Култура

Дарко Марковиќ: Најсреќен сум со белата хартија пред мене

Дарко Марковиќ, кој ненадејно не напушти, имав чест лично да го запознаам пред неколку години. Го поканив во рубриката на еМагазин,  Со задоволство прифати, но ми постави услов. Разговорот да го направиме кај него дома, во неговото студио, што веднаш го прифатив.

Разговорот со толку голем човек, нормално траеше со часови, а оди вака:

Приказната за сестраниот Дарко Марковиќ (Дар-Мар), карикатурист и сатиричар, режисер на анимирани филмови, цртач на стрипови, дизајнер и архитект започнува во неговата семејна куќа во Скопје во 1940 година.

 

OSTEN 1

„Се уште спијам во истата соба и агол каде што сум се родил. Тоа не значи дека не сум мрднал од овде :). Напротив имав можност да видам многу земји по светот. Но, од дома нема поубаво место за еден творец…„, го почнува Марковиќ во неговиот препознатлив стил муабетот.

Потекнува од семејство кое од Охрид и струшко се населило во Скопје во далечната 1924 година.

„Татко ми беше професор по математика, а мајка ми домаќинка. Но, таа беше вистинскиот интелектуалец во куќата. Ги имаше прочитано сите книги од колекцијата на книги на татко ми“.

Расте со неговиот брат Ненад, три години постар од него.

„И брат ми сакаше да чита. Јас пак сакав да пишувам и ја сакав улицата во контекст на играње со другите деца…Имавме прекрасно детство, со играње џамлии и криенка, собиравме сликички од фудбалери, поради чоколатцата, кои повеќе ги сакав, во кои имаше и сликички…Во малоото имаше многу дрва, беше како лавиринт…“.

Со стриповите и интересот за цртање на истите се запознава преку „Политикин забавник“ во 1951 година.

„Ги прецртував по цели денови цртежите. Ја користев хартијата од старите писмени задачи на татко ми. Во гимназија почнав да правам карикатури на учителите. Бев дел од училишниот весник „Наш глас“, кој го чукавме на машина за куцање во седум примероци и одеше од ученик на ученик…Стигна и кај директорот. Во тоа време и покрај едноумието имаше простор за критички став. Ние децата немавме врска во каков систем живееме„.

Гимназија завршува во „Јосип Броз Тито“.

Во средношколските денови голем дел од своето слободно време го посветува на киното и гледањето на филмови.

„Во состојба бевме рано од сабајле да чекаме за карти пред скопските кина. Киното беше хит! Ни беше одлична забава и врска со светот. До 1948 година ни прикажуваа само руски филмови, а потоа дојдоа американските. Сите беа фасцинирани со „Бал на вода“. Го гледав 11 пати. Јас го сакав „Тајниот живот на Волтер Мити“ со Дени Кеј. Тој филм ми ја разви фантазијата и начинот на размислување.

Научив да бидам максимално слободен во размислувањата и фантазирањето. Одев и на театар. Еден од професорите не носеше таму. Во театарот имаше убаво бифе, па додека тој пиеше ние гледавме престави„.

Освен театарот и филмот, големо влијание во неговиот развој има и рок музиката.

„Затоа и моите први анимирани филмови се музички. Ја сакам рок музиката. На свадби додека се свириаат ора со жена ми седиме, а кога ќе засвират рок стануваме да играме. Сите ни се чудат како можеме да играме толку добро и во стари години„.

Како дете и средношколец бил и голем љубител на спортот. На кратко дури и професионално се занимавал со скокови со стап.

„Тренизите беа напорни. Поубаво ми беше кога скокаквме во малоо“.

И покрај многубројните интереси, факултетското образование го добива на Архитектонскиот факултет. Сакал да оди на Ликовна академија, но во тоа време немало академија во Македонија, а неговите родители не биле во можност да го пуштат на студии надвор од земјата.

„Архитектонскиот факултет беше некако најблиско до цртањето, а и бев добар по математика. Сосема нормално со татко професор по математика. Во таа струка работев само шест месеци“.

Во 1960 година почнува професионално да се занимава со цртање на карикатури. Паралелно црта за „Нова Македонија“, „Млад Борец“ и „Студенски збор“.

„Цртањето карикатури е многу ценета професија во светот. Не е само да нацрташ, треба да си храбар, да смислиш како се ќе спакуваш… Добро се заработуваше тогаш. Така и се оженив. Сфатив дека со оваа работа може да издржувам семејство“, вели на шега Марковиќ.

Во 1964 година почнува да работи за дневниот весник „Вечер“, каде останува една година.

„Таму имав страна за сатира, „Епицентар“, која ја уредував“.

По две години го враќа на сцена „Остен“, списание кое ја негува карикатурата и сатирата. „Остен“ за прв пат излегол во 1945 година, по што престанува да излегува, за да се врати во 1951 година, но пак згаснува. Марковиќ повторно го заживува.

Во 1969 година Марковиќ ја основа Светската галерија на карикатури.

Освен цртањето на карикатури, Марковиќ почнува да се занимава и со правење на анимирани филмови, што станува негова голема пасија. Во 1975 година преоѓа во „Вардар филм“ и го формира Студиото за анимиран филм.

Во периодот од 1975 до 1985 година за „Вардар филм“ снима околу триесетина анимирани филмови.

„Моите цртани се повеќе од филозофски, езоповски тип“.

Неговата работа е препознаена многу подалеку од родната Македонија, па во 1977 година ја освојува првата роза на фестивалот во Монтре (Швајцарија), Сребрена роза за музичкиот цртан филм „Каша“ во дружтво на авторите на „Мапет шоу“, кои ја освојуваат Златната роза.

Во 1982 година освојува уште една награда на престижниот фестивал во Монтре (еден вид на телевизиски Оскар за забавна програма). Овој пат Бронзена роза за цртан во кој прави пародија на самиот фестивал.

Списокот на награди за неговите анимирани филмови и карикатури и изложби е многу долг. Лично, не сум запознал друг човек кој освоил толку многу награди. За филмовите „Стоп“ и „Граница“ има Златен медал на Југословенскиот фестивал за краткометражен филм, Сребрен змеј за филмот „Циркус“ во Краков, Полска, осум Златни бубамари, награда „Мартини“ за неговите карикатури во Бордигера, Италија, наградата „Крсте Мисирков“, наградата на „Остен“ за животно дело, Награда на здружението на новинарите на Турција на фестивалот Насрадин оџа во Истанбул…

Во 1979 година се раѓа еден од неговите најпрепознатливи цртани ликови, стрип јунакот „Пецко“, кој егзистира и до денес. Најпрво се појави во „Нова Македонија“, па беше во „Дневник“, „Време“, за да се врати пред извесно време во „Слободен печат“.

„Уредниците во „Нова Македонија“ побараа да создадам некој цртан лик. Дедо му на еден од уредниците се викаше Петре, го викаа Пеце, па го модифицирав во Пецко. На уредникот му се бендиса. Од Пецко заработив добро. Во „Дневник“ ме плаќа и по 2.000 евра месечно. Си купив Мерцедес…:)“.

Извесен период е и професор по анимиран филм на Ликовната академија во Скопје, а истовремено работи и како главен и одговорен уредник на културната програма на Телевизија Скопје (денешна МРТВ).

„Бев премногу либерален и станав непожелен за националната телевизија. Ме обвинија дека сум пишувал ирендитистички пароли на оградата од новата зграда на телевизијата која се градеше. На крај излезе дека еден од колегите за илустрација на емисија го употребил афоризмот: „Се е така слободно, да главите просто летат“.

Хајката по партиска линија ме направи заменик уредник. Ми дадоа поголема плата, но ништо не работев. Не сакав за ништо да ми даваат плата. Моето задоволство е работата, а не трошење пари. Најсреќен сум со белата хартија пред мене…Централниот комитет ми дозволи да го цртам Пецко и ми рекоа еве ти сламка низ која ќе можеш да дишеш. Не издржав многу со сламката и заминав во Британија“.

Во периодот од 1987 до 1995 година престојува во Лондон.

„Во Македонија и Британија се е исто. Разликата е во тоа што ние немаме цивилизација. Тоа не се учи и не е поврзано само со култура. Не се случува наеднаш…Кога се вратив дома мислев дека ќе градиме иста таква држава…

И претседателот Киро Глигоров ми рече дека би било добро да се вратам во Македонија, бидејќи се прави нова држава. Министерот Стево Црвенковски пак ми кажа: „Ако не ти се брза, не брзај. Не сме баш готови“. Првиот Пецко кога се вратив го направив со Глигоров. Пецко му вика на Глигоров: еве јас се вратив, не донесов пари, но ти донесов жилети да ги избрчиш неизбричаните млади луѓе, кои ќе ја водат државата…“.

Во 1996 година е дел од тимот кој формира телевизијата „Телма“, која е крстена по негов предлог за име.

„Имав голем оптимизам кога влегов во овој проект. Телевизијата го купи старото големо студио на Телевизија Скопје, и мислев дека ќе се прават грандиозни шоуа. По седум месеци си заминав. Јас сум тешко склоплив тип…“.

Во периодот од 2001 до 2006 го носи Пецко на телевизија. Прави 152 епизоди со јунакот Пецко, кои се прикажуваат на телевизијата А1.

„Пецко е слика на нашата транзиција. Јас ги опсервирам сите досегашни политички структури“.

Марковиќ не е само добар цртач и илустратор. Поденкакво е успешен и во пишување. Има напишано и неколку книги, меѓу кои и „Оче наш-мајко моја„-збирка со афоризми и етиграми, три стрип киниги „Учете англиски“, афтобиографскиот роман „Лична карта“, романот „Балкан во Лондон“…

Марковиќ беше во брак со Афродита (архитект и аниматор) со која има две деца, синот Филип и ќерката Леона.

„Моментално 25% од фамилијата ми е тука. Ќерка ми живее во САД, а син ми е тука. И внуците не планираат да останат тука. Почнаа англиски да зборуваат меѓу себе“.

Интервјуто е преземено од Емагазин  http://emagazin.mk/vesti/vest/23092

Автор: