Култура
kultura

Инсталирање на софтвер за заштита на авторски права

Рокот за инсталирање софтвер за електронско евидентирање и обработка на податоците за емитуваните авторски дела во радијата и телевизиите, со кој точно ќе се знае кој автор кога и колку пати е емитуван и врз основа на тоа ќе му се пресметува надомест, истекува денеска.

Софтверот треба да воведе ред и транспарентност во исплатата на надоместоците за авторите, нивен рамноправен третман и правна сигурност, а обврска да го инсталираат имаат двете организации за колективно управување на авторските права, здруженијата ЗАМП и ММИ …

Поради сложеноста на системот, рокот за негово инсталирање во радијата и телевизиите беше продолжен за една и пол година, па наместо во април 2014 завршува денеска. Но од утре Комисијата за посредување во авторското право и сродните права ќе прави увид на терен и доколку системите не се инсталирани, според Законот, може да им се одземе дозволата за колективно управување на здруженијата што ги застапуваат авторските права.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција истакна дека заштитата на авторските права и правилната распределба на средствата со кои соодветно ќе се вреднува творечката работа на авторите е приоритет на Министерството и затоа во Законот биле вградени најдобрите практики од ЕУ и од светот.

zamp

На прес-конференцијата, на која потсети на роковите и на преземените мерки во оваа сфера, таа апелираше до авторите активно да се борат за своите права.

– Да придонесуваат за почитување на законската легислатива и да бараат отчетност од организациите и здруженијата за колективно управување  кои мора да  ги почитуваат правата и барањата на авторите и изведувачите… Иако во Република Македонија се евидентирани две здруженија за колективно управување, ЗАМП и ММИ, Законот дава можност правата на авторите да бидат управувани и од повеќе други организации, што е наведено во членот 149. Иако Министерството за култура не е надлежно за распределба на средствата туку за тоа се одговорни релевантните организации за колективно управување, ние имавме отворен пристап кон сите автори и нивните забелешки беа внимателно разгледувани од нашите стручни служби – рече Канческа-Милевска.

Таа ја поздрави и улогата на медиумите кои го прифатиле законското решение да емитуваат најмалку осум часа неделно македонска музика и да го имплементираат софтверот за електронска евиденција.

– Медиумите имаат навистина големо влијание во промоцијата на македонската музика и креирањето на културна перцепција, неопходен е баланс меѓу нив и носителите на авторските права – истакна Канческа-Милевска, која потсети и на мерките и субвенциите од Владата за поттикнување и зголемување на македонската музичка продукција.

Претседателката на Комисијата за посредување, проф. д-р Родна Живковска, рече дека со неодамнешните измени на Законот за авторското право и сродните права, ослободени од користење на авторското дело се шест ранливи категории, и тоа: занаетчии, одморалишта и планинарски домови,  трговски и производствени погони, непрофитни радија, јавен превоз, такси-возила, зашто е незначителен нивниот приход во вкупниот фонд на организациите за колективно управување.

Телевизиите и радијата кои не сакаат да имаат инсталиран систем за евиденција ќе плаќаат загарантиран износ, утврден според тоа дали се национални, регионални или локални, а највисокиот е 18 просечни плати исплатени во државава.

До декември оваа година треба да се донесе тарифникот и да се утврдат моделите според кои ќе се пресметуваат надоместоците што треба да им се распределат на авторите.

Во измените на Законот не се влезени свадбите кои се најголем проблем во однос на начинот на пресметување и е оставен рок тој да се договори.

Слични статии