Култура

ТЕАТАРОТ И СВЕТОТ НА ДЛАНКА

(За Kosovo Theater Showcase, петти по ред во организација на Qendra Multimedia од Приштина, 25-29 Октомври, 2022 година)

Едно од најубавите театарски случувања во секоја држава е т.н. Showcase. Овој фестивал е еден вид на лична карта на театарските движења на таа држава. Секако, понудата на театарските продукти на менаџери и критичари од целиот свет значи оцртување на профилот на театарското промислување типично за таа држава. Косовскиот театарски фестивал се одржува по петти пат и претставува вистинско доживување со оглед на тоа што во Приштина и во уште три града на Косово се случува театар во вистинска смисла на зборот колку и да звучи познато оваа фраза. Имено, Qendra Multimedia формира креативно гнездо за над триесетина театарски дејци од разни профили од целиот свет покажувајќи ги начините на мислење на Косовскиот театар, но во исто време организирајќи и додатни активности кои се од огромно значење за театарот вооптшо затоа што гостите влегуваат во дебати и презентации на нивните активности. Така на овогодинешниот фестивал беа присутни театарски професионалци и активисти од САД, Велика Британија, Израел, Турција, Романија, Малта, Литванија, Норвешка, Италија, Црна Гора, Србија, Австрија, Германија, Тајван итн, а беше понуден фантастичен репертоар од десет претстави од Косово и Србија каде што посебно беше атрактивна „Хандке проектот“, претстава на Qendra Multimedia во копродукција со фестивалот Мителфест и Театро дел Пергола од Италија, театарот од Дортмунд, Народниот театар од Сараево и фестивалот МЕСС, а во режија на Блерта Незирај. Во другите денови беа прикажани претставите „Татко и татко“ по текст на Јетон Незирај во продукција на Интегра и во режија на Куштрим Количи, „Најдевојки“, славниот текст на Керил Черчил во продукција на Додона театарот во копродукција со Артполис и во режија на Шкурте Алиу, „Косово за кукли“ по текст на Јетон Незирај во режија на Блерта Незирај, а во продукција на градскиот театар од Гњилане, „Депресивност“ во продукција на театарот Ода, а по текст и режија на Флорент Мехмети, исклучително впечатливата затворска драма „Смртен час“ во продукција на Бокши театарската компанија во копродукција со Артопис, по текст и во режија на Улпиане Малоку и Агнеса Механоли, претставата „Заколната девица“ по текст на Јетон Незирај, во продукција на театараот Ода и во режија на Ерсон Зимбери, мошне интересното перформативно предавање „Историја сега“ на Лилач Декер Авнери од Израел, камерната претстава „Нашиот сон“ по текст и во режија на Патрик Лазиќ, а во продукција на фондот Хартефакт, претставата на градскиот театар на Феризај „Марксисти – Ленининисти во Шавјацарија“ по текст на Јетон Незирај и во режија на Блерта Незирај и на крајот импресивната драма „Задушувач“ на познатата албанска драматургиња Дорунтина Баша во режија на Куштрим Количи, а во продукција на Интегра од Приштина. Од особено значење за внатрешната интеграција на сите учесници беа и дебатите кои во два наврати беа органзирани во военото кино во Приштина: „Театарот зад и во својот двор“ каде свои излагања имаа Јакуб Шкриванек, режисер од Полска и уметнички директор на театарт во Шчечин, Миша Твичин, критичар од Велика Британија, Агата Томшиќ, театарска уметница од Италија коосновачка на театарот Ерос Антерос од Равена, и Сара Грохала, драмска авторка од Велика Британија, дебата која ја водеше Елза Демо од Албанија, а која ги отвори горливите прашања за рецепцијата на театарот во време кога политичките тензии ни се на прагот, а втората под наслов „Дали театарската критика ќе ја спаси уметноста на театарот?“, исклучително интересна дебата која ја водеше писателот и драматург Стивен Ли Морис од САД, а на која учествуваа Наташа Трипни од Велика Британија, критичарка која ги води порталот SEE Stage порталот Exeunt, Том Масторф од Германија и Борисав Матиќ од Србија. Особено продуктивна дебата на која се приклучија и другите гости, дебата која го разгори разговорот за тоа колку ја има и колку е потребна театарската критика како базична рецепција на секоја театарска претстава и дали таа иста театарска критика треба да влијае на обичниот гледач да стане релевантен чинител на еден театарски чин. Она што секако предизвика големо внимание беше и т.н. театарски маркет каде што одделни театарски професионалци и менаџери говореа за своите фестивали и продукти и тука се претставија Агата Томиќ и Давиде Сако, водачите на Ерос Антерос, театарот од Италија, Јакуб Шкриванек кој го претстави својот театар во Шчечин, Аурела Кадриу која зборуваше за богатите активности и театарската маѓија на Qendra Multimedia, Леа Кукович која зборуваше за Бункер од Словенија, Рој Хоровиц со исклучително интересно излагање за Израелскиот Showcase, беше претставен и Призрен фест, а тука беше и Клаус Карлбауер од Мултимедија артист од Австија. На својата сесија на мошне интересен начин беа претставени и текстовите „Лир во Тулса“ на Стивен Ли Морис од САД, со сценско читање во режија на Блерта Незирај, „Градина на сенките “ од Сара Нехир од Велика Британија во сценско читање во режија на Настасја Домарацка и драмскиот текст „Каде е господинот Претседател?“ од Агнес Механоли од Приштина во сценско читање во режија на Блерта Незирај.

Што е типично за овој прекрасен фестивал? Неговата сеопфатност и длабоката импактност. Косовскиот театарски фестивал наликуваше на Авињон во најубавите години кога мноштво од театарски дејци го разменуваат своето искуство, проблеми, интенции и тенденции. Секако, овде не можеме, а да не ги заборавиме актерските бравури на талентираните актерски имиња на Косово каде со својата актерска експресија им се придружи и Арбен Бајрактарај, одличен театарски, филмски и телеизиски актер од меѓународна провиниенција, Адријан Морина, младиот и талентиран актер Клаус Мартини од Италија, големата српска актерка Драгана Варагиќ, Абулена Криезиу Бокши, Ермал Садику, Хајат Точила итн. Темите и мотивите на текстовите и режисерските видувања беа посветени на имиграцијата, на традицијата и нејзината погубност во градењето на човековата слободоумност, а акцентот беше ставен на човековата слобода и демократичност. Овде се издвојуваше токму претставата „Проектот Хандке“ каде експлицитно стануваше збор за ставот на нобеловецот Петер Хандке кон српската политика и одлуката на Шведската академија да му ја додели нобеловата награда, како и претставата „Нашиот син“ на Хартефакт која го отвори проблемот на синот хомосексуалец и неговиот третман во потесното семејство.

Косовскиот театар ја има надмоќта на страдањето, ја има страста и болката која ја претвора во артизам, а го има и оној специфичен израз кој не подразбира конформизам и млакост. Оваа остра театарска презентација проговори со јазикот на храброста да се отворат сите недоумици и рани на потиснатиот човек кој во морето од лажна демократија и транзиција на која не и се гледа крајот се обидува да избега и да го најде своето место под сонцето. Јетон Незирај и Блерта Незирај прават претстави со кои имаат да му кажат на светот многу нешта, да го споделат својот крик со оној на другиот крај на светот, но и да го покажат својот артизам и умешност која заедно со извонредните актери, актерки, режисери и писатели од Косово формираат една театарска Мека во која уметноста е дел од живеењето, но е и дел од еден бунт кој не запира и кој носи нови предлози, нови начини на живот, на експресија.

Косовскиот театарски фестивал во своето петто издание покажа дека во Приштина се случи театар со големо „Т“ и дека она што значи фундаментот на една симбиотска уметност го има својот центар токму таму, во таа траекторија каде на театарскиот свет му беше и широко и благословено, и интензивно и благотворно, а позитивните вибрации допрва ќе се слушнат и видат на другите меридијани со нови предизвици и нови театарски стилски струења.

Рецензија на Сашо Огненовски

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *