило, т.е. тие се дел од искршената слика на семејството на Кристина која се обидува да состави визија и „реалитет“ врз кој естетиката на Стивенс гради драматургија на преклопување на ликовите, а режисерот Јануш Кица на празната сцена ги мултиплицира и додатно усложнува релациите.

Но, имајќи ја во предвид приказната на самиот драмски текст каде се нејзината ќерка од првиот брак, Џес (Лучија Шербеџија), учителка во училиште со големи алкохолни проблеми; сопругот Бернард (Сретен Мокровиќ) кој како да ужива во својата криза во средните години и нивните деца: нејзиниот геј син Стивен (Ведран Живолиќ) кој се бори со студиите по право и нејзината ќерка Еш (Миа Мелчер) млада мајка која се обидела да се самоубие и чиј татко на нејзиното дете е зависник. Овој маѓепсан круг на гревовите и деструкциите на дваесет и првиот век Стивенс го рециклира преку интерферирање на самите ликови во нивните животни простори и во таа рециклажа Кристина која е и Клоди и Андреа и Викторија станува оној другиот, оној третиот во нивните животи и така сите ликови некако успеваат да се соочат со своите духовни констернации; Џес се разбудува едно утро покрај својата можна љубовна, но и животна шанса која се вика Мајкл (Уго Корани), Бернард го изведува тоа гротескно љубовно трио со својата љубовница (Наташа Дангубиќ) и нејзината пријателка (Петра Свртан), а Стивен се соочува со длабочината на својата љубов, постар младич кој е стјуарт (Адриан Пездирц), додека Еш успева да го погледне в очи својот сопруг зависник (Иван Пашалиќ). Но, тие релации се дел од едно посакувано, единствено можно и компромисно животно одредиште од кое Јануш Кица го започнува својот режисерски концепт па така сите ликови на таа чиста сценска платформа се промешуваат и како актерски персоналитети. Кај Стивенс приказната е јасна и е на некој начин естетски реформирана со гореспоменатиот иреверзибилитет, но Кица прави една сосема поинаков проток на дејствието во кое сите ликови се сведоци на сцените едни на други. Така тој вид на промешување отвора една друга иреверзибилност на планот на цивилизациската поставеност во време кога се ни е јасно, но всушност се останува незабележано затоа што многу релации во денешното време се сведуваат на гол хедонизам. Сајмон Сивенс не открива топла вода со својот драмски текст. Тој како голем мајстор на дијалогот отвора прашања кои се круцијални и кои не наведуваат на помисла дека во дваесет и првиот век веќе ништо не е важно и затоа мракот што не посетува, всушност е призвод на тоа што „светлото паѓа“. Јануш Кица не се потпира на динамиката, тој се потпира врз значењето, па затоа оваа претстава нема за цел да раскаже приказна, неговата режја сака да проговори за преносните амплитуди на ситуациите што не обвиваат, не прават зависни од нив и што е најтешко, тие не оставаат индолентни, препуштени на судбината.

Дорис Шариќ Кукуљица од својата Кристина прави вистинско актерско ремек дело. Потоната во една суптилна емотивна гама, оваа актерка ни донесува лик на жена која е девастирана од својата животна недореченост, лик на тажна жена со ситни искри на жизнерадосност, со милион назнаки на надеж, рефлексивност и храброст совршено добро компонирани во актерска експресија пред која се симнува капа. Сјаен лик кој останува во меморијата како прекрасно театарско доживување. Овде ќе го додадеме и ликот на Сретен Мокровиќ кој одлично донесува на сцена чивек кој од средните години се обидува да се довикне на својата младост, човек кој од својот одамна згаснат мачоизам прави фарсичен лик со одлични хуморни делници. А секако, еден од најубавите ликови е и ликот на Еш кој Миа Мелчер го води многу сигурно градејќи цврст лик на жена која е на работ на целосно изгубување.  Во оваа гама се и ликовите не Ведран Живолиќ и Адриан Пездирц, геј парот чија игра е многу добро координирана, но тоа се сепак два различни типови на младичи каде Стивен на Живолиќ е со слаба волја и тенка недореченост, а Пездирц игра цврста личност која внатре и не е баш тоа, и двајцата точни и еклатантни во своите изразни партитури.

Визуелниот момент на оваа претстава е крајно суптилен, а таков е и музичкиот. Имено, сценографијата која подразбира празна сцена е сепак длабоко асоцијативна и е на Нумен и Ивана Јонке, додека костимите кои се движат по каноните на реализмот се дело на Дорис Кристиќ, костими со фин и складен колорит и кои  навистина импонираат со својата рамнотеженост кон концептот и драмтургијата, додека музичката околност на Станко Јузбашиќ е на ниво на назнаката, но назнака со високо значење на голем траумтаски акцент или можеби повремена нежност која значи и срамежлива интригантност.

„Светлото паѓа“ на Сајмон Стивенс само по тема и мотивираност го има реализмот на интимната драма, но тоа е само иницијација да се сретнеме до една драматургија која многу индикативно си поигрува со времето, со судбините, но и со една чудна, по малку непријатна емпатија од каде што извлекуваме заклучок дека секојдневието може да биде извонредно мачно и несфатливо. Овде не зборуваме за секојдневие кое значи дневен и ноќен автоматизам, туку зборуваме за едно секојдневие кое во себе го содржи вљубувањето, умирањето, сексот и раѓањето. Значи, Јануш Кица направил претстава за цивилизациското секојдневие од кое не извлекуваме заклучок затоа што ние, всушост сме во него додека ја гледаме оваа претстава, а конечно и кога расправаме за неа. Тие се постаментите на едно видување на животните движења од кои црпиме филозофија која, подоцна успеваме многу брзо да ја порекнеме. Дали „Светлото паѓа“ е претстава за порекнувањето на реалитетот или за неговото очекување и осамата која е најголемата закана на овој грешен дваесет и први век. Тоа веројатно нема да можеме да си го одговориме затоа што не го одговориле ни Сајмон Сивенс, а уште помалку Јануш Кица иако оваа претстава има одлична актерска енергија и добро соџвакан режисерски концепт. Не сакајќи да наликува на американската театарска практика, оваа инсценација повеќе се потпира не едно драмско третирање на „светот каков што е“, комплициран и неразбирлив. Се чини, тука во тие ходници треба некаде низ мракот да се најдат нејзините пораки.

Рецензија на Сашо Огненовски

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *