Култура

Проблемот со токсичниот отпад и линданот во ОХИС е многу голем за да може земјата сама да го реши

Никој досега не предвидел дека е можно толкаво количество линдан да се остави на отворено, какво што е сегашното во дворот на некогашната фабрика ОХИС во Скопје

Тим на колеги истражувачи од Чешка и од Северна Македонија поставиле апсорбери, на неколку локации низ земјава, за земање проби од воздух за анализа на супстанции – пестициди, диоксини, фурани. Биле поставени во Лазарополе како точка за споредување, Струмица, каде што се користат пестициди, во Битола, во Скопје до ОХИС кај хемиското училиште, до ректоратот и кај Рафинеријата.

„Резултатите за Скопје беа загрижувачки, со високотоксични концентрации! Проблемот е што нема официјално утврдена граница на светско ниво, никој нормален човек досега не предвидел дека е можно толкаво количество линдан да се остави на отворено. Единствено во американската држава Масачусетс, си поставиле сопствена норма, највисока алармирачка граница од 3.000 пиктограми линдан на метар кубен. Но оваа  норма била во Масачусетс била поставена пред 30 години. Ние сме над таа норма!“, вели професорот д-р Трајче Стафилов, од Институтот по хемија при Природноматематичкиот факултет во Скопје.

Резултати од мерења на линдан на одредени локации

 

Владата е на пат да го реши проблемот со депониите во ОХИС

Една деценија од забраната за производство на линданот и повеќе од 30 години складирање на токсичен отпад во кругот на фабриката ОХИС, конечно се наѕира решението за  деконтаминација на овие хемиски супстанци. Министерството за животна средина и просторно планирање на почетокот на јуни, ќе го објави името на фирмата која ќе го врши процесот на деконтаминација на отпадниот материјал од дворот на некогашниот македонски гигант во хемиската индустрија, фабрика ОХИС. Тогаш ќе заврши меѓународниот конкурс, на кој покрај тоа што ќе се одбере кој ќе ја работи деконтаминацијата на токсичниот отпад, ќе се знае и методологијата по која ќе се работи, информираше Сузана Андонова од Канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants) при Министерството за животна средина.

Сузана Андонова од Канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants) при Министерството за животна средина: на почетокот на јуни ќе се знае фирмата која ќе работи на деконтаминација на линданот

Станува збор за близу 50 ооо тони отпадни супстанци, помешани со земја, како остатоци од производство на пестицидот линдан, кој почнал да се скадира во 70-тите години од минатиот век, а после забраната за производство на линдан во 2009 година, кога е ставен на листа како токсична супстанца, големо количество на овој пестицид останал на земјиштето близу погонот каде се произведувал. Така се создале три депонии, од кои за две се знае точната локација. Четврта се наоѓа во населбата Драчево, на неколку километри оддалеченост од фабриката, веднаш до манастирот „Пројавление Руса Среда“. Неколку месеци претходно, беше потпишан Меморандум за соработка  помеѓу Владата на Република Македонија, Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (UNOPS) и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, за заедничка реализација на проектот за чистење на дворните површини на ОХИС во Скопје. Се формираше Фонд преку кој ќе се собираат средства за деконтаминација на овој простор. Паралелно со активностите на Владата и ресорните министерства, се работеше и на будење на свеста кај граѓаните за штетноста што ги носат овие хемиски отпадни супстанци.

„Македонското еколошко друштво, засега одржа две работилници со цел информирање на јавноста за штетноста од овие супстанции, каде беа вклучени трите засегнати општини: Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба. Овие супстанции се група на органски хемиски соединенија, кои се екстремно токсични и многу тешко се разградуваат во природата. Опстојуваат со децении кога се испуштени во животната средина. Преминуваат во подземните води, индиректно во храната преку почвата, а може да бидат и присутни во воздухот и да ги вдишуваме. Имаат многу штетно влијание врз здравјето на луѓето, но и врз животните и живиот свет воопшто вели Светлана Пејовиќ – биолог од Македонското еколошко друштво.

Светлана Пејовиќ – биолог од Македонското еколошко друштво, на трибина за пофигање на свеста за штетноста на токсичниот отпад и линданот

Утврдени се три начини за чистење на токсичните супстанци

Површината на која се наоѓа фабриката ОХИС е 89.77 хектари, (897 700 метри квадратни), од кои контаминираното и загадено земјиште зазема површина со 10.60хектари (106000 м2) поголемата депонија, и помалата депонија опфаќа 5.07хектари (50700 м2),  а тоа е вкупно 15.67 хектари односно 156.700 м2. контаминирана површина.  Овој простор треба да се третира со соодветни апликативни технологии за ремедијација, за кое се задолжува Министерството за животна средина и просторно планирање за постапката за санација на загаденото земјиште во рамките на планскиот опфат.

Претпоставуваме дека ќе има комбиниран избор на технологии. Проценките се дека за чистење на малата депонија ќе требаат 5 години, а за големата 10 години. Според планот, прво ќе се чисти малата депонија, во затворен балон со соодветен притисок за да се спречат дополнителни емисии при ископувањето.

Стручна екипа во дворот на некогашната фабрика ОХИС

„Тој кондензат може да биде согорен автоматски, односно на самото место да се уништи или, пак, може да се спакува безбедно и да се однесе во странство на согорување, меѓутоа целата процедура на пакување и транспорт е долга и комплицирана“, информираше Андонова.

По прочистувањето на почвата планирано е да се изврши биоремедијација, односно чистење со микроорганизми или со растенија, кои ќе го доочистат остатокот од почвата со пониски концентрации на линдан.

Линданот случајно пронајден во крвта на девојчиња со предвремен пубертет предизвикуваат репродуктивни пореметувања и развојни дефекти кај децата.

Дека линданот го нашол патот до луѓето, зборува и истражувањето на д-р Марина Крстевска Костадиновска, од Клиниката за детски болести која со години ги истражува здравствените нарушувања кај децата.

Д-р Марина Крстевска Константинова била одбрана од Европската асоцијација за детска ендокринологија да го продолжи нејзиното усовршување во Лиеж, Белгија, од 1997-1999 година, каде била во тимот што го работел проектот за деца со предвремен пубертет, а како главен акцент бил ставен на усвоените деца, за кои науката не може да го даде одговорот зошто токму кај овие деца пубертетот доаѓа порано. Тогаш биле усвоени 12 органохлоридни пестициди, во кои спаѓа и линданот. Во ова истражување најдовме дека кај испитаниците – децата, во Белгија, е зголемен Ди Ди Ти дериват. По неколку години, откако се вратив на работата на одделението за ендокринологија на Клиниката за детски болести во Скопје, во рамките на мојата докторска дисертација, јас сакав да направам слично испитување кај нашите девојчиња кај кои настапил предвремен пубертет, а тоа и го очекуваа коегите од Белгија. Биле земени примероци на крв од 56 девојчиња од различни делови на Македонија, кои предвреме влегле во пубертет, а најмногу биле од Скопје. Резултатите биле испратени на обработка во Белгија.

д-р Марина Крстевска- Константинова: Резултатите покажаа дека мал процент, од 10 до 15 % имаат деривати на Ди-Ди-Ти, но голем број, скоро сите деца, имааа повисоки вредности на линдан

„Кога ги добивме резултатите сите бевме изненадени. Не се очекуваше дека вредностите на линданот ќе биде покачен. Бевме предупредени од Белгија, кои први реагираа, бидејќи таму се анализираа резултатите, кои покажаа дека нашите деца мал процент, од 10 до 15 проценти имаат деривати на Ди-Ди-Ти, но голем број, скоро сите деца имааа повисоки вредности на линдан. На мое изненадување контролната група имаше поголемо присуство на линдан од испитаничката група.

Линданот кај детето може да предизвика многу големи промени, делува на многу системи и на органи, така што на прво место е нервниот систем: децата може да добијат напади на грчеви и епилептични напади, пореметувања во нивниот развој,  настапот на предвремениот пубертет и проблем со репродуктивниот систем, хормонален дисбаланс. Ова пореметување се јавува и кај машката популација, кога се јавува проблем со сперматогенезата, вели д-р Марина Крстевска- Константинова.

Ова истражување било откриено и објавено во Извештајот за токсичниот отпад од фабриката ОХИС од страна на Министерството за животна средина , издаден во 2014 година, каде стои: „Како неочекуван наод од студијата беа високите концентрации линдан во крвта на испитаниците, дури и во контролната група. Тоа беше причина за преземање на конкретни активности за конечно наоѓање решение за историските загадувања со линданот во земјата.“

Изложувањето на линдан е причина за повеќе видови на рак

Меѓународната асоцијација за истражување на канцер го класифицира линданот во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Сепак, употребата на линдан сега е забранета или ограничена во повеќето земји. Големи епидемиолошки студии од земјоделските изложености во САД и Канада покажаа зголемен ризик од НХЛ Не-Хочкинов лимфом болест, којашто е зголемена за 60% кај оние кои се изложени да линдан. Не-Хочкинов лимфом (исто така познат како не-Хочкинов лимфом, НХЛ, или понекогаш само лимфом) е рак кој започнува во белите крвни клетки наречени лимфоцити, кои се дел од имунолошкиот систем на телото. Сузана Андонова вели дека линданот и сите хемикалии од ПОПс листата од Стокхолмската конвенција имаат слични особини и функционираат на принцип на мимикрија. (Извор: The International Agency for Research on Cancer https://www.iarc.fr/wp-content/uploads/2018/07/pr236_E.pd

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб и болести на крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Кога ќе влезе хемикалијата во организмот, ја препознава како свој хормон, како естроген, тестостерон, прогестерон итн. Кога ќе го препознае како таков, дава одговор и ги зајакнува симптомите на хормонски дисбаланс, а тоа го пореметува репродуктивниот систем. Линданот се таложи во мозокот и предизвикува генетски малформации и ендокрини пореметувања во хипофизата. Изомерите на ХЦХ се канцерогени, имунотоксични и неуротоксични, вели д-р Марина Крстевска- Константинова.

Линданот се уште се користи во целиот свет како фармацевтски производ, шампони, за третман на вошки, најчесто кај децата и животните, или како пудра за контрола на инсекти

Проблемот е глобален, поради широко распространетата контаминација на земјиштето и морињата од шестдецениското производство на линдан

Ние не сме само глобално село во однос на информациите, како што предвиде Маршал МекЛуан, Marshall McLuhan туку сме и во поглед на загадувањето. Сите сме во ист лонец и ги трпиме последиците како резултат на шестдецениско производство на линданот, но и на други хемиски супстанци и отпадок од нив, за што зборува и податокот дека линданот е пронајден и на Арктикот, каде ниту се произведувал ниту се користел. Повеќето производители на линдан се наоѓаат на индискиот потконтинент, каде постои сериозен проблем со загадени води, земјиште и градови, а линдан се произведува и во Кина и во Јапонија. Линданот се уште се користи во целиот свет како фармацевтски производ, шампони, за третман на вошки, најчесто кај децата и животните, или како пудра за контрола на инсекти. Еден од важните проблеми е што овие супстанци долго остануваат во животната средина. Повеќе од 60 години линданот се користел во земјоделието како инсектицид, за контрола на паразити кај добитокот, се третирала почвата, семињата, се користел против наезда на инсекти.