Култура

На пазар за стари предмети пронајдени делата на култниот хрватски преведувач на „Алан Форд“

На пазарот за стари предмети во Карловац, младиот стопанственик и колекционер Доминик Хргиќ ги пронашол објавените и необјавените книги, ракописи, делови на дневничките записи, хумористичните цртежи, скиците и сценаријата за телевизија и радио на загрепскиот новинар, книжевник и преведувач Ненад Брикси. 

За ова отркитие на Хргиќ пак, случајно дознал уредникот на драмската редакција на Хрватското радио, Никица Клобучар, барајќи теми за циклусот на документарни радиодрами, па за овој интересен случај заедно со колегите Мара Маркето и Срѓан Ногиќ веќе почна да снима документарна емисија. 

Материјалите што ги открил Доминик Хргиќ биле поделени во неколку картонски кутии и тој ги купил за незначителна сума. Меѓу литературните ракописи ги нашол и пасошот, здравствената книшка, како и членската книшка од Друштвото на писателите на Ненад Брикси – писател, комедиограф, уредник…

Брикси е најпознат по ингениозните преводи на култниот италијански стрип „Алан Форд“ кој беше задолжителна литература за многу генерации на нашите простори. Токму заради тој превод, многу критичари и љубители на стрипот Ненад Брикси го сметаа за коавтор на „Алан Форд“ и најзаслужен за големата популарност на групата тајни агенти TNT.

Како личните документи, работните ракописи со корекции, необјавените ракописи и цртежи на Брикси се нашле на пазар за стари предмети е прашање кое си го поставува и Доминик Хргиќ претпоставувајќи дека не се работи за кражба, туку дека тие материјали завршиле на улица при некое чистење на таван, гаража или стан и биле исфрлени како непотребни. 

Ненад Брикси (1924 – 1984) оставил голем книжевен опус кој никогаш не бил предмет на вистинска книжевно – научна анализа, а неговите криминалистички романи ги интересирале само ретките истражувачи на тнр. тривијална литература.

Освен уредувањето и преведувањето на „Алан Форд“, бил познат и по псевдонимот „Timothy Tatcher“ и по 14-те романи за симпатично смотаниот детектив, од кои најпознат е „На мртвите им е забранет влезот“. Оваа книга во Чешка е објавена во три изданија, во вкупно 140 илјади примероци, што е најтиражен превод на некоја хрватска книга на чешки јазик. Според ова дело во 1970 година била снимена и комедија која и денес се прикажува на чешката телевизија. 
„Не би сакал тој материјал кај мене да собира прашина“, рече Хргиќ. Иако поголемиот дел од пронајдените работи имаат потпис на Ненад Брикси, Хргиќ најавува дека ќе се обиде да контактира со Давор Брикси, синот на познатиот писател за да ја потврди автентичноста на материјалите и можеби да одговори на прашањето како завршиле на улица.

Хргиќ истакнува дека му е тешко да поверува дека некој од членовите на семејството би можел да фрли како стара хартија нешто што е книжевна и ликовна оставина на Ненад Брикси и дека таа ќе доживее ваква „аланфордовска“ судбина.

Пеземено од Окно

Извор: HRT

Автор: