Култура

ГОРЧЛИВИОТ ВКУС НА СЛОБОДАТА

(Кон претставата „Кој ја уби Џенис Џоплин?“ по текст на Тијана Грумиќ, во режија на Соња Петровиќ и во продукција на Српскиот Народен Театар и Младинската престолнина на Европа, ОПЕНС од Нови Сад. Гл. улоги: Бојана Милановиќ, Соња Исаиловиќ, Вукашин Ранѓеловиќ, Димитрие Аранѓеловиќ, Стефан Вукиќ)

Седумдесеттите години во Америка се време на етеричното flowers powers движење и напливот на дрога, како и ре-актуелизирањето на источната филозофија како начин за достигнување на она што во тоа време се нарекуваше „целосна слобода“. Фестивалот Вудсток и рок, блуз и соул ѕвездите беа музичката провиниенција на таа декада, но сето тоа на некој начин делуваше и девастирачки. Имено, суицидот меѓу музичките ѕвезди беше евидентен и во тој период покрај другите, од животната и музичката сцена заминаа и две големи имиња: Џими Хендрикс и Џенис Џоплин. Нивната погибија сериозно ја затресе тогашната музичка сцена, но ја затресе и цела Америка. Какво беше разбирањето на слободата на целото тоа движење кое духовното го ставаше во прв план и низ музиката се обидуваше барем за миг да го допре оној другиот свет и целата таа интензија, целата таа и филозофска и уметничка констелација ја виуелизираше совршено колоритно и дречливо. Тој начин на живот подразбираше големи емотивни и страствени амплитуди, ефемерност до крај, благо поместување на рационалните граници, но како што се случи со овие две големи музички ѕвезди, сето тоа си го земаше својот данок кој секако дека беше многу висок.

Џенис Џоплин била една од тие бескрајно талентирани рок и блуз пејачки кои својот краток живот го проживеала многу бурно и фуриозно. Претставата по текст на Тијана Грумиќ „Кој ја уби Џенис Џоплин?“ се занимава токму со тоа: кои биле причините за раното заминување на оваа голема музичка ѕвезда. Оваа претстава ја има динамиката на животот на Џенис: фуриозна е и исклучително енергична. Започнувајќи со резок флеш бек, поточно со моментот на откривањето на мртвата Џенис во нејзината хотелска соба во Лос Анџелес. Колоритот на визуелниот наратив на оваа претстава на многу чуден начин не навраќа на нејзиниот животен пат кој не бил ни најмалку лесен, измамите од страна на нејзините најблиски, но враќајќи се на мигот од нејзината смрт, режисерката не потсетува на еден исклучително важен момент во нејзиниот живот, а тоа е: осаменоста. Ова не носи до претпоставката дека тука лежи причината зошто Џенис Џоплин во оваа претстава ја играа две актерки, онаа Џенис од нејзините најмлади години и онаа која веќе длабоко навлегла во градењето на својата кариера. Осаменоста на оваа голема рок уметница е како празнина меѓу ова двојство која како црна дупка се шири и ја обзема целата нејзина инспирација, но создава и една бунтовна млада девојка која со целата своја енергија, со целата своја уметност им се спротивставува на човечката алчност и измама. Оваа претстава обилува со Брехтовски склопени сцени преполни со музика од нејзините бесмртни албуми, но и со еден апсурд кој е прилично натопен во дречливите бои на задушениот реалитет. Тука се сјајните дијалози на двете Џенис, но и бритките сцени кои го прераскажуваат нејзиниот живот. Бојана Милановиќ и Соња Исаиловиќ во режисеркото видување на Соња Петровиќ се два антиподи на Џенис Џоплин: онаа практичната, која знае да процени и онаа етеричната која ги офрла сите разумни решенија и му дава простор на гневот и страста. Мошне интересна е оваа интервенција со оглед на тоа што оваа музичка ѕвезда умира многу млада, на свои 27 години и ја немаме нејзината постара верзија, но го имаме двојството кое зборува за еден внатрешен конфликт до крај апликативен на прашањето во насловот на претставата: Кој ја уби Џенис Џоплин? Двете актерки ја одигруваат Џенис со два различни сензибилитети, но со голема енергија и посветеност. Одлично интерпетираните хитови и емотивните сцени, како и длабоко фундираните коментари се карактеристиките на двете извонредни актерки кои заедно извајаа една Џенис Џоплин, онаква ккаква многу од нас не ја знаевме, Џенис со длабоко оправданата ирационалност и Џенис со големата осамена душа. Наспроти нив се и актерите кои одлично одигруваат повеќе улоги како што се нејзините родители, нејзиниот продуцент итн., така што Вукашин Ранѓеловиќ, Димитрие Аранѓеловиќ и Стефан Вукиќ беа целиот оној свет во којшто Џенис се чувствуваше нелагодно, свет од кој повремено беше отфрлана и конечно свет кого таа реши дефинитивно да го напушти останувајќи во бесконечноста со многу отворени прашања, но и музика натопена со незаборав. Фуриозно раскажаната биографија на Џенис Џоплин изобилува со музика, па така и оваа претстава која завршува со своевиден концерт извонредно отпеан од двете главни протагонистки не би оставила таков впечаток да не се и сјајните музичари: Петар Бањац, Филип Грубач и Игор Сакач кои го донесоа тој нејзин флуиден свет низ нотите што тешко се забораваат.

Еден од сигнификантните моменти на оваа претстава е сликовитата сценографија од која на моменти и самите актери стануваат дел, која е дело на Жељко Пишкориќ, додека богатата со бои костимографија која до последниот атом ги доловува седумдесеттите години е дело на Сенка Раносављевиќ. Ова Брехтијанско визуелизирање е димензија која како неопходна дистанцата што Соња Петровиќ ја нагласува низ коментарите и мултиплицирањето на ликовите се чини, дека е базата врз која е и изградена целата оваа сторија која секако, не одговара на прашањето „Кој ја убил Џенис Џоплин?, но нуди начини на промислување на нејзината осаменост и нејзиното толкување на слободата која таа толку многу ја посакувала, слобода која во нејзиниот случај значела бекство од стегите на овоземската деструкција. Конечно, дрогата и алкохолот кој изобилно се конзумирале во тој период биле некаква лесна измама која наговестувала бекство во некаква друга димензија, некаков свет кој глобално се оправдувал со „слободоумност“ и разбивање на сите бариери. Еби Хофман, еден од седуммината на судскиот процес во Чикаго кој бил поборник на тој пасивен отпор и принципите на ненасилството вели: „Повикот на flowers powers одекнува низ земјата. Нема да овенеме. Нека процветаат илјада цвеќиња“. Во тие цветови чиј колорит се удави во атоналните звуци на психоделиката биле и Џими Хендрикс и Џенис Џоплин. Но, тие овенаа. Овенаа и оние звуци коиј допрва требаше да ги слушнеме, овенаа талентите кои требаше да подарат уште многу хитови, овенаа и намерите после Виетнам да нема други војни затоа што овој правец бил првенствено посветен на борбата против насилството и безумните војни кои не престанаа после таа бура од етеричност потопена во големи количини на дрога и алкохол. Секако, и тоа е едно од низата прашања под насловот на оваа прекрасна претстава која ја отвори загадочната, црна аура на прерано заминатите уметници под која, за жал продолжија да се редат и понатаму, но од сосема други причини: Џим Морисон, Еми Вајнхаус итн. Секако, бесмртноста на Џенис Џоплин и чистата уметност се екстратот на оваа претстава која импонира со многу живост, сјајна актерска игра и слоевити пораки кон сите нас.

Рецензија на Сашо Огненовски