Култура

Самопромоцијата како заштитен знак

Во Венеција годинава имаме исклучително значајно учество. Тројца македонски актери: Петар Мирчевски, Ратка Радмановиќ и Бајрам Северџан играат во новиот филм на еден од најнаградуваните автори на овие простори, Емир Кустурица, „На млечниот пат“. Со овој филм Кустурица, кој има „Сребрен лав“ за филмот „Црна мачка, бел мачор“ (во кој, исто така, играше Бајрам Северџан), повторно е вклучен во трката за „Златен лав“. Во Сараево, пак, на најзначајниот фестивал во регионот, во филмот на Иван Мариновиќ „Игла под прагот“, кој се бори за „Срцето на Сараево“, Никола Ристановски игра главна улога. А освен Ристановски, кој дефинитивно го носи филмот, игра и Митко Апостоловски, додека оригиналната музика е на Тони Китановски.
Па сепак, никој не прави прес-конференција за сето ова. Не, кај нас стана вообичаено дека прес-конференции се прават само за филмови за кои дава пари Агенцијата за филм. Некако работите одат натаму што учеството на Агенцијата во некој филм или на фестивал станува единствено мерило, а за најзначајно и да не зборуваме. И сите, се разбира, во своите информации што ги испраќаат до медиумите прво што нагласуваат е дека филмот има поддршка од Агенцијата за филм. До каде дојдовме најдобро покажува последниот пример кога на една од телевизиите пред неколку дена одеше информација за снимање нов македонски краток филм, а во кадарот на цел екран (да не ви се верува) стоеше логото на Агенцијата за филм. Тоа е врвот на ова бесрамно, но очигледно потребно додворување на Агенцијата. Впрочем, тоа се резултатите до кои доведе самопромоцијата и начинот на доделување на средства што ги воведе поранешниот директор на Агенцијата, Дарко Башески, а кои сега продолжуваат на ист начин и кои некои филмски работници совршено ги користат.
Така, дојдовме до ситуација да правиме прес-конференција за тоа дека сме малцински копродуцент на романскиот филм „Сиераневада“ на Кристи Пуиу, кој беше вклучен во главната програма на годинешниот Кански фестивал. И никому ништо, сите медиуми ги пренесоа бесмислените информации кажани на прес-конференцијата (бидејќи други и немаше) и сите мислат дека Македонија била во Кан. Токму сега, кога ја пишуваме програмата за претстојниот Венециски филмски фестивал, се прашуваме дали можеби Данска направи прес-конференција бидејќи е копродуцент на хрватскиот филм на Хана Јушиќ „Не ми гледај во чинијата“, кој влезе во програмата „Денови на авторите“, дали Норвешка направи прес бидејќи е копродуцент во филмот на Амат Ескаланте „Нескротен“ или Шведска како малцински копродуцент во холандскиот филм „Бримстон“ на Мартин Колховен (и двата во главна конкуренција), од кој очекувањата се големи (а каде копродуценти се дури пет земји). Дали можеби Германија направи прес за филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски, каде што беше копродуцент, а овој филм во 2001 година ја отвори Венеција. Дали медиумите во Германија пишуваа дека ја отвориле легендарната Мостра!?
Факт е дека сè повеќе филмовите се прават во копродукција со другите земји (со три, четири, пет копродуценти), но треба од нас да учат како да се промовираат. Дека Белгија, на пример, исто така беше во Кан со романскиот филм „Матура“ на Кристијан Мунџиу и дека Катар стигна до Кан преку уште еден романски филм, „Кучиња“ на Богдан Мирица. Не знаат тие дека можат да направат прес-конференција и да кажат дека ќе бидат дел од прес-конференцијата во Кан!?, дека по филмот ќе има коктел и дека во филмските списанија Агенцијата за филм закупила страници…
Неверојатно. Само за споредба, во „Сиераневада“ копродуцент беше и Хрватска (и Босна и Херцеговина и Франција) и во „Јутарњи лист“ пишуваше вака, цитирам: „Хрватска оваа година нема филм во официјалните програми на фестивалот, имаме само нешто ситно, краток филм и копродукција во романскиот филм „Сиераневада“ на Кристи Пуиу“. Инаку, да кажеме дека да се закупи страна во „Варајети“ или „Скрин интернешенел“ не е куриозитет. Тоа го правеше уште Бранко Петровски (тогашен раководител на секторот за филм во Министерството за култура) пред 12 години за филмот на Светозар Ристовски „Илузија“. Но, тогаш никој не мислеше дека реклама за филм или учество на филмски маркет е главна вест, а не споредна и нешто што воопшто и нема потреба да се објавува.
Но, сè се измени со самопромотивните активности на Дарко Башески и со концентрираната (финансиска) моќ во Агенцијата за филм, која продолжува да работи по истиот терк. Па така, денеска сите мислат дека главна вест е дали Агенцијата за филм е присутна на маркетот во Кан или во Берлин и дали таму прикажуваме филм (во закупена сала). А како новост сега нова небулоза и главна вест дека Македонија за првпат била на Канскиот фестивал… Веќе и не се прави разлика и, за жал, никому и не му е важно (што се гледа и од односот кон известувањето од големите фестивали, на кои одат 5.000 новинари од цел свет и, се разбира, известуваат за фестивалот, а не за маркетот, ниту пак се обидуваат да прикажат нешто што не е).
Никому не му е важно кој победи во Кан, каков филм е „Јас, Даниел Блејк“ на Кен Лоуч или извонредната драма на Марен Аде „Тони Ердман“. Никого не го интересира провокативниот филм со кој се отвори годинешниот Карлови Вари, „Антропоид“ или дека таму беа гости Вилијам Дефо и исклучителниот Чарли Кауфман. Но, затоа кај нас имаше наслови од типот „Македонија доби награда за режија во Карлови Вари“ (за словенечкиот филм „Ноќен живот“ на Дамјан Козоле, каде што исто така бевме малцински копродуцент). Да не е тажно ќе биде смешно. Инаку, и лани Македонија доби награда за режија во Карлови Вари (по оваа логика, нели), па дури и наградата „Европа синема лејбл“ за еден од најубавите филмови во регионот, косовскиот „Татко“ на Висар Морина, за што „за жал никому не му текна да прави прес-конференција“.
Кој можеше да помисли дека во нашата земја после толку професионални известувања од големите фестивали во 1990-тите години и во првата деценија од 2000, каде што редовно одеа наши новинари, ќе дојдеме до ова дереџе. Колку беше порано значајно и престижно и колку сите навистина следеа што се случуваше на фестивалите во Кан, Берлин и Венеција и, се разбира, каде реално беше нашето место, без никој од ништо да прави фама или да создава магла. Кој воопшто се осврнуваше на филмските маркети, што впрочем не се прави никаде ни денес. Но, Македонија е преседан и оваа самопромоција (која кулминираше со носење новинари во Кан да известуваат од маркет) и создавање погрешна слика за многу нешта, секако, дека нема долго да трае.
Колку значајни филмови направивме во овој период ќе се види набрзо, бидејќи вредностите остануваат, другото исчезнува. Целата оваа небулоза околу фестивалите и маркетите, а и поновата околу копродукциите, сеејќи магла и нереална слика, набрзо ќе помине. Од дистанца многу појасно ќе видиме што се случувало, иако факт е дека ова е нешто што е и што ќе биде обележје на ова време и на оваа власт.

Автор: Сунчица Уневска

Оригиналниот текст е објавен во plusinfo