Култура

Централната пошта во Скопје ставена на списокот на најзагрозени споменици во Европа

Централната пошта во Скопје се најде на листата на најзагрозени споменици во Европа за 2021 година. Листата вчера ја објавија Eвропа Ностра – Европскиот глас на граѓанското општество посветено на културното и природно наследство и партнерската организација, Институтот на Европска инвестициoна банка.

Изборот е направен врз основа на значењето на наследството и културната вредност на секое од местата, како и врз основа на сериозната опасност со која се соочуваат. Нивото на ангажираност на локалните заедници и посветеноста на јавните и приватните чинители за зачувување на овие места се сметаат за клучни додадени вредности. Друг критериум за избор е потенцијалот на овие локации да дејствуваат како катализатор за одржлив социо-економски развој, како и алатка за промовирање на мирот и дијалогот во рамките на нивните локалитети и пошироките региони.

Изградена во 1974 година, Централната пошта го претставува модернистичкиот бруталистички архитектонски стил на повоената ера. Таа е дело на ахтитектот Јанко Константинов.

„Моќната конструкција на зградата, изработена од армиран бетон во форма на цвет на лотос, беше наменета да ја симболизира реконструкцијата на Скопје по силниот земјотрес во 1963 година. Зградата преживеа голем пожар во 2013 година, но оригиналното стакло на куполата, муралите, како и мебелот и осветлувањето, или биле целосно изгубени или претрпеле сериозни штети. Зградата денес е уште позагрозена поради неискористеност и влошување на состојбата“, стои во описот за Централната пошта.

Таа беше номинирана за оваа листа од Институт за истражување во животна средина, енергетика и градежништво – ИЕГЕ.

На неа се најдоа и Железничката пумпа на пареа во Ахенси во Австрија, Комплексот на гробишта во Мирогој, Хрватска, Петте Јужно-Егејски Острови во Грција, Градината Џусти во Верона, Италија, Манастирот во Дечани, Косово и Капелата Сан Хуан де Сокуева и Ермитаж, Кантабриа, Шпанија.

„Целта на нашата листа е да го вклучиме алармот за сериозните закани со кои се соочуваат овие места. Од извонреден средновековен манастир до извонредна ренесансна градина, од индустриски и модерни градби до култни културни предели: овие места се важни сведоштва за нашето заедничко минато, меморијата и идентитетот. Во време кога нашиот континент доживува невидена криза, Европа Ностра сака да ја изрази својата солидарност и да им даде поддршка на локалните заедници низ цела Европа, кои се решени да ги спасат овие загрозени богатства. Преку нашата широка паневропска мрежа на членови и партнери, ќе мобилизираме разновидна експертиза и ресурси за да помогнеме во спасувањето на овие места, кои треба да бидат препознаени како моќни вектори на одржлив развој, како и витални алатки за мир и дијалог меѓу различните заедници. Заедно, можеме да го направиме тоа“, рече Гај Клаус, извршен потпретседател на Европа Ностра за време на онлајн настанот.

Лансирана во 2013 година, оваа програма е дел од граѓанската кампања за спасување на загрозеното наследство на Европа. Подигнува свест, подготвува независни проценки и предлага препораки за акција. Исто така, обезбедува грант од 10.000 евра по локација.

Извор: Радио МОФ

Автор:

Слични статии