(Кон претставата „Нора“ од Хенрик Ибзен во продукција на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија. Режија: Тимофеј Кулјабин. Главни улоги: Радина Крџилова, Иван Јуруков, Дарин Ангелов, Ана Пападопулу)
„Нора“ , како најмаркантната пиеса на Хенрик Ибсен зборува за релациите меѓу љубовта (посветеноста) и гордоста. Овој голем нордиски драматичар го проблематизира статусот на жената во современото општество од аспект на негова целисходна единка, но не и како родов субјект, а со тоа е и констелативното толкување на бракот како институција која подоцна Ингмар Бергман ја проблематизира на најсуров можен начин. Нора е дел од машкото општество каде е сведена на катализатор на брачната флуктуалност и во оној момент кога започнува да делува самостојно таа станува генериран проблем кој се вика брачен дисбаланс, или со јазикот на обичниот човек: неизмиен срам. Како и кај Хеда Габлер, така и тука Ибзен се одвојува од системот на функционирање на еден брак кој жената и мажот ги класифицира таму „каде што им е местото“ и поставува многу прашања кои се врзуваат за самостојноста на жената во низ тесните ходници на брачното одлучување, а на тие прашања многу ригидно одговара Елфриде Јелинек во незјниот секвел „Што се случи откако Нора го напуштила својот сопруг или столбовите на општеството“ отворајќи ја Пандорината кутија на страдањето на современата жена која тргнала сама да се грижи за себеси и да се спознае во исто време. Нора кај Ибзен вели: „Јас морам да застанам на своите две нозе ако сакам да се спознаам себеси и надворешниот свет. Затоа јас веќе не можам да останам со тебе.“ Тоа му го вели на Торвалд кој во секвелот на Елфриде Јелинек скршен, се обидува да ја врати назад не обраќајќи внимание на општествениот статус, ниту пак на улогите што треба да се играат во шемата на складните современи бракови.
„Нора“ на Тимофеј Кулјабин е посветена на манипулативниот лакмус на овој текст. Токму затоа добар дек од оваа претстава се одвива низ пораки од социјалните мрежи и хаштази. Социјалните мрежи својата доминација во дваесет и првиот век ја одржуваат токму низ призмата на манипулацијата со сите нас кои постанавме синтагми и измислиени имиња, а во никој случај персоналитети. Релацијата меѓу драматиката на Ибзен и драматуршката предлошка на Кулјабин се базира и врз деперсонализирањето на најважните ликови на брачната институција. Дејствието во неговата режија се одвива во сосема други простори, а репликите се разменуваат низ пораки кои повремено, во зависност од емотивноста на ликот се граматички погрешни, па се поправаат. Драматургот Роман Должански ја перпетуира сценската определба на Ибзен и целата драматургија ја дислоцира на оние места каде што гравитираат младите брачни другари за време на еден работен ден каде што сепак сопругата е таа која останува со семејството и децата, а мажот е оној кој се грижи за економскиот опстанок на семејството. Токму ова традициналистичко и нововременско промешување ги отвора дискрепантните моменти во овој режиски концепт. Имено, наместо во куќата на Торвалд Хелмер, дејствијата се случуваат во ресторан од некаков мол, кај бербер, на часови по тарантела кои ги посетува Нора и во канцелариите на Торвалд и Крогстад. Секако, тензијата на настаните ја прават пораките кои се силен еквивалент на емотивната гама меѓу актерите и тој приод, таа постдраматска дистанцираност прави проблемот на оваа пиеса да биде исклучително актуелен. Иако во конвенционална смисла овој приод на прв поглед изгледа прилично неблагодарен за актери кои ги играат ликовите на Торвалд и Нора, сепак се чини дека оваа ревизуелизација остава многу силен впечаток. Вториот дел од претставата која ја отвора превртената ракавица на тајната меѓу Нора и Торвалд се фокусира повеќе на жив дијалог кој се одвива во куќата на Торвалд, но и тука ја има онаа тензија на дваесет и првиот век каде што соцјалните мрежи преку фаталните пораки го променуваат животот на секој од нас. Секако, треба да бидеме начисто дека овој концепт е многу храбар затоа што Кулјабин успеал да го издржи својот став до крајот на претставата, т.е. да биде доследен на него. Она што се чини дека е главнот екстрат од драмската предлошка на Ибезн е токму гореспоменатата манипулација. Во дваесет и првиот век најскапа е вистината и неа ја има се помалку. Манипулацијата создава илузија која може да има фатален крај, а бракот е подложен на недоразбирање после чии последици нема враќање. Кулјабин ги отвора тие прашања токму низ реакциите на актерите по примањето на пораките, тензиите што се создаваат во ситуации што се надвор од базичната драматургија на Ибзен. Актуелноста во оваа иновативна претстава не е само во големата употреба на социјалните мрежи, туку во нивната зависнот и конзумерација. Режисерот во оваа претстава зборува со јазикот на лагата која веќе долги години ни се сервира на сите како единствена можна вистина. Нора и Торвалд се фрлени во тоа море од тензии и недоразбирања и распадот на нивниот брак е крајно инсинуативен во време кога се е решливо и ништо не може да не изненади. Кулјабин во оваа своја режија многу храбро зборува за ремитологизирањето на ситните недоразбирања кои во виртуениот свет стануваат голема причина за распад, додека оние, вистинските причини не ги гледаме како што од дрвјата не можеме да ја видиме шумата.
Нора на Радина Крџилова, вплетката во интригата е натопена со силна емотивна енергија. Оваа прекрасна актерка и покрај тоа што во добар дел од претставата е без текст затоа што истиот го испишува на социјалната мрежа, во својата емотивна гама гради извонреден лик на жена која е жртва на сопственото недоразбирање и несфаќањето од сопругот. Крџилова гради Нора каква досега не сме виделе: кревка, но со голема храброст, емотивно наслоена, но со голема рационалност. Оваа актерка ликот го води совршено умешно отворајќи ги оние карактеристики на Ибзеновата Нора кои не сме ги виделе во други инсценации, а тоа е нејзината длабока тага која многу малку излегува во текстуалната предлошка, нејзината недореченост во светот во којшто не може да ја најде својата продуктивност, но и нејзината кревкост која ја покажува во моментите кога е сама и без никаква поддршка. Радина Крџилова ја отвора Нора со целата нејзина комплексност, ја понудува нејзината борба со современите социјални и општествени лаги, го изразува стравот од стопувањето во безличниот свет на технологијата и бесчувствителноста. Таа одлучноста ја одигрува на крајот од претставата, но многу мудро ја носи со себе во сите реакции на пораките кои ја накреваат нејзината танзичност. Сјајна актерска партија која воодушевува. Торвалд на Иван Јуруков е млад банкар кој многу неочекувано, во раните години од својата кариера застанува на челната позиција. Неговиот Торвалд е дел од онаа машка доминација која има со што да се пофали и се што сочувува е својот општествен успех и углед, пакет во којшто Нора е само еден од елементите. Јуруков прилично рационално го отсликува својот Торвалд, но на овој лик тој прилично умешно му додава една младешка наивност која го доведува до небулозата дека неговата сопруга е престапничка и дека со својот гест се обидела да ја уништи и неговата кариера, но и нивниот брак. Тоа се двата антиподи меѓу кои овој сјаен и талентиран млад актер го гради својот Торвалд за којшто исто би рекле дека е оригинален. Тука се наметнуваат и ликовите на Нилс Крогстад и Кристина Линде. За разлика од Торвалд, Крогстад на Дарин Ангелов е многу тензичен лик на млад банкар кој својата наклоност кон семејството на директорот и услугата што ја направил на неговата сопруга се обидува да ја искористи за свој напредок во кариерата. Ангелов одигрува лик со голема напнатост, лик кој е полн со стравови и тензии, Крогстад кој делува како неексплодирана бомба и конечно Крогстад кој импонира со густината на својот израз. За разлика од него Кристина Линде на Ана Пападопулу е прилично смирена пријателка на Нора која својата инволвираност во целиот случај се обидува да ја привлече во своја корист. Тактична и рационална, Кристина Линде на Ана Пападопулу е лик со голема читливост и голема прецизност.
Она што во визуелна смисла воодушевува е совршено модерната сценографија и костимографија на Олег Головко која доловува една колоритност на денешното време со ентериери, екстериери каде симултано се одвиваат сите сцени, додека над нив се одвиваат снимките од пораките на социјалните мрежи, но и костими кои означуваат добростоечка класа на млади луѓе. Звучната илустрација на Тимофеј Пастухов е акцент кој го придружува дејствието на претставата и на некој начин е и сведок на времето кое поминува и со себе ги носи сите социјални недоразбирања.
Нора на Тимофеј Кулјабин се случува на сите места кои не се во дидаскалиите на Хенрик Ибзен. Но, се случува и во нашите глави, во нашите опкружувања, а и во нашите најцрни мисли. Таа е предупредување, можеби уште една порака, но најмногу е документ за времето кое многу малициозно ни го нуди својот двојник и што е најтажно ние постојано веруваме дека е тој оној вистинскиот.
(Кон претставата „Божествена комедија“ по Данте Алигиери и други автори во продукција на Белградскиот драмски театар во режија на Франк Касторф. Главни улоги: Марко Гверо, Александар Радојичиќ, Марија Васиќ, Александар Јовановиќ, Милан Зариќ) Франк Касторф е можеби најпопуларната контраверзна личност во театарскиот живот во Европа, театарски уметник кој докторирал на Јонеско и кој својата слободоумност…
(За книгата „Ведра“ на Јулијана Величковска, во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2022, 32) Седнувам да пишувам за „Ведра“ од Јулијана Величковска. И тоа со возбуда заради ведрината што ја носат новите македонски книги/приказни за деца. Сепак, вистинската инспирација за овој текст, и покрај тоа што претходно дури трипати ја прочитав (како што е редот…
„Скутина, фута, бовча, диљка“ е насловена мултимедијалната изложба на етнокореологот Бојан Петковски која беше отворена денеска во фоајето на центарот за култура „Трајко Прокопиев“. На изложбата можат да се видат фотографии, паноа кои ја покажуваат важноста на скутината. Централно поставена, генерално во големи димензии, таа чини голем дел од целокупната слика на носијата. Кај женските носители, носена…
Фаворитот „Everything Everywhere All In Icon“ има 11 номинации, а „The Banshees of Inisherin“ има 9. Филмовите се рангирани според тоа колку е веројатно да го освојат Оскарот на 12 март во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. 10. “Triangle of Sadness” Номинации: 3 Најдобар филм, најдобар режисер (Рубен Остлунд), најдобро оригинално сценарио. За што се…
(Кон претставата „Орачот и смртта“ по поемата на Јоханес фон Тепл, во продукција на Народниот театар „Василе Александри“ од Јаши, Романија. Режија: Силвиу Пуркарете. Гл. улоги: Калин Кирил, Дијана Кирил, Петронела Григореску, Ирина Радуцу Кодреану, Малина Лазар) Поемата на Бохемискиот поет од четиринаесеттиот век Јоханес фон Тепл „Орачот од Бохемија“ популарно позната како „Орачот и…
(Кон претставата „Нора“ од Хенрик Ибзен во продукција на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија. Режија: Тимофеј Кулјабин. Главни улоги: Радина Крџилова, Иван Јуруков, Дарин Ангелов, Ана Пападопулу) „Нора“ , како најмаркантната пиеса на Хенрик Ибсен зборува за релациите меѓу љубовта (посветеноста) и гордоста. Овој голем нордиски драматичар го проблематизира статусот на жената во…
Младите во Македонија, во текот на 2022 година, се соочија со низа проблеми кои директно се одразија на нивниот живот. Тие во вокабуларот на политичарите се врвен приоритет, но во пракса властите не прават доволно за нивната подобра иднина. Следи преглед на она што ја одбележа 2022 година во однос на младите во Македонија, според…
Македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во ракопис за 2022 година, за делото „Коњски житија“, на конкурсот на центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Поемата „Коњски житија“, која пристигнала под шифра „Џамбаз“, на состанокот на жири-комисијата во декември минатата година, едногласно била одрбана меѓу…
Напишете коментар