Почетна / Насловна / Став / ЦИКЛИЧНОСТА НА НИКОГАШ НЕПРЕЖАЛЕНИОТ СОЦРЕАЛИЗАМ
ЦИКЛИЧНОСТА НА НИКОГАШ НЕПРЕЖАЛЕНИОТ СОЦРЕАЛИЗАМ
— 2 мај, 2022
(Кон претставата „Цемент“ од Хајнер Милер во режија на Себастијан Хорват и во продукција на Загребачкиот Театар на Младите од Загреб. Гл. Улоги: Ракан Рушаидат, Наташа Копеч, Сретен Мокровиќ, Уго Корани, Пјер Меничанин, Дадо Ќосиќ, Барбара Прпиќ, Петра Свртан, Милица Манојловиќ, Тина Орландини, Миливој Беадер, Ведран Живолиќ, Матео Видек, Тома Медвешек.)
„Цемент“ е драмски текст на Хајнер Милер кој е всушност сценска адаптација на романот на Фјодор Гладков, руски автор чија инспирација е повоениот социјалистички ревизионизам. Гладков е еден од руските писатели кој поминал неколку години во Иркутск, но е и еден од незамолчаните автори гласноговорници на деструктивните процеси во тогашниот комунистичи период, автор кој доживеал и да биде прогласен за „меншевик“. Хајнер Милер направил своевидна, слободна адаптација на овој роман. Пиесата зборува за враќањето на војникот Глеб Чумалов од фронтот кој наместо долгоочекуваниот топол пречек, станува жртва на пост-револуционерното реконструирање. Милер зборува за еден модел на ревизионизам кој за жал стана многу податлив и пренослив кај многу владеачки гарнитури во модерната историја која за свои фундаменти ја имаат „револуцијата“. Оваа пиеса има еден навев на политичката разочараност која ја немекнува уште Шекспир во својот Јулиј Цезар. Секако, ја немаме истата драмска предлошка, ја немаме истата приказна, но го имаме очајот на оние „долу“, безбројните и изгладнетите. Студеното срце на Даша, жената на Глеб, свртените грбови на неговите другари и грозоморната состојба во фабриката за цемент, како и погубните политички пресврти се јадрото на пиесата која некако пророчки зборува за јадењето на децата на револуцијата низ првобитните форми на социјалистичката автократија.
Себастијан Хорват се одлучил за едноставноста на сивилото и жестокоста на зборот и врз тие елементи го изградил својот концепт каде што пост-револуционерната депресија е всушност, матрица и за повоената Југославија, но е на некој начин и матрица за сите ситни револуции кои ни профучија пред носот во последната декада од грешниот дваесет и први век. Неговата режија е еден вид на ламент кон периодот кој циклично се повторува, како период на адаптација на власт со весела хегемонија, власт чија идеолошка определеност за миг не е важна, но власт која потчинетоста ја подразбира многу лицемерно и крајно неотповикливо. Едноставноста на режисерската рака на Хорват има и документаристички вкус, но има и една сурова и децидна редуцираност, една намерна визуелна осиромашеност која по малку потсетува на театарот на Гротовски. Имено, политикантскиот пекол на Глебовото страдање е конгломерат од идеолошки ритуал и емотивно натопен Горкиевски реализам. Тој режисерски хибрид е всушност траекторијата низ која се провлекува таа насетена универзалност на текстот на Милер. Хорват многу децидно ја потцртува доследноста на Милер кон адаптациите кои ги менува многу суптилно и филигрански (истото се случува и со неговата адаптација на Шекспировиот „Макбет“), за да ги отвори сите онтолошки значења на пиесата која ја нема дистанцата на Брехт, но ја има ритуалноста на Гротовски. Оваа претстава се занимава со погубноста од значењето на човекот како класно битие. И Хајнер Милер и Себастијан Хорват говорат за човекот чие страдање станува начин на живот, а алиенацијата е вирус од кого нема лек. Затоа се чини дека целата претстава е исткаена од таа политичка ритуалност и од иронијата на психологизирањето. Цинизмот на Милер, Хорват го преструктуира низ симплифицирањето на самите релации меѓу ликовите, но од тоа прави реалистични пасажи чија доследност всушност зборува за иронијата на соцреализмот како правец кој зазеде голема идеолошка и цивилизациска територија во првата половина на дваесеттиот век. Споменувањето на класниот и политички хибрид наречен Југославија, Хорват го преместува од тој соцреалистички зачаден флуид во едно време кое ги имаше своите политички детски болести и кое остави длабока трага во начинот на живот што од наметнатата параноја се претвораше во летаргија за на крајот да заврши со крвава војна, многу лицемерно преведена како неколку паралелни револуции. Овде станува збор (иако во многу мали честички) и за лошо сфатената демократија која во дваесет и првиот век е цврсто свиткана во новоспакувана автократија. Визуелниот аспект на претставата и неговото сивило говори за таа цивилизациска поместеност која за своја идентичност ја има транзицијата на деведесеттите години и празните фабрики со отпуштените работници.
Актерската енергија е круцијалното ткиво на целата претстава. Тука мислам на Ракан Рушаидат кој својот Глеб Чурналов го гради со една многу силна задушеност на човек кого го изненадува атмосферата и реперкусиите со кои се сретнува при враќањето дома. Тој го води ликот многу сигурно, со цврст израз и извонредна рамнотежа на својот емотивен хабитус добро вмрежен во карактеристиките на главниот лик. Остра и бунтовна, со моќни иронични пасажи е и впечатливиот лик на Даша Чумалова во интерпретација на Наташа Копеч. Со точен актерски израз и со неспорно влијателен сензибилитет, оваа актерка гради еден слоевит лик на жена која се бори со своите интимни чувства истовремено сакајќи да остане доследна на политичките принципи. Наташа Копеч зборува со јазикот на нескротената страст и со иронијата на несфатеноста, така што овој лик е еден од навпечатливите во целата претстава. Тука се наметнува и прекрасно одиграните епизоди на Дадо Ќосиќ, т.е. ликовите на Лошак, Чибис и Офицерот, актер кој со својата пластичност прави од сите тие ликови еден, симбиотички лик на репресивен чинител на таа соцреалистична хегемонија. Останатите епизоди се бисери кои го комплетираат тој комплекс од страдалници и авторитети чија естетски поместена траума е всушност и театарски инструментариум револуцијата да се анализира како механизам што ги јаде своите деца, но не ги голта. Во претставата на Хорват и во драматургијата на Милер гледани од аспект на се поболниот дваесет и први век, таа ги исплукува, извалкани и понижени.
Погоре говоревме за сиромашноста на отворената и гола сцена за чија сценографија се потпишал Игор Васиљев, сцена чиј црно-бел, исенчан колорит е територија во која низ различни реквизити и детаљи се сокриваат сите недозреани и неискусени ниски страсти на политичките гарнитури со призвук на пригушено, но добро аргументирано лудило. Костимографијата на Белинда Радуловиќ зборува за едно графичко решавање на историски децидно обележани костими, додека музичката илустрација на Драго Ивануша импонира со својата ненаметливост освен во кореграфските делници. Она што е впечатливо е корегрфијата на Ана Крајтмаер во која се повторуваат движења од пренесување на цементот па се до удирањето врз камените блокови навестувајќи ја погубноста од политичкото лицемерие означено со „срп и чекан.“
„Цемент“ на Хајнер Милер и Себастијан Хорват говори за еден одамна заборавен хероизам кој води борба за човековото достоинство, а која, за жал, се уште не е завршена. Ритуалноста, помешана со траумата и мета-психолозирањето се чини како да ја растегнуваат дистанцата на Милер кој ни во еден миг не би помислиле дека е некаков апологет на Брехт. Хорват излегува од тој привид и развива претстава чија порака се движи низ каноните на вековното несфаќање на човековата природа од самиот човек. Лабавата и несигурна демократија е само лакмус од лошо водената автократија, нејзина сенка и привид во којшто човекот е најмалку важен чинител, а е единствениот на кого се однесува секоја почитичка и општествена реалност. „Цемент“ зборува токму за тоа, за долгото и истоштувачко траење на апсурдот на автократијата, но и за неможноста да се извлечат поуки од се она што значело цикличност на репресијата и хегемонијата.
Навикнат сум да живеам во комплетно недоразбирање со мнозинството. Порано мислев дека ако дадам сè од себе, во еден момент ќе се разбереме и ќе заживееме среќно и весело до крајот на животот. Тоа кога бев млад. Сега кога сум поискусен, кога можам да ги согледам дури и резултатите од сопствените залагања, јасно ми е…
На 69-годишна возраст почина Александра Слаѓана Милошевиќ, иконата на новиот музички бран во осумдесетите години во поранешна Југославија. Важеше за икона која ги рушеше сите табуа, а на пошироката јавност ѝ е најпозната по хит-нумерата „Принцеза“ која во 1984 година ја сними со Дадо Топиќ. Вистински бум направи со антологискиот хит и спот „Мики, Мики“…
Познатиот српски фотограф Томислав Петернек почина на 91-годишна возраст во Белград. Тој беше носител на највисоките титули во професијата и добитник на повеќе домашни и меѓународни награди, а неговите фотографии беа објавени во најзначајните светски весници, пренесува РТС. Томислав Петернек е роден 1933 година во Винковци, а со фотографија се занимава од 1954 година, пишува…
Денеска по кусо боледување почина еден од највлијателните и најуспешни скопски диџеи, музичари, композитори, текстописци, издавачи и продуценти Мирко Попов. Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите…
Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Објавувањето на добитникот на наградата се одржа денеска во кафе-книжарницата „Буква“, а за победникот одлучуваше жири-комисија составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо…
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа…
(Кон претставата „Поткровје“, по драмскиот текст „Цена“ на Артур Милер во продукција и режија на Александар Ивановски во копродукција со Македонскиот народен театар од Скопје. Главни улоги: Томислав Давидовски, Хари Михајловски, Елена Кузманов, Горан Ников) Двоактната пиеса на Артур Милер е напишана во далечната 1967 година, веднаш по неговите големи пиеси со кои стекнува светска…
(Кон претставата „Бура и продор“ по концепт и режија на Теа Беговска, а во продукција на Интернационалниот театарски фестивал „Скупи“. Главни улоги: Илин Јовановски, Дениз Рустеми, Бојан Лазаров, Миа Кантарџиева Петровска, Тодор Стојковски, Дин Ибрахим) Најпознатата сентенца на Питер Брук во неговото капитално теоретско дело „Празен простор“ вели: „Можам да земам кој било празен простор…