Култура

Годишнина од смртта на Ристо Шишков

На денешен ден, 17 јули, 1986 година, пред 31 година во Скопје, по долго боледување почина Ристо Шишков. Прославениот македонски актер Ристо Шишков, великан на македонското глумиште,  живееше и создаваше кратко време. Тој почина на 46-годишна возраст кога го достигна врвот на своето актерско творештво.  И покрај тоа, тој оствари впечатливи и брилијантни актерски улоги. Ценејќи ја важноста на делата кои ги остави личноста каква што беше Шишков, градот Струмица стана традиционален домаќин на Фестивалот на камерен театар што со гордост и пиетет го носи името на драмскиот уметник на сите времиња – Ристо Шишков. Во текот на својата 26-годишна професионална кариера, Ристо Шишков играл во 54 театарски претстави, снимил 11 филма (во дванаесеттиот, “Води”, неговата ролја е преснимена), пет телевизиски драми и три телевизиски серии, додека бројот на радиодрамите не може да се утврди, заради непостоечка документација. Безмалку половина од сите ролји што ги одиграл се главни, околу четвртина се насловни: Иванов, Дон Цезар, Мезгрејв, Хелдерлин, Леоне Глембај, Питу Гули, Гоце Делчев…
Едуциран според принципите на театарската школа на Станиславски, односно според онаа варијанта  каква што се практикуваше (како метод) на тогашната белградска Академија, Шишков темелно ги совладал нејзините два најсуштествени методолошки посулата: актерско/творечко самопочитување и фамозниот процес на преживување. 
Неспорно талентиран и неспорно одлично подготвен за својата идна мисија, Шишков најпрво чиракувал во реномираниот театар каков што е Југословенско драмско позориште. Во раните шеесетти години овој театар се уште важел за репрезентативна институција во која има место само за најдобрите, а Шишков е еден од нив. 

Роден е во 1940 година, во селото Мрсна, Серско, Егејска Македонија, во ситуирано трговско семејство. Татко му Васил и најстариот вујко лежеле 4 години затвор на Крит. Во 1942 година Ристо ја доживува трагичната судбина на децата-бегалци. Преку Бугарија во 1945 година неговото семејство доаѓа во Струмица, каде тој се школува. Имал првична намера да студира атомска физика, но наеднаш се премислува, па во 1962 година дипломира на Театарската академија во Белград, на отсекот за глума. По двегодишната работа во Југословенскиот драмски театар во Белград, Шишков доаѓа во Скопје и од 1 октомври 1964 година станува член на Драмата на Македонскиот народен театар. Добитник на една театарска награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп (1977 година) за улогата во претставата „Крчма под зеленото дрво“. Во 1979 е обвинет во навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на Тито, и на 15 јануари 1980 заминува во затвор. По боледување умира на 17 јули 1986 година во Скопје.  Син на Ристо Шишков е познатиот македонски глумец Васил Шишков кој почина во 2014 година на 44 годишна возраст. Ристо Шишков е еден од ликовите во драмата „Вечната куќа“ на Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски. Во првата сезона, ликот на Ристо Шишков го глумеше неговиот син, Васил Шишков. 

Филмографија:

•    1966: До победата и по неа (Главна улога)
•    1967: Каде по дождот (Споредна улога)
•    1967: Македонска крвава свадба (Главна улога)
•    1968: Планината на гневот (Главна улога)
•    1969: Републиката во пламен (Главна улога)
•    1971: Црно семе (Главна улога)
•    1972: Истрел (Главна улога)
•    1975: Јад (Споредна улога)
•    1976: Најдолгиот пат (Главна улога)
•    1981: Црвениот коњ (Главна улога)
•    1984: Нели ти реков (Главна улога)

Автор:

Слични статии