Почетна / Насловна / Став / ВЕДРА СКАЗНА ЗА НАЈГОЛЕМАТА ПЛАЧКА НА СВЕТОТ ВЕДРА
ВЕДРА СКАЗНА ЗА НАЈГОЛЕМАТА ПЛАЧКА НА СВЕТОТ ВЕДРА
— 30 јануари, 2023
(За книгата „Ведра“ на Јулијана Величковска, во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2022, 32)
Седнувам да пишувам за „Ведра“ од Јулијана Величковска. И тоа со возбуда заради ведрината што ја носат новите македонски книги/приказни за деца. Сепак, вистинската инспирација за овој текст, и покрај тоа што претходно дури трипати ја прочитав (како што е редот за да ме зафати целосно магијата од трета), си ја пуштив и онаа верзија „Ведра“ што ја раскажува самата авторка (а и таа ја ислушав трипати) е провокацијата која гласи: Може ли воопшто Ведра да испрати вистинска ведра порака преку оваа сказна?
А сказната, и усната (народната) или запишаната и авторизираната, но и авторската или напишаната, најверојатно е најважниот вид во книжевноста за деца. Ако само помислиме дека должината на временскиот период во кој децата покажуваат интерес за неа е доволно долг и интензивен, како и на тоа дека степенот/интензитетот на тој интерес е исклучително голем, тогаш со неа не може да се споредува ниеден друг книжевен вид. Секако, интересот за неа може да продолжи и во годините на младоста и зрелоста кога читајќи им на своите деца (како родители или наставници) повторно ние возрасните се навлекуваме на сказните за деца.
Ова е една ведра приказна, возбудлива сказна за најголемата плачка на светот Ведра. Ова е приказна за девојчето што постојано плачело, и дење и ноќе, и лете и зиме. Па оттука и првите дилеми:
Дали може една плачка да биде вистински јунак?
Дали може плачка да прерасне дури и во идна професија?
(Замислете, некој да праша: Што работиш?, а некој од децата да му одговори: Плачам! Или: Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?, па некој од децата да каже: Плачка!)
Зашто факт е дека Ведра и не може и не знае ништо друго освен да плаче, а згора на сѐ и татка си да си го држи за раче. И нови дилеми:
До кога Ведра ќе плаче? До кога Ведра ќе го држи тато за раче? Дали Ведра додека го држи тато за раче само ќе плаче? И така никогаш нема да порасне! Сѐ додека татковото раче не го замени со нечие друго раче (како она на Јасен).
* * *
ВЕДРА НОВА ПОСЕСТРИМА НА СИЛЈАН
„Ведра“ бранува со отворено прашање за нејзиното припадништво. Ако ги прашате децата, тие додека ја слушаат или потоа додека ја читаат (тогаш кога ќе можат да ја читаат), без многу размислувања ќе ви кажат дека оваа приказна е иста како оние приказни на браќата Грим, а ние проучувачите на книжевноста за деца би се согласиле и би дополниле: и како оние Вуковите т.н. „женски приказни“, и како оние волшебни приказни на Цепенков (особено оние во кои се појавуваат разни змејови, сеништа и караконџули). Така, „Ведра“ е сказна настаната и под влијание на народното творештво, но и од познавањето на митологијата и тоа онака како што тоа вешто го правеа Александар Сергеевич Пушкин или Ивана Брлиќ-Мажураниќ. „Ведра“ е и приказна која слободно може да се именува како сказна зашто ги има скоро сите елементи на сказната, но по низа свои својства се доближува и до легендите или симулира легенда (зашто се обидува на денешното дете да му објасни и како настанува светот, како и зошто небото и земјата се во постојана борба…), но и до преданијата за настанувањето на местата (зашто на крај поентира со сознанието за настанувањето поточно именувањето на една планина во Македонија – Плачковица), па и кралствата.
„Ведра“ го претпочита темпоралниот модел на нарација (наспроти логичкиот). Тоа не значи дека оваа приказна на Величковска ја исклучува логиката, но факт е дека темпоралноста е доминантна. И тоа е дел од особеностите на народните сказни. Но, од друга страна, самата приказна како да го позајмува стилот на раскажување колку на Марко Цепенков (особено користејќи ги повторувањата таму каде што треба нешто да се запамети или да се истакне нешто, или поентирајќи со пословици), толку и на Стале Попов (особено од почетокот на „Крпен живот“). Така, авторката Величковска се обидува на оваа своја приказна да ѝ даде и мала доза на документарност на еден географ и историограф, а донекаде и на митограф (затоа планината се вика така како што се вика – Плачковица), но и на етнограф (зашто на крајот од солзите радосници: „се сторил поток, од потокот река, а за помирувањето на двете кралства се напишале книги – цела библиотека“).
Во страста да остават свој печат на творечка индивидуалност, авторите на сказните ја напуштаат фолклорната традиција, така што фолклорните мотиви и сфаќањата на колективната имагинација ги заменуваат со сопствени фантазии. Рационалниот дух на модерното (современото) време наметнува едно построго раздвојување на реалното и иреалното (што во усната сказна е тотално слеано), па клучното збиднување во авторската волшебна приказна во суштина е преминот од едната во другата сфера. Величковска умешно балансира и со сета страст им пристапува и на фолклорните мотиви и колективната имагинација, од една, и на своите лични фантазии, од друга страна. Затоа, таа се одлучува за семантички полни имиња.
Ведра освен што е лично име, би требало да биде и метонимија за нејзиниот карактер или да функционира како мини портрет. Но, уште веднаш, авторката прибегнува кон очудување и Ведра ја опишува како исклучително плачливо дете кое згора на сѐ и не сака да јаде манџи.
Тука се и двајцата браќа змејови Мрко и Јарко (едниот црн, мрачен и зол, тужибаба, сматок, обележан со грицнат опаш, а другиот бел, светол и добар, па малку и мамин син). И веднаш ново прашање: Може ли мама различно да ги сака своите деца? Може ли мама да го сака(ла) Јарко повеќе од Мрко?
Тука е и Јасен, јасен во мислата. Тој воопшто не е плачлив, но затоа е многу плашлив. А бидејќи Величковска, како и народниот творец, ја води мислата за растењето т. е. созревањето на детето, таа создава драматична ситуација и го гради Мрко како еден змеј што особено сака плаЧливи и плаШливи деца, токму какви што се Ведра и Јасен, а не палави / игриви какви што би требало да бидат. И веднаш нови дилеми:
Дали стравовите не се материјализирани во самите змејови? Дали солзите се само показ за плачливост или, како што пишува и Иван Шопов, имаат и некоја „скриена моќ“? Дали солзите се и срам и страв за јунаците? Па и дали може да се биде змеј ако не може да се фрла оган?
Сите овие прашања се насочени кон современото/денешното дете и тие се обидуваат низ оваа приказна да му понудат нови промислувања во правец на надминување на досегашната родова, полова, емоционална стереотипност или ригидност која ја диктираа(т) некои сказни.
Балансот меѓу фолклорната традиција и сфаќањата на колективната имагинација и сопствени фантазии (кои кај авторката се исполнети со лирски, метафорички и алегориски елементи), Величковска ги постигнува и на полето на целосно осмислување на тоа како ќе се чита, слуша, доживува и преживува оваа приказна. Таа ѝ дава извонреден ритам на сказната со чинот на поетизацијата т.е. иако оваа сказна визуелно е прозно организирана, суштински текстот е изграден низ рима и песнопој пришто, како што пишува Ана Голејшка Џикова, „предизвикува чувство како да сте во постојан ритам на приказната, како да пеете“. Од друга страна, таа е поткрепена со топлите илустрации на Марио Каев (во кои и најстрашниот змеј не изгледа ептен страшно). На тој начин детето дополнително може да ја доразвива својата перцепција за Ведра низ диптихот: текст – илустрација. Згора на сѐ, доколку сте уморни да му читате на детето, можете слободно да ја затворите книгата-сликовница „Ведра“ и заедно со своето дете да им се препуштите на доживувањата преку слушањето на драматично прочитаната верзија на „Ведра“ од страна на самата авторка (на задната корица од книгата-сликовница може да се скенира QR-кодот и така да се слушне). Значи, само треба да се пушти аудио-верзијата, да се затворат очите и да се препушти на милиот и ѕвонлив глас на Јулијана Величковска. А дали Јулијана како дете била плачка? Дали токму заради својата плачливост го задржала својот преубав, истовремено и нежен и ѕвонлив (скоро детски) глас? Дали детската плачливост ја прави добра раскажувачка на новите македонски современи приказни за деца? Но, во оваа аудио верзија слушателот, и детето и возрасниот, својата перцепција ја доизградува и преку еден друг диптих: текст – музика. Како автор на музиката е потпишан Јован Јовановски. Така ова трио автори Величковска – Каев – Јовановски создаваат една магична синестезичност додека се слуша, гледа, пее возбудливата приказна за Ведра. Притоа ненаметливо, почитувајќи ги новите технологии, Величковска ни го понудува читањето/ (рас)кажувањето/ слушањето приказни како дел од оној традиционален концепт на пренесување на приказните од колено на колена. Во ова таа гледа хуманистички чин со кој ќе го забавиме брзото и трауматично живеење и искрено и целосно ќе им се посветиме на нашите деца.
Оваа приказна е прилагодена на авторовата современост, но уште побитно и на детето денес. Оваа приказна е дел од вредносниот систем на нашата култура. Иако „си игра со архетипите“, како што вели Ѓоко Здравески, иако зборува за вечната борба на доброто и лошото особено преку онаа реална, но и метафорична (па и вербална) битка на браќата змејови која прераснува и во борба каде небото се претвора во огнено море, таа нуди нова перцепција и нова филозофија на јунаштвото. Така, кога сфаќаме, заедно со детето додека му читаме, дека во борбата меѓу Мрко и Јарко, за жал, победува злото, малку се разочаруваме. Но, знаеме и дека оваа е само една битка! Останува прашањето за вечната борба која се води во текот на целиот живот. Па така, и ние како возрасни, и тие како деца, се исчудуваме кога согледуваме дека Ведра со својот плач го згаснува змејовиот оган и ги измива сите, вклучително и исплашениот Јасен. Оваа волшебност на солзите на Ведра е скоро блиску до сликата на волшебната, а ние би рекле и лечебната вода од/ со која се метаморфозира, со која пораснува, созрева култниот Цепенков Силјан.
И во тој контекст дали на Ведра не треба да гледаме како на една нова посестрима на Силјан? Или пак на плачката Ведра да гледаме како на некоја нова плетачка (раскажувачка) на приказни/ сказни за деца?
(Кон претставата „Баал“ од Бертолт Брехт во продукција на Словенскиот младински театар од Љубљана во режија на Вито Тауфер. Главни улоги: Иван Годнич, Јуре Иванушич, Урош Мачек, Роберт Пребил, Матеј Рецер) Првата пиеса на Бертолт Брехт е особена и прецизна апотеоза на современиот антихерој чии пороци стануваат вирални и совршено привлечни. „Баал“ е пророчка пиеса…
(Кон „Три сестри“ од Антон Павлович Чехов во режија на Разван Мурешан во продукција на Народниот театар од Клуж Напока, Романија. Главни улоги: Ирина Винце, Санциана Тарца, Дијана Булуга, Космин Станила, Максим Мирон) На самиот почеток од дваесеттиот век, Антон Павловвич Чехов ја подарува на светот неговата претпоследна пиеса, „Три сестри“, пиеса густа со текст,…
Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од академик Влада Урошевиќ (1934, Скопје) ја доби наградата „Роман на годината“ за 2022, која што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Романот е седми поо ред на овој автор, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина…
(Кон претставата „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски, во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје. Главни улоги: Дамјан Цветановски, Сара Климоска, Ѕвездана Ангеловска, Николина Кујача, Никола Ристановски) Важди Муавад е драмски автор кој пишува за апатридите чија припадност секогаш е прашање на идентитетската флуктуалност. Како либански емигрант тој во целата своја библиографија…
На деветти март, четврток, во Музејот на современа уметност, ќе се отвори изложбата „Пејзаж на вознемиреност (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени)“, посветена на климатските состојби и еколошки предизвици. Пејзажот на вознемиреност се однесува на промените во животната средина, коишто генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани…
(Кон претставата „Рехниц – ангелот на уништувањето“ од Елфриде Јелинек во режија на Сабине Митерекер и во копродукција на Сараевскиот воен театар „Сартр“ со Хрватскиот народен театар во Мостар. Главни улоги: Селма Алиспахиќ, Јелена Кордиќ Курет, Џана Џаниќ, Сеад Пандур и Дражен Павловиќ) На 25 март 1945 година, на забавата на грофицата Маргит од Бетијани,…
(Кон претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ во продукција на Македонскиот народен театар – Скопје. Главни улоги: Никола Ристановски, Ѕвездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Сашка Димитровска) Ибзеновиот драмски опус е еден од оние што најконкретно кореспондира со денешното време. И „Нора“, и „Хеда Габлер“, а еве и „Народниот непријател“…
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2022 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вреднисти „Славко Јаневски“, во состав: Симона Јованоска (минатогодишен лауреатка и претседателка на Комисијата), Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“), во втората селекција одбра десет романи што останаа во…