Култура

Струшки вечери на поезијата по 54-ти пат со 39 странски поети

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ свечено ќе биде  отворен на 26 август пред платото на Домот на културата во Струга. Годинава ќе земат учество познати имиња од светската поезија од, Шпанија, Германија, Шведска, Австралија, Чиле Индија, Норвешка, Јапонија, Израел, Словачка, Русија. Годинава како гости ќе настапат неколку арапски поети, меѓу кои  сириско-либанскиот поет, Адонис, кој е лауреат на СВП од 1997 година, Јусеф Комунјака од САД – добитник на Пулицерова награда, како и петмина поети од листата на меѓународната поетска платформа „Версополис“ во која учествуваат фестивали од 11 земји, а СВП е еден од нејзините иницијатори. Покрај поетите-учесници, гости на СВП ќе бидат и директори на поетски фестивали и претставници на издавачки асоцијации – од Германија, Канада, Месико, Турција…Фестивалот ќе се одржува се до 30 август, за следниот ден, да се пресели во Скопје, каде се планирани две поетски читања: на Матка и кај споменикот на гемиџиите на Кејот на Камениот мост. . Од 23 август ќе има претфестивалска, неофицијална програма, во која ќе биде отворен Саем на книга и презентација на македонската книжевна продукција, како и преводни изданија. Во фокусот на Фестивалот е Мексико, од каде ќе пристигнат  четворица поети. Најавено е објавувањето на Антологија на современата мексиканска поезија меѓу изданијата од едицијата „Плејади“.

Врачувањето на наградите – „Златен венец“ , што годинава му припадна на кинескиот лауреат Беи Дао, потоа „Мостови на Струга“ , што се допделува за најдобра дебитантска поетска книга на млад странски автор, што годинава ја доби Паола Бозалонго од Шпанија, како и  наградата „Браќа Миладиновци“ ќе бидат врачени на затворањето на фестивалот, во рамките на програмата „Мостови“.

Покрај традиционалните, фестивалски вечери, со цел да заживее фестивалот и да привлече нова публика,годинава ќе се внесат визуелни медиуми за популаризација на поезијата,  За таа цел ќе бидат прикажани поетски филмови во соработка со Zebra Poetry Film Festival од Берлин, а ќе гостува и неговиот директор Томас Волфарт кој ќе одржи предавање за поетскиот филм. Ќе бидат прикажани и документарни филмови за досегашните лауреати на СВП. Новина се и новите начини на читање на поезијата, па се востановуваат книжевни минипортрети, меѓународно поетско читање „Кругови“ за презентација на поезија од сите континенти, како и нови локации за поетски читања.  Тоа ќе се постигне со истовремени поетски настани на 27 август низ градовите во Македонија (Охрид, Битола, Скопје, Велес, Ресен…). Нова локација за читање поезија ќе има и во Охрид –  кај споменикот на Св. Климент. За традиционалниот симпозиум, е предвидена темата,  „Изгубено – најдено во преводот“, со цел да се потенцира значењето на книжевниот превод. Ќе бидат презентирани и петтемина поети (од Шведска, Австрија, Белгија, Словенија и Исланд) од платформата „Версеполис“, проект поддржан од програмата на ЕУ „Креативна Европа“.

Tagged with:

Автор:

Слични статии