Култура

„Војна“ на линијата ЗАМП – Министерство за култура: кривични пријави и силни зборови

Поради основани сомневања за несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената должност, против одговорните лица во Министерството за култура, ЗАМП поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство. Како што информираа од Здружението за заштита на авторските музички права, авторите чии права ги штити ЗАМП, не се изненадени од ова најново незаконско постапување на надлежен државен орган.

„Само се прашуваат до кога Министерството ќе јава на беззаконието, за по секоја цена да ги задржи телевизиите и радијата за свои партнери! А за да си ги прикрие грешките и пропустите на кои постојано им укажуваме, сега е подготвено да ги жртвува и радиодифузерите, зашто бесправно им советува да не ја почитуваат забраната за емитување музика. Во решението за запирање на извршување, Министерството повторно прави намерна „грешка“ и не поведува постапка пред надлежен суд за оцена на законитоста на актот туку, спротивно на законот, упатува тоа да го направи ЗАМП. Иако тоа е од формален карактер, истовремено укажува дека при постапувањето Министерството имало намера и тенденција за повреда на закон“, се вели во реакцијата на ЗАМП.

Авторите во ЗАМП знаат, се вели во соопштението, а Министерството за култура има проверено и потврдено, дека авторите имаат потпишано договори со кои е пренесено остварувањето и грижата за остварувањето на моралните и на материјалните права.

„Авторите преку ЗАМП ќе ги преземат сите потребни правни дејства за да си ги заштитат своите права и ќе поведат постапка против решението на Министерството за култура. Поради незаконските одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и на материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП сè додека судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават надвор од сила забраната за јавно емитување музика“, стои во соопштението.

Министерство за култура вчера донесе решение за запирање на одлуката на ЗАМП.

– Министерството за култура донесе решение за запирање на извршувањето на одлуката на собранието на ЗАМП, со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување. Од надзорот на Министерството за култура над одлуката на собранието на ЗАМП се констатираше дека одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права – се вели во соопштението на Министерство за култура.

Извор: Мета

Автор:

Слични статии