Култура

Camp David

Се разбира, во политиката, велат, е сè дозволено, па дури и најновата идеја за некакво политичко помирување – не баре се карале како најдолни пазарџики – помеѓу македонските политичари односно помеѓу позицијата и опозицијата. И тоа во Париз. Нешто како европски Camp David! За што и како ќе ги мират останува да видиме.

Но, што врска има тоа со културата? Па има, зашто сето ова што го гледаме околу нас многу наликува на тоа: на културен Camp David! Да, некој ќе каже: и културата е политика односно и во културата има политика. И можеби и тука има простор за мирење? Зашто ние сме, нели, мала култура, па на што ќе личи ако се глочкаме меѓу себе, ако се диференцираме на едни и други и слични будалаштини. Па повторно би се спомнале божем политички одмазди и слични глупости, само нештата да останат какви што се. Нормално, ама ние овде не говоревме, ниту пак говориме за тоа односно за политиката во културата. Сериозна политика во културата би била кога на госпожата „режисјорка“ на политикантскиот памфлет за (божем) неименуваниот ден но гласно именуваниот „злосторнички“ народ НЕ би ѝ дале нови пари за филм. Е тоа би била вистинска политика во културата, и во филмот. Вака – ние говориме само за продолжување на некои чудни инерции, дури збунувачки, да не речам неверојатно неразбирливи. Тоа му доаѓа исто како Симон Трпчевски да го повтори оној циркус по втор пат на отворањето на новиот објект на Македонската филхармонија! (Апропо Филхармонијата: мислам дека државата мораше да побара и да најде сериозен основ и да ѝ стегне тужба на министерката за кредитни картички – авторство на Тричковски – за оние 15 милиони евра долг за објектот! Башка за сите други превари.). Или, зошто па оној улавион алуминизиран „сликар“ повторно да не добива пари за по пет-шест изложби годишно? Та нели е – најбољи, чиста авангарда тоест постмодерна? Или да се најде нов махер да ги преиздаде сите оние „велелепни“ томови на библиотекарон академик и „архитектот“ шизофреник, сега само со нова издавачка куќа и со видоизменет дизајн? А на онаа банда од наши „угледни“ писатели што аминуваа на тој „проект“ да им издаде собрани, избрани, разбрани и неразбрани дела!

И не е само тоа, или тоа е најмалку што може да нè тангира. Кај биле, кај не биле уште 500.000 или 5 милиони евра! Но ние, нели, сакаме да говориме за нови културни состојби и предизвици, кои што ќе се базираат НЕ на наследени права, на партиски релации, на пријателски или којзнае уште какви други односи … туку на квалитет, на демократичност, на компетитивност и на плурализам на интереси и идеи!? Ако македонската култура и по јуни 2017 година продолжува со старите односи и „приоритети“, ако претходната криминална банда ги врзала за неколку години однапред своите пулени со некакви (божем) обврзувачки договори кои што новата власт само ќе треба да ги сервисира – како што впрочем беше случајот со целата програма на Министерството за култура за оваа година – тогаш чуму промени? Па да им ги префрлиме парите однапред за неколку години, да им кажеме на другите да си преспијат уште едно три-четири сезони … па тогаш нека се јават со идеи и проекти.

Ако и тогаш не биде доцна, се разбира, зашто овие дотогаш повторно ќе се залауфаат, ќе фатат не еден туку по три нови приклучоци и ќе склучат договори за уште нови три-четири години, однапред. Тие тогаш ќе бидат така добро вгнездени, нафатирани, напарфимисани со сите можни мириси што нема ни да ја почувствувате или препознаете криминалната реа што се шири околу нив. И која што опасно се заканува да го контаминира целиот македонски културен простор. Зашто, ако македонската култура имала некакви развиени „сензибилитети“ во изминатиов период, тоа е, пред сè, изостреното чувство за пари односно профит, но и чувството да намириса како дуваат ветриштата. А овие ветришта дуваат повторно во едрата на бандата. И тоа културата го гледа, и се прилагодува, повторно се групира, се ококорува. Сите гниди повторно подаваат глави под камењата!

Извор:https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

Автор Златко Теодосиевски

Автор:

Слични статии