Култура

Предраг Матвејевиќ: Во модерна Македонија не треба да се применуваат сталинистички методи

Повеќе пати кажав дека на нашите простори егзистира некаков хибрид од демократија и диктатура, кој јас го нарекувам „демократура“. Модерното однесување на една модерна држава, за каква што се декларира Македонија, не би требало да има никаква врска со сталинистичките методи. Прислушувањето е сталинистички метод што во актуелниот македонски случај е само технолошки иновиран. Тоа е вистински анахронизам, тоа се минати времиња кога се сееше страв меѓу граѓаните.

 Повод за разговоров со професорот Предраг Матвејевиќ, писател, жива легенда на филозофско-литературните кругови на Хрватска и Европа, инаку еден од најпреведуваните хрватски автори во светот, е излегувањето од печат на неговата нова книга „Граници и судбини“ со поднаслов „За југословенството пред и по Југославија“. Во некои фрагменти се спомнува нашава земја, па дури и едно поглавје им е посветено на Македонија и Киро Глигоров. Во текот на подолгиот разговор во неговиот дом во Загреб разговаравме и за актуелната ситуација во Република Македонија, за проблемот со името и за аферата со прислушувањето, која во последно време драматично ја потресе и ја вознемири македонската, но и пошироката јавност, како и за неговото фамозно писмо до Јосип Броз Тито во 1974 година.

Поранешниот претседател на Република Хрватска Иво Јосиповиќ го именува Предраг Матвејевиќ за претставник на Република Хрватска во Меѓународната организација на франкофонските држави. Деновиве, во стручните кругови неговата книга е оценета како тестаментално дело на Матвејевиќ. Тој пак, самиот вели дека станува збор за неколку тематски поглавја, од кои дел веќе е објавуван (со или без негова дозвола), а за текстовите вели дека се плод на неговите долгогодишни опсервации со цел да ги надмине состојбите што предолго траеле.

Професоре Матвејевиќ, ја следите ли актуелната политичка ситуација во Македонија, бидејќи, како што во една прилика ни споменавте, во Македонија се чувствувате како дома, а и вашата нова книга има доста допирни точки со Македонија? Неодамна, лидерот на хрватската опозиција, Томислав Карамарко (ХДЗ) во Брисел, на прашањето како гледа на мега-скандалот со прислушувањето во Македонија, ја изненади демократската јавност и зазеде став дека не треба да се објавува никакво прислушување и дека дејноста на тајните служби треба да остане изолирана и надвор од дијапазонот на јавноста! Што мислите Вие, како го толкувате тоа?

-Повеќе пати кажав дека на нашите простори егзистира некаков хибрид од демократија и диктатура, кој јас го нарекувам „демократура“. Модерното однесување на една модерна држава, за каква што се декларира Македонија, не би требало да има никаква врска со сталинистичките методи. Прислушувањето е сталинистички метод што во актуелниот македонски случај е само технолошки иновиран. Тоа е вистински анахронизам, тоа се минати времиња кога се сееше страв меѓу граѓаните. Да, токму сеењето страв е суштината на прислушувањето. Јас тоа добро го знам, сум го почувствувал на своја кожа.

Доживував страшни работи, дури во моето поштенско сандаче, во 1995 година, каде што живеам во зградата во центарот на Загреб, ми беа испукани три куршуми од пиштол, како знак на предупредување. Тоа се методи на сеење на страв. Таа формула е позната од времето на сталинизмот. Да бидам искрен, познавав некои келнери, кои кога ќе влезев во кафеана ми даваа знак дека под масата е поставена опрема за прислушување, да внимавам што зборувам. Тајните служби си ја работат работата.

Сашо Георгиевски и Предраг Матвејевиќ

Сметате ли дека со промената на власта во Грција се отвора можност за решавање на проблемот што Република Македонија го има со својот северен сосед? Дека сепак ќе се најде начин од излегување од овој ќор-сокак во кој сме заглавени со години.

-Мора да се најде решение за влез на Македонија во Европската Унија и НАТО. Дојде до промена во политичката власт во Грција и сметам, што се однесува до името, дека ќе се најде решение од страна на новата власт во Грција. Проблемот е апсурден, па грчки збор е „медицина“, и „аптека“, ај сега да не ги користиме оти биле грчки. Водени од таа логика што Грција ѝ ја наметнува на Македонија, би требало да се забрани половина од речникот на европската култура. Името на една територија не значи никакво одземање на територија и земја. Македонија само си го бара своето место под сонцето во ЕУ.

Хрватска е подготвена да ѝ помогне на Македонија, барем судејќи според јавното мислење. Јас останав една вид дисиденција, впрочем како што и бев. Практиката покажува дека би требало да направиме еден сојуз преку кој ќе можеме да комуницираме културно и економски, да ги укинеме граничните тешкотии и да ги развиваме начините за размена на мисли. Јас секогаш укажувам на тоа колку многу изгубивме со распадот на Југославија. Македонскиот стандард падна, Србите живеат полошо отколку во Хрватска. Понекогаш ме фаќа т’га за југ, знаете јас пишувам за Медитеранот, а македонското вино Т’га за југ ми е како еликсир и ми помага да ја искажам мојата тага за југот додека пишувам. Во Македонија се чувствувам како свој на свое. Кога доаѓам во Скопје, се чувствувам како дома. Меѓу своите.

Кога го договаравме разговоров, рековте дека во Вашата нова книга има делови и за Македонија и за Киро Глигоров. Кажете ни за што станува збор?

-Новата книга има посебно поглавје што му е посветено на Киро Глигоров. Таму го забележав сето она за што сметав дека треба да го ставам на хартија и претставува еден вид сведоштво на нашата средба со Киро Глигоров по почетокот на војната со која се распадна нашата заедничка држава Југославија. Војната почна, но сè уште не беше разгорена насекаде, па ние патувавме по целата земја за да видиме што ќе се случи. Одеднаш добив повик од Киро Глигоров. Тој беше единствениот државник, извонреден визионер, што имаше јасна идеја да се собере заедничката интелигенција од Југославија, да се предупреди на опасноста од распадот на заедничката држава.

На средбата се најдоа неколку писатели, бев јас, а од Босна и Херцеговина дојде Изет Сарајлиќ. Глигоров за време на војната не успеа одма да ги спои Македонската академија, писателите и политичарите, не можеа да се соберат, и тој да се советува со нив. Најапсурдни тогаш станаа проблемите со Грците, но и Бугарите, кои не сакаа ни името Македонија да се дозволи. Јас бев многу строг и многу полемичен со нив. Во Загреб веќе интервенирав и во поранешните книги и со писателите.

Рековте дека редовно во Хрватска го консумирате македонското вино Тга за југ. Ве потсетува ли на Струшките вечери на поезијата?

-На оваа манифестација од светски ранг бев шест пати. И секако носам најубави спомени. Како што и претходно реков, Македонија во мене буди многу позитивни спомени. А виното Т’га за југ е прекрасно. Понекогаш се сеќавам на Бродски, кога не ја доби Нобеловата награда. И на Бурат Окуџава, Грузин, кој пишува на руски и пее, неговите песни се прекрасни. Запознав многу писатели од целиот свет благодарение на Струшките вечери на поезијата. Европа немаше подобра и редовна манифестација како што се Струшките вечери на поезијата.

Да се вратиме на „вечното“ прашање, вашето фамозно писмо до Тито во 1974 година?

-Да, да, тоа е веќе многу позната работа, за која е доста пишувано на овие простори. Јас во далечната 1974 година се осмелив и напишав отворено писмо до Јосип Броз Тито (неодамна зборував за тоа и во риечкиот „Нови лист“). Експлицитно му кажав дека би било добро веднаш да се повлече од сите функции и своето богато искуство да им го пренесува на новите генерации. Јасно кажав дека доживотното претседателство е најлошата можна формула и дека по тоа се препознаваат најлошите авторитарни режими. Подоцна, тогашниот висок државен функционер Душан Драгосавац на една средба ми кажа дека Тито внимателно го прочитал писмото, па дури и одлучил да преземе чекори за постапно повлекување. Но Кардељ и неколку личности околу него ги напрегнале сите капацитети и сили за да го спречат Тито во таа намера. А мене, да бидам искрен, ништо не ми се случи. Добро, ме избришаа од партијата, но не завршив во затвор.

И уште едно прашање, почитуван професоре Матвејевиќ. Имено, во обете децении кога живеевте во Франција и Италија, за кои самите велите дека бевте меѓу „азил и егзил“, Вашите доаѓања на југословенските простори беа мошне ризични?

-Токму на таа тема деновиве повеќе пати разговарав со пријатели. Лично мислам, односно претпоставувам дека постоеле определени нешта што ме штителе и засолнувале. Не знам,

можеби мојот ангажман во угледниот медиум „Ле Монд“, демократско француско списание. Во времето на Југославија бев близок со Крлежа, а Крлежа беше близок со Тито. Веќе ви кажав дека самиот Тито јас никогаш не сум го напаѓал, желбата ми беше тој да биде посовршен и полиберален. Јас никогаш не ги анулирав и не ги поништував вредностите на Тито. Гледано од хрватскиот агол, токму тој им ги врати еден Шибеник, Задар или Сплит на Хрватите. Ние во Хрватска треба да бидеме свесни дека тој ја извлече Хрватска од сталинистичкиот систем.

Сашо Георгиевски, дописник од Хрватска

 ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ ЗА МКД.МК објавено на 13 март 2015

Автор:

Слични статии