Култура

Игор Лозаноски ја доби наградата „Новите!“ за 2020 година

Жирито за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“, во состав Фросина Крушкаровска, Алекс Букарски и Давор Стојановски, одлучи петнаесеттата награда „Новите!“, за 2020 година, да ја додели на збирката раскази „Исповед на еден телевизор“ од Игор Лозаноски.

Од вкупно пристигнатите 24 ракописи во потесниот круг за наградата влегоа ракописите на шест автор(к)и: Стефан Алијевиќ, Ангела Бошкоска, Ива Дамјановски, Игор Лозаноски, Мила Ноневска и Никола Кузелов.

 

Книгата на Лозаноски, на крајот најдобро оценета, претставува збирка од 25 куси раскази обединети или и проникнати од една клучна тема или расположение: отуѓеноста на модерниот човек во општество кое постепено и видливо се распаѓа, првенствено под растот и тиранијата на технологијата. Во таквото општество технологијата го зграпчува и парализира не само вниманието туку и идентитетот, туку ги претвора корисниците (некогашните „граѓани“) во безлични школки во кои шуштат комуникациски шумови, а се ослободени од одговорност, учество, заедништво, смисла, увид… Во таа смисла, расказите на Лозаноски веродостојно ги рефлектираат тегобноста и неснаоѓањето не само на младите луѓе во нашиот град и држава, туку и пошироко. Пандемијата само го засили тоа пленетарно чувство на тегобност, мошне присутно во книгата „Исповед на еден телевизор“.

Ликовите во расказите на Лозаноски колажно се врзуваат, со што се создава некаков каталог на ликови, неретко стереотипизирани и безлични – но на тој начин потенцирајќи ги некомуникабилноста, атомизираноста и инерцијата на меѓучовековите релации. Во куси, отсечни реченици, ослободени од украси, авторот ги соочува читателите со баналното секојдневие на таа менажерија од ликови, вградувајќи го и својот авторски глас во таа невесела атмосфера. Ликовите трпеливо ги загребуваат и осознаваат околината и градот, се обидуваат да учествуваат во тешко предвидливите промени, но всушност ненамерно ги помагаат истите фактори од кои се турнати во безнадежност.

 

Градот во кој се случуваат расказите наликува на Скопје, но можеби е тоа некакво малку изместено, дистописко Скопје. Зад индивидуалните драми кои немо се расплетуваат – некои од нив директно инспирирани од нашата мачна пандемиска сегашност – тлее тегобна атмосфера на општество кое налудничаво се фрагментира и затвора.

Лозаноски би можел во иднина, ако продолжи да пишува проза, да надмине одредени слабости, јазички, стилски, драматуршки, и да биде поотворен кон играта, експериментот и понеконвенционалните стилски решенија (кои би требало да бидат суштина на секоја уметност, па и на книжевноста).

И покрај слабостите, горе-долу очекувани за еден дебитант, расказите од збирката „Исповеди на еден телевизор“ за нијанса се издвоија од другите пет најдобро оценети ракописи.

Покровител на наградата „Новите!“ веќе петнаесет години, од самиот почеток, е Комерцијална банка, Скопје.

Игор Лозаноски е роден на 07.02.1990 година во Скопје. Дипломирал на Економскиот факултет на катедрата за Менаџмент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Работи во приватна фирма во друга струка. Со поезија и проза аматерски почнал да се занимава од десет години, за веќе на тринаесет години да знае дека е на вистинскиот пат и дека тоа е неговиот сон. Првите почетоци се во 2006 година кога негови песни се објавени во средношколскиот училишен весник Орце Инфо. Досега ги има објавено збирките поезија Така дуваше ветерот – Барок и романтизам (2018) и Плодови на минатото (2020)

Застапен е во повеќе македонски антологии и книжевни списанија, како Раст, Современост, Книжевни Елементи и други. Исповед на еден телевизор е прво негово прозно остварување.

Извор:Окно

Цртежи: Ѓорѓе Јовановиќ

 

Автор:

Слични статии