Култура

Горан Стефановски: Сам свој чирак и калфа и мајстор

Кои беа вашите родители?

Нада, актерка и Мирко, театарски режисер. Сјајни, вонсериски луѓе. Мајка ми имаше вонземска емоционална интелигенција, страшен увид во луѓето и лингвистичка пиротехника во изразувањето. Како да беше во натпревар со сите, па и со животот сам. Малкумина беа кадри да ѝ парираат и тоа ја правеше осамена. Татко ми пак, обратно, имаше светло лице, широко срце и филозофска мирољубивост. Возбудлива комбинација.

Во каква куќа пораснавте?

По земјотресот во 1963 се преселивме во финска монтажна куќа во Тафталиџе. И одеднаш се најдов среде скандинавски дизајн. Големи дупли прозорци со ролетни, дрвени текстури, удобни пропорции. Се сеќавам на зимските утра. Татко ми станал во ниедно време да ја запали нафтената печка и да ме разбуди за на училиште. Па јадам леб надробен во топло млеко со страшно многу шеќер. Па потоа отишле забите, е па отишле.

Што сакавте да бидете како дете?

Првата желба ми била да бидам амал. Во Прилеп имаше амали со свиткана черга на грбот, па сакав како нив да носам каучи од продавница до трети спрат. Од каде таква желба, ѓавол знае. Потоа мечтаев да цртам стрипови. А потоа да бидам фотограф, како оној од „Блоу Ап“ на Антониони. Да имам автомобили и жени и гламур, но да бидам благо индиферентен кон сето тоа и да ме мачат само метафизички дилеми.

Кога првпат се напивте?

Некаде во гимназиските денови. Едно по друго, две деци џин, па уште толку вотка. Не знаев дека телото има ограничувања. И тогаш дознав. И од тој ден не можам да помирисам џин, а и не сум многу по вотката.

За што ве бива, а малкумина знаат за тоа?

За пеење. Голем мераклија сум на дебарските песни од репертоарот на баба ми и дедо ми и на Кирил Манчевски и Александар Сариевски. Посебно „Јано мори севдалино“. Во една прилика во Шведска, бевме собрани една интернационална дружина, па некој кажа, ајде секој да запее нешто за душа, песна која го одразува чувството за припадност, за дом. Па јас си ја запеав таа. Се разбира, со затворени очи. И пак ако ме прашаат, пак ќе ја запеам истата. За жал никој веќе не пее. Сите се иронични и мудри и молчат во мрачни клубови затоа што и не може да се разговара од жестоките звучници.

За што воопшто не ве бива?

За играње фудбал, за брзо пресметување проценти и за работи во кои некој постојано ми се меша.

Каква кола возите?

Никаква. Немам дозвола и не возам. Никогаш немав мерак за автомобили. Едно време се обидував да научам, ама инструкторот се погоди љубител за драматургија, па повеќе го интересираше да зборуваме за драмите кои ги пишува одошто да ме научи да возам. Жена ми Патриша е одличен возач и со неа ја имаме прокрстарено Европа. Кога бевме многу млади имавме Спачек па со него патувавме најмалку трипати од Скопје до Лондон и назад. Кога моите деца наполнија 18 години веднаш ги пратив по возачки дозволи, да не се резилат како мене.

Да можете да промените една работа кај вас, која би била таа?

Би сакал на овие зрели години да престанам да се прашувам како е можно да се случува тоа што се случува и да се помирам со фактот дека е можно и дека се случува.

Што правите кога ќе се погледнете во огледало?

Си велам аха, значи тука си, здраво, ич не си ќелав. Ако сум станат на добра нога знам и да си намигнам.

Кој ви е омилен дел од гардеробата?

Фармерки, патики. Крајно демодирано, ама што можам. Мерак од млади денови.

Дали некогаш сте носеле нешто што сега ви се чини смешно?

Панталони ѕвонарки.

Омилено јадење?

Сарми. Не можам да се сопрам, не можам да се заситам, молам да ги тргнат од пред мене. Би изел казан. Смрт од сарми. Блаженство. А сакам и костени во октомври, кога сè е тивко, почнала есен и се прибираме внатре, кон себе.

Која книга ви го променила животот?

Кафка. Го читав во раните години и ме научи колку сè е истовремено и смешно и мачно.

Што читате во моментов?

Книги за Византија. Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.

Кој филм најмногу го сакате?

Тарковски, Фелини, Бергман. Било што од нив. Тоа богатство го чувам заклучено зад седум брави во сеф во банка. Орочено на вечност. Тоа што го гледам секојдневно се разни ојлевци дојлевци, ситен кусур, дневен пазар, што се нашло во џеб.

Што ви е смешно?

К-15. Го сменија нашиот жанр. Нашето себеоплакување го свртија во фарса, во храбра самокритика, која дава снага.

Кога последен пат плачевте?

Кога умре мојот пријател Владимир Крапчев-Крап, славниот дебармаалец и бифеџија на Драмски театар. Како да замина нешто сосем неповторливо од мојот живот.

За што најмногу се каете?

Што сум дал ветувања што не сум успеал да ги исполнам, а и не сум успеал да заборавам дека сум ги дал.

Кој ви е петгодишниот план?

Да си најдам куќа во Македонија, со двор, во кој ќе може да чувам кокошки и од кој ќе се гледаат тополи. И да стасам до следниот петгодишен план. Здравје.

Која поговорка често ја користите?

Карпе дием. Латински израз за „Фати го денот“, или сега или никогаш. Тоа е основната филозофија на младоста. Лепа Лукиќ имаше една песна „Данас си цвет, сутра увела ружа“. Тоа е основната тема на сите сонети на Вилијам Шекспир и опсесивната премиса на ренесансната поезија. Како и на рокенролот. И панкот.

Раскажете го вашиот живот во три зборови…

Работам на случајот.

Што убаво ви се случило во последно време?

Ливерпул. Бев на една конференција минатиот ноември, па отидов на сентиментално патување кај Битлси. Отидов во куќите каде што пораснале, тие се сега под државна заштита. Влегов во сопчињата каде што спиеле. Проверив со кои автобуси оделе на училиште и кој на која станица се качувал и симнувал. Психо-географија. Се разбира отидов во подрумот Каверн, каде што отсвиреле двеста концерта пред никој да знае за нив. Бев сместен во Хотел на Алберт докот, веднаш до големиот Битлс музеј. Ете ви коинциденција! Му ветив на брат ми Влатко дека ќе го честам една посета на Ливерпул, идентична на оваа мојата. И тоа ќе го оствариме, можеби уште зимава.

Каде сакате да патувате?

Грижливо и долго ги планираме фамилијарните одмори. Тие се значајна ставка во буџетот и за нив се штеди цела година. Јас сум опседнат со Медитеранот, тоа е мојот интимен простор: Турција (Мала Азија), Сицилија, Хвар, оваа година Малта. Не ме влечат далечни дестинации, не ми се пишани во овој живот. Нив ги оставам на синот и жена ми, кои патуваа низ Мексико, Перу и Боливија. И на ќерка ми Јана, која токму сега поаѓа на долго патување во Аргентина и Јужна Америка. Но ја вртиме секоја пролет и нашава земја. Во април бевме кај слонот во Прилеп, кај ангелот во Курбиново, во кориите кај Крушево, на ручек во Брајчино. Македонија е континент, малечка е, а сè има. На секои дваесет километри пука нов пејсаж и нов свет!

Кое е вашето хоби?

Музика. Имам илјадници компакт дискови. Ја трупам музиката која сум ја немал кога бев дете. Како човек кој бил гладен, па сега држи три замрзнувачи со храна, само за да не снема, не дај Боже. Ја купував истата музика на винил, па на касети, па на мини дискови, па на ЦеДе, па сега на ремастерирани изданија на ЦеДе. Пред некој ден ги купив комплетите на нови ремастери на Битлси, стерео и моно, јапонска опаковка, мини верзии на оригиналните омоти, чисто уживање, цена – боли глава, ама кој прашува за цена! Па како тоа да не е доволно, симнувам тони музика од интернет. Ќе ми требаат три живота да ги преслушам. Ама си велам, ако, нека се најде. Велат, сé што сакаш да поседуваш, на крајот ќе те поседува тебе. Арно ама затоа кога ќе дојде страшниот суд и ќе се бара отчет од мене, ќе можам да излезам со мојата архива и гордо да кажам: еве ме, спремен сум!

Што ви крева притисок?

Разладниот уред на супермаркетот на „Тинекс“, кој се наоѓа директно преку улица наспроти прозорецот од мојата спална. Тоа ви е еден куп смешно, ‘рѓосано, старо железо кое одамна си го има отслужено своето, ама кое брчи како трактор дење ноќе. Е сега замислете како е тоа во лето, на отворени прозорци, во два наутро. Ги прашувам соседите што да правиме, сите креваат раменици, велат имало да се купат некои тродупли прозорци од некаков Наса материјал. Тинекс пред некој месец славеа 15 години работа. Мислев да им напишам писмо и да ги замолам да не честат нов разладен уред. Ама еве, тоа го правам вака, преку јавно гласило. Аман!

Што прво правите кога ќе дојдете во Скопје?

Ги отварам сите врати и прозорци, пуштам да течат сите славини, ги протресувам чаршафите што биле врз мебелот, ги вадам од сандачето за пошта насобраните сметки, проверувам дали е исклучен телефонот поради неплатени сметки, пуштам музика, седнувам на троседот, ги кревам нозете на масичката и си велам „дома си“. Доста сложена, но веќе одамна добро испробана, ритуална процедура. Но тоа веќе нема да биде потребно. Мојот син Игор сега постојано живее во Скопје. Ги заврши своите постдипломски студии и си се прибра дома.

Што правевте летово во Македонија?

Го чистев подрумот. Му имав страв со години, но конечно му влегов и го освоив. Фрлив купишта стари алишта и детски играчки. Ги вратив во станот сите сандуци книги кои со години сум ги складирал долу за да отворам простор горе. Рударска и валкана работа. И немаш со кого да ја споделиш. Ако те праша некој што правиш не можеш да кажеш во подрум сум и чистам книги. Не делува ниту убедливо ниту занимливо.

Што е Дебар Маало?

Утопија. И тоа во оригиналната смисла на тој збор: у-топос, или не-место. Значи место кое не постои. Па затоа станало точка на носталгија и фасцинација. Паметење кое станало поснажно од стварноста. И самото станало стварност.

Како ви е како професор во Англија?

Тука има две прашања. Прво како професор ми е забавно, но и напорно. Имам огромен број студенти, како на подвижна лента, студенти што учат драматургија и пишување на филмски сценарија во склоп на општи студии по филм, радио и телевизија. Го немам веќе оној луксуз од класа од шест студент секои четири години. А велите во Англија? Обемот на работа е толкав што ми треба време географски да се сетам кај сум. Кога ќе дојдат пријатели и роднини се претварам во туристички водич и го гледам местото во кое живеам низ нивни очи, па ми текнува дека, да, јас сум сега таму. Но во ова време на скајп, имеил и дигитална технологија работите се релативни. На интернет, преку сајтот Зулу, можам да ги следам во живо сите петнаесет канали на македонска телевизија. Смешно ми е што кога сум во Скопје некои мои пријатели ми велат „Ич не гледам телевизија. Повремено гледам Би-би-си.“ Ете гледате дека сè е обратно.

Каков татко сте?

Страствено се обидувам да ги заштитам син ми и ќерка ми од разните непријатности низ кои јас сум поминал како дете. Ми се чини дека во тоа успевам, но тие кутрите воопшто и не знаат кои се тие непријатности од кои јас ги штитам, па и немаат однос кон сета работа. Нив, разбирливо, ги мачат други непријатности, за кои јас сум слеп. И така децата растат додека родителите се зафатени со борба со сеништа и ветерници од своето детство. Така знае тато така кара деца.

Што ново работите?

Пишувам нова драма. Тоа е како градење куќа. Прво правам нацрт, па прибирам материјали, па копам темели, па полека редам тули. Некако би сакал на овие години да имам чираци да ги изведуваат техничките работи наместо мене, а јас да седам под сенка, да ги наѕирам и да се бавам само со мајсторскиот дел. Но нема тоа, па сѐ морам сам. Сам свој и чирак и калфа и мајстор.

На што најчесто мислите деновиве?

На односот меѓу политиката и уметноста. Ако политиката е уметност на можното, тогаш уметноста е политика на невозможното. Јас очекувам од уметниците да ми дадат максимум од невозможното, но очекувам од политичарите максимумот од можното. Не сакам политичари поети кои бркаат уметнички невозможности и поети политичари кои бркаат дневнополитички интереси.

И за крај?

Каков крај ви се молам? Скраја било. Сè е бескрај.

 

 

Мимоза Петревска Георгиевска

Извор: Интревјуто е објавено во „Лајф“, 2008 година

Автор:

Слични статии