Култура

Распределени 11 милиони евра за проекти од национален интерес во културата, бузетот е скратен за 3 милиони евра

Министерство за култура ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области. „Им честитам на членовите на комиcиите за нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои беа изложени и за држењето докрај до принципите“, рече денеска во Владата министерката за култура Ирена Стефоска, при претставувањето на резултатите од  Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година.

Претседатели на комисиите кои ги разгледувале пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска; за драмска дејност – Фирдауз Неби; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Емин Гаџа; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Јане Бакевски; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Љуљета Абази; за музејска дејност – Фросина Зафировска и за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

– Убедена сум дека во резултатите од програмата, културната јавност ќе го препознае напорот за напуштање на принципот „по малку за сите“ – таквиот принцип ја обесмислува културата и ја убива креативноста, нагласи министерката за култура Ирена Стефоска.

Првпат, вели таа, одобрени се солидни средства за заштитата на нашето културно наследство. Додаде дека бројни се проектите во програмата со интеркултурен карактер. Одобрени се голем број проекти како поткрепа на заложбата за деметрополизација на културата.
 – Не смее да се очекува овој конкурс да ги реши сите децениски наталожени проблеми. Оттука промените во овој конкурс се само првиот пионерски чекор кон усовршување на целиот систем – нагласи Стефоска.
Таа објасни дека се доцни со соопштувањето на резултатите од објективни причини – работа во ковид-услови и намален буџет од 3 милиони евра, поради поранешни нерегуларности со кои сега се занимаваат надлежните институции. Доделени се толку средства со колку што располага Министерството.
 – Првпат не се преземаат обврски повисоки од буџетските средства – вели Стефоска. За распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнале 6.352 апликации – рекорден број. Стефоска изрази голема благодарност до стручните комисии за нивната непопустливост пред огромните притисоци на кои биле изложени.

  • Седумдесет и три претстави со вкупен буџет од 53.805.640.се поддржани во националните театри во земјава според Годишната програма за култура за 2021.
  • Најголем буџет има претставата „Вишновата градина“ на режисерот Владимир Милчин за во Турски театар, 2,1 милиони денари, па претставата на Зоја Бузалковска за во Драмски театар, 1, 9 милиони денари и проектот од 1,6 милиони денари на Марјан Неќак во Македонскиот народен театар (МНТ).
    Четири претстави ќе режира Драгана Милошевски-Попова (една е префрлена од лани), три Синиша Евтимов,  по две претстави имаат Коле Ангеловски и Љупчо Ѓорѓиевски, како и Васил Христов. Едниот проект на Христов, „Магнолија“ во МНТ ,почна да се спрема во сезоната 2019/2020 и префрлен е за годинава.
  • По подолго време со премиера во Македонија се враќа Дејан Пројковски, кој во Драмски ќе ја постави „Пет часа со Марио“. Во 2018, инспектори од одделот за организиран криминал од Министерството за внатрешни работи по налог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство, започнаа истрага за Пројковски. Тој беше директор на МНТ од 2015-2017, а претходно 4 години беше уметнички директор. Сега е вработен како режисер во МНТ. Резултатите од истрагата до денес не се објавени.
  • Во музичко-сценската дејност, Националната опера и балет (НОБ) доби 3.386.346 денари за Мајските оперски вечери (МОВ), а фестивалот Охридско лето е поддржан со 20 милиони денари.
  • Во музичата област поддржани се 115 проекти, во вредност од 39.400.723 денари. Во ставките на НОБ, меѓу другото е наведено дека ќе има премиера на претстава на мала сцена од алтернативен карактер (500 илјади денари) и премиерата на операта „Палјачи“ од 2 милиона денари.
  • Во проектите на Филхармонијата се насловени концертите, па така на пример има и концерт посветен на Нина Спирова, „Данте 700“, „Аргентинска гитара“.
  • Кај музичките манифестации од национален интерес поддржани се Скопски џез фестивал со 3.2 милиони денари, Офф-фест со 2.01 милиони денари, Алегрето од Тетово има добиено 2.22 милиони денари за „Сцена на албанската музика“, Танц фест Скопје со 1.65 милиони денари, Таксират со 1.8 милиони денари, Д фестивал со 2.01 милиони денари и Интерфест Битола со 1.65 милиони денари, Макфест со 1,35 милиони денари и Денови на македо ската музика со 1,08 милиони денари.
  • Во музејската област се поддржани 219 проекти со 30. 686.750 денари. Меѓу проектите се наведени изложбата „Африкански лица“ во Музејот на Северна Македонија, Конзервација и реставрација на 37 мозаици и 5 графити од Спомен-куќата на Лазар Личеноски, истражување на колекцијата на цртежи на Музејот на современа уметност (МСУ), како и ретроспективна изложба на Петар Хаџи-Бошков.

Автор:

Слични статии