Култура

(Не)културен сон

Сегашната власт не нуди концепт на такви реформи или воведување на нови системи на вредности, уште помалку некаков стриктно дефиниран национален интерес, или барем тоа не го прави така јавно и лицемерно, како што тоа го правеше злосторничконо здружение. Впрочем, во таа влада има доволно паметни луѓе кои знаат дека тоа така не функционира. Едновремено, барем засега, ни актуелниот министер за култура не дефилира со флоскули од типот на одбрана на националниот интерес, не се треска од земја како претходнана заради некакви измислени „македонски вредности“, туку повеќе бара одговор на „предизвиците на модерното време, новите културни наративи, новите технологии, уметнички изрази и новата публика“! И така и треба да биде. Тоа се, впрочем, предизивиците на современата култура. Секој обид државата директно да се замеша во определувањето „што е добро, а што е зло“ – барем во културата и уметноста – неповратно води кон повторна диктатура на лични/групни интереси и/или вкусови. Нема толку паметна држава што може тие проблеми да ги разреши на општо задоволство. Но затоа има, претпоставувам, доволно паметни поединци, учени луѓе, кои слободоумно, но и во името на државата, ако истата ги праша, можат да кажат, што е добро, а што е зло“ во културата и уметноста, кои се и кои треба да бидат ингеренциите на таа држава во културата пред сè и посредно во уметноста, итн.

Засега, Владата и Министерството за култура се држат до некои зацртани политики во нивната предизборна програма. На пример, дека клучните вредности на владината културна политика се слободата на творештвото, еднаквоста и универзалното добро, а најважните движечки принципи се пристапноста, учеството и еднаквите услови и права за сите. Дека концептот на културна демократија, која го промовира учеството на сите граѓани во културата и во создавањето на културните политики е битен за нив, дека културата мора да има прогресивна општествена функција: да поттикнува, да полемизира, да продлабочува, да критикува, да експериментира, да создава нови вредности, итн. Овој концепт е европски тренд во културата и не познава строга контрола од страна на државата, зашто културата по својата природа е отворена кон другите култури, отворена кон сите граѓани. Оваа Влада вели дека не сака да биде авторитарен чинител на културниот живот и главен оперативец во културата како досега, туку само регулатор на општите рамки на културниот систем и на основните цели на културната политика.

Добро, секогаш е полесно нештата да се стават на хартија отколку да се спроведат во пракса. И секогаш е полесно да кажете што не е отколку што е, односно што не е култура отколку што е култура. Во тоа обилно (ќе) ни помага минатото искуство и, за почеток, доволно би било да се избегнуваат сите оние стапици на премногу моќ и пари, нешта што буквално ги спобудалеа претходните.

 Друга работа е како тоа – ако биде спроведено – ќе биде прифатено во разгалената македонска култура којашто себеси се смета за национален интерес број еден – мит потхрануван со децении, а особено последнава деценија. Зашто, кога некој ќе ве убеди дека сте најважната карика во идентитетскиот ланец, дека секој „творечки“ испрдок треба да биде платен со грст златници, дека светот нема поим што е тоа култура и уметност а ние сме тие дадени од господа да го подучиме… тогаш таквите приказни му се удираат од глава токму на оној кој ги сонува. Како во нашиот случај, нели. Нашиот (не)културен сон трае предолго, прескап е и непродуктивен. Ние божем имаме светски уметници, присутни и ценети на елитните сцени, ама на истите сè уште со суво злато им ги плаќаме сите „проекти“, на возраст од четириесетина години им доделуваме статус национален уметник и им исплаќаме секој месец по илјада евра! Тоа, извинете, го немаше ни во најцрниот комуносоцијализам! А колку за споредба: прашајте било кој ликовен уметник кога последен пат видел толку пари за самостојна изложба? Освен ако не е Ацо „Рембрант“, женатаму и некој од таа банда!

Или, како е можно, заради редица „причини“, еден огромен дел вработени во институциите (театрите особено) со години да немаат никаков работен ангажман? Ние во континуитет трупаме институции, а во институциите непотребни и неспособни луѓе кои ја чинат оваа држава големи пари, без обврски и одговорности, без знаења и умеења. Нашите централни институции немаат визија и мисија, немаат развојни програми, не знаат зошто постојат. Односно – знаат, а тоа „знаење“ најчесто се сведува на непродуктивни итромански „програми“ и „проекти“ на раководството и неколкумина околу него. Ние никогаш не сме спровеле истражување дали ваквото нивно постоење се поклопува со потребите на заедницата која им ги подмирува сите потреби, од плати, преку програмски трошоци до материјални издатоци? Со што тие придонесуваат во сопствениот и општиот развој? Кои се целите на нивното постоење, низ што се исполнува нивната мисија во домашната култура? Со што, на пример, беше оправдано отворањето на еден „Театар комедија“? Ни недостасуваше комедија во животот или требаа да се нахранат големите партиски апетити на неколкумина? Или Музеј на македонскиот хорор? Кој воопшто во светот гради институции без солидно културолошко истражување на потребите од истите? Ние, секако, уште долго нема да доживееме одделни културни институции, особено музеите, да бидат самоодржливи или со минимална помош од државата, зашто целото рамниште на културата ни е сè уште премногу ниско. Или е ниско знаењето и умеењето на директорите, сеедно. Но, како да ја вергламе истата плоча, со децении, како да се вртиме на некакво налудничаво тркало, без цел и без резултат. А тоа пак значи дека ни се џабе и темелни вредности, и национални интереси, (детински) самофалби и (лековерни) себепромоции. Културата од тоа нема никаква полза.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Автор; Златко Теодосиевски

Автор:

Слични статии